СТРАЗБУР НЕ БИ ТРЕБАЛО ДА ПРИМА ДВОРСКИ ШУТОВИ НА ПАДНАТИ ИМПЕРИИ
Ѓорѓи Илиевски – Виш просветен инспектор во пензија
Кога Римската Република почна да пропаѓа, не беше тоа заради надворешни непријатели, туку поради внатрешниот морален распад – триумфот на корупцијата, клиентелизмот и системска негативна селекција. Наместо доблесни државници, на чело доаѓаа полтрони и тајкуни, чии одлуки беа раководени од лична корист, а не од јавен интерес. Така почна крајот на една велика империја. Истата судбина ја снајде и Византија. Во доцниот период, империјата се удави во дворски интриги, партиски поделби и брутална елиминација на компетентни личности. Наметнувањето на неспособни, но лојални функционери, донесе кулминација на институционален распад. Историјата поучува дека ниедна држава не пропаднала само однадвор – вистинскиот пад секогаш доаѓа одвнатре. Денешна Македонија, во пресрет на изборот за нов судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), се наоѓа пред огледалото на сопствената институционална и морална стварност. Дали навистина сме подготвени да испратиме достоинствен претставник што ќе ја симболизира нашата држава во највисоката судска инстанца за заштита на човековите права? Или пак, ќе пратиме уште еден производ на нашата домашна негативна селекција?
Европскиот суд не е кариера, туку вредносна мисија
Според објавениот конкурс од Министерството за надворешни работи, 21 кандидат аплицирал за позицијата судија во ЕСЧП. Условите се јасни: висок морален углед, најмалку 12 години професионално искуство во правосудниот сектор, длабоко познавање на човековите права, и компетентност за вршење високи судски функции. Но, тоа што недостига во критериумите е суштинско – доказ дека против кандидатот не се води никаква кривична или дисциплинска постапка. Во држава со длабоко нарушен кредибилитет на правосудниот систем, ова не е формалност – ова е суштина. Јавноста не може и не смее да заборави дека нашето правосудство се соочи со најголемата афера во својата понова историја – случајот со Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Наместо институција на правда, СЈО стана симбол на рекет, политички пазар и морална деградација. Парите за „ризик на работа“ беа делени не само на обвинителите, туку и на деца на судии, директори и блиски политички врски. И наместо одговорност – молк, или уште полошо, награда со нови функции.
Академијата за судии – расадник на нови дворски чиновници?
Партизацијата на Академијата за судии и обвинители е веројатно најопасниот симптом на долгогодишната негативна селекција. Таа стана институција каде што кандидатите не се избираат според стручност, туку според политичка подобност, роднинска припадност или финансиска моќ. Децата на моќни судии, обвинители и партиски функционери влегуваат преку строго контролирани филтри. Се создава каста, затворена, самовоспроизводлива и одговорна само пред своите спонзори. Тоа е модерна верзија на византискиот двор. И како што тогашниот Константинопол падна не затоа што не беше богат, туку затоа што беше корумпиран, така и македонското судство полека се претвора во нефункционална структура со сјајна форма и расипана содржина.
Европската правда не признава домашни алибија
Советот на Европа јасно го има потенцирано двојниот императив: моралност и квалитет. Тоа не се симболични термини. Тоа се принципи врз кои се темели легитимноста на целата Европска конвенција за човекови права. Кандидатите кои ќе ја претставуваат државата пред судот во Стразбур треба да се пример за независност, доблест и принципиелност. Тоа не се луѓе кои добиле бонуси од партиски договори. Тоа не се кадри со сомнително минато или тајни компромиси. Тоа не се оние што кариерата ја должат на телефонот, а не на знаењето.
Европа сака судии, не дворски шутови.
Оваа порака мора да ја разберат сите – и политичарите и институциите, и кандидатите и јавноста. Во Европа не се добива мандат со домашни шеми. Се добива со докажан интегритет и неспорна стручност.
Учење од другите: Како некои успеаја?
Хрватска и Словенија, на пример, веќе имаат поставено судии во ЕСЧП кои уживаат углед во меѓународната јавност. Тоа не се личности избрани по партиски договор, туку експерти со кариера изградена врз основа на знаење, принципиелност и меѓународно признание. Кога овие држави се соочуваа со избор на судија, доминираше јавна дебата, транспарентност и инклузивност на стручната јавност. Во Унгарија, пак, негативните избори доведоа до меѓународна критика и недоверба кон институциите. Затоа денес таа земја е под постојан мониторинг за владеењето на правото. Македонија мора да избере на кој пат ќе оди.
Македонија мора да го избере патот – или интегритет, или изолација
Затоа прашувам: Дали тројцата кандидати што ќе ги испрати нашата држава навистина се олицетворение на достоинството, правдата и европската идеја? Или се избрани по истите матрици на политички договори, лојалности и молчи-крими компромиси? Ако сакаме Стразбур да нѐ прими со достоинство, мораме дома да расчистиме со хипокризијата. Европската унија и Советот на Европа нема да прифатат лажен блесок. Ќе гледаат низ формата. Ќе прашуваат: Кој стои зад кандидатите? Што е нивниот морален биланс? Дали ја носат Македонија напред или ја влечат назад?
Нема повеќе простор за алиби. Нема веќе можност за симулација. Европа не е наивна, а времето нѐ притиска. Ова не е само избор на судија. Ова е референдум за тоа каква Македонија сакаме да бидеме – достојна или потоната, европска или византиски искомпромитирана, држава на право или држава на договорени неправди.
Последен повик до институциите
Сега е моментот за храброст, не за калкулации. Надлежните тела, особено Владата и Министерството за правда, имаат обврска да го прекинат кругот на негативна селекција. Да обезбедат транспарентна постапка, отворена за јавноста и стручната фела. Да овозможат вистинска проверка на интегритетот, а не само административен преглед на документи.
Има решение – и тоа почнува со волја. Ако се избере судија со чиста совест, неспорно знаење и непристрасна биографија, Македонија ќе испрати порака дека конечно се оттргнува од балканските сенки и зачекорува кон европската светлина.
Сѐ уште не е доцна! Но е последна шанса!