Фото: Игор Бансколиев

Пристапувањето во Европската унија мора да биде процес во кој има согласност меѓу сите политички партии, и од власта и од опозицијата, а најбрзиот пат кон Унијата се напредок во реформите, уставните измени се суверена одлука на државата, порачуваат претставниците на ЕУ. Од Владата, пак, порака дека одговорност за овозможување продолжување на пристапниот процес има секоја политичка партија, со укажување до опозицијата дека вратата останува отворена за нивно приклучување во работната група за изработка на уставните амандмани.

-Има голем број области каде што треба да се направат реформи и само тоа е патот којшто води напред кон ЕУ. Уверен сум дека оваа земја може да ги унапреди реформите и многу сум уверен, цврсто верувам дека приклучувањето кон ЕУ е достижно многу брзо – изјави вчера евроамбасадорот Дејвид Гир наведувајќи дека имаат редовни контакти со различни политички партии кои се дел од Владата, но и од опозицијата.Според него, целото прашање за уставните измени е суверена одлука што треба да ја донесе оваа држава.

-Ние зборуваме за сите прашања коишто се релевантни со сите засегнати страни. Но, уште еднаш би сакал да не навлегувам во поединечни детали за разговорите коишто ги имаме со лидери или членови на политички партии. Доволно е да кажам дека сакаме да ја видиме оваа држава како се движи брзо кон ЕУ, патот е отворен, сега имаме одлична можност и сега е времето да се искористи таа можност како што слушнавте од високиот претставник Борел и од комесарот Вархеји минатата недела – потенцира Гир  по потпишувањето на Договорот за грант од ЕУ со ЕИБ за пречистителната станица за отпадни води во Скопје

Тој при тоа ги издвои реформите во правосудството, каде се потребни значајни чекори за натамошен напредок, за кои што рече ЕУ ќе помогне и финансиски и технички. Евроамбасадорот нагласи дека мора да се осигура дека ќе има правосудство што ќе ја има довербата на јавноста и кое ќе биде независно, професионално и објективно.

-Како што знаете Европската Комисија секоја година има извештај за земјата која го следи напредокот преку граница во областа на реформите поврзани со ЕУ и природно ова длабински го разгледува прашањето за реформите во правосудството и владеењето на правото бидејќи е суштински елемент во пристапниот процес. Токму затоа го следиме развојот во секоја фаза од самото отварање на преговорите до приклучувањето на земјата – рече Гир.

 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на истиот настан, коментирајќи ја одлуката на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествува во работната група за уставните измени, рече дека е жално доколку не учествуваат и дека одговорност има секоја политичка партија и секој политичар, посочувајќи дека вратата останува отворена за нивно приклучување.

-Јас сум убеден дека и во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои го разбираат ова многу добро и кои нема да дозволат да бидат заложници на некаква антиевропска политика. Тоа би било лошо за државата, би било лошо и за најголемата опозициска партија. Ние како Влада сме должни да разговараме,да упатуваме повици и тоа ќе го правиме и понатаму. Нам допрва ни следува разговор за уставните измени и не гледам причина да не учествуваат, па дури и ако се против, дури и ако имаат аргументи против, дајте да ги соочиме на маса – нагласи Маричиќ.

Според него, треба да се искористи шансата што ја имаме со отворањето на преговорите.

– Времето не може да го вратиме, но може да ја искористиме шансата што сега ја имаме и да бидеме успешна приказна – рече Маричиќ.

 

Поддршка од страна на Романија за евоинтеграцијата на земјава вчера изрази специјалниот претставник на оваа држава за Западен Балкан, Адриан Давидоју.

-Специјалниот романски пратеник Давидоју го потврди напредокот кој го имаме направено и изрази очекување дека ќе го искористиме позитивниот политички момент, ќе ги направиме уставните измени и ќе продолжиме со преговарачкиот процес – се наведува во соопштението од владиниот Секретаријат за европски прашања за средбата на Давидоју со Маричиќ.

Подготовката на Стратегијата за реформи во правосудството 2023-2027, како и проектите за дигитализација на судството и обвинителството што во голема мера ќе влијае во сузбивањето на корупцијата и злоупотребите, биле меѓу темите на вчерашната средба на министерот за правда Кренар Лога со амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер.

Како што информират од Министерството за правда, амбасадорот Бомгартнер ги поздравил амбициозните планови на министерот за реформи на целокупниот систем во правда и обвинителство и изрази подготвеност Франција да помогне во сите овие процеси со различна помош, вклучувајќи и екпертската.

Тој исто така го оценил како позитивен ангажманот на министерот Кренар Лога за воспоставување дијалог со опозицијата, почнувајќи од изборната реформа и го охрабрил да продолжи со ваквите процеси  кои се битни за евроинтегративниот  пат на земјата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак го коментираат Извештајот на Стејт департментот на САД за заштита на човековите права во земјава, кој според нив, зборува за висока корупција во сите ешалони на власта. Во однос на судството, отсуството на судска независност и драстично намалена доверба – најниско измереното ниво на доверба во правосудниот систем од независноста на земјата, односно само четири отсто, велат, само ги покажува вистините кои сите ние ги живееме секој ден.

-Извештајот ја лоцира и одговорноста. Екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција, затоа што судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат стапување на сила на институтот застареност. И за ова не е виновно само правосудството, јасно е дека е виновна Владата – рече прес-конференција секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на новинарско прашање во однос на најавата на власта за работни групи за уставни измени и дали смета дека тој процес треба да продолжи  го повтори ставот дека уставни измени во овој пратенички состав и во овие околности нема да има.