Франција, Белгија, Кипар, Естонија и Унгарија потпишаа писмо со намери за заедничко купување на француските системи за воздушна одбрана Мистрал, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Ова е знак дека Париз напредува во убедувањето на некои од своите европски сојузници да купуваат домашни системи „направени во Европа“, наместо да ги набавуваат од земји надвор од Европа, за што Германија се залагаше како дел од нејзината иницијатива „European Sky Shield“ – пренесе „Танјуг“, повикувајќи се на „Ројтерс“.
– Кога зборуваме за противвоздушна одбрана, би згрешиле доколку побрзаме да го зголемиме капацитетот. Прашањето е пред сè стратешко – рече Макрон на маргините на саемот за воздухопловство во Париз.
Тој додаде дека војната во Украина покажа дека членките на ЕУ можат да испратат во Киев само она што го имаат и произведуваат, бидејќи европското оружје е полесно да се управува на европско тло од оние што доаѓаат од неевропските земји.
Макрон рече дека на долг рок Европската унија треба да има своја стратешка економија, а не да се потпира на Соединетите Американски Држави преку НАТО.
– Клучот за тоа би бил изградбата на европската одбранбена индустрија и набавките во рамките на Европската унија – рече францускиот претседател.