Еден од најактивните вулкани во Русија еруптираше, исфрлајќи облаци пепел пет километри на небото над крајниот исток на полуостровот Камчатка и накратко активирајќи „црвено“ предупредување за воздушниот сообраќај – пренесе агенцијата „АП“.
Вулканот Шивелуч почна да еруптира веднаш по силниот земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди источниот брег на Камчатка рано во неделата, според вулканолозите од Руската академија на науките кои предупредија дека може да следи уште еден, уште посилен земјотрес.
Институтот за вулканологија и сеизмологија објави видео на кое се гледа облакот од пепел над Шивелуч. Се протегаше на повеќе од 490 километри источно и југоисточно од вулканот.
– Вулканот Ебеко лоциран на Курилските острови исфрли и пепел до висина од 2,5 километри – објави институтот.
Не беше директно кажано дали земјотресот ги предизвикал ерупциите.
„Црвениот аларм“ за облакот од пепел накратко ги стави сите авиони во областа на подготвеност, објави тимот за одговор на вулканска ерупција на Камчатка. Во посебен извештај што го пренесе агенцијата „ТАСС“, се наведува дека нема прекини на комерцијалните летови и дека нема оштетувања на инфраструктурата на воздушниот сообраќај.
Земјотресите во таа област би можеле да бидат увертира за уште посилен земјотрес во југоисточна Камчатка, предупредија руските научници.
Институтот за вулканологија соопшти дека потенцијалниот втор земјотрес би можел да се случи „во рок од 24 часа“ со магнитуда приближна до 9,0 степени. Нема извештаи за жртви од земјотресот во неделата, кој се случи на длабочина од шест километри под морското дно со епицентар на 108 километри југоисточно од најблискиот град – според руските служби за вонредни состојби.
Руските медиуми ги цитираа жителите на Петропавловск-Камчатски, пристанишен град со повеќе од 181.000 жители преку заливот од важна руска подморничка база, известувајќи за некои од најсилните потреси „подолго време“.
На 4 ноември 1952 година, земјотрес со јачина од 9,0 степени според Рихтеровата скала на Камчатка предизвикал штета, но нема информации за смртни случаи, иако испратил бранови високи 9,1 метар на Хаваите.