Лидерот на јужнокорејската опозициска Демократска партија, Ли Џа-Мјунг, кој тесно ги загуби претседателските избори во 2022 година, беше избоден со нож во вратот за време на посетата на пристанишниот град Бусан на југоисточниот дел на земјата, по што во свесна состојба беше пренесен во болница. Осомничениот напаѓач веднаш бил уапсен, јавува јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Претставник од Националната универзитетска болница во Бусан, каде што Ли бил однесен околу 20 минути по нападот, рекол дека лидерот на опозицијата бил избоден со нож во вратот, но не е во животна опасност и дека со хеликоптер бил пренесен во Сеул откако добил итна помош и КТ скен – пишува „Ројтерс“.
Портпаролот на Демократската партија на Ли, Квон Чил Сеунг, изјавил дека југуларната вена на Ли е оштетена, и дека постои ризик неговата состојба да се влоши поради можноста за крварење.
Околу 10 часот и 27 минути по локално време, лидерот на опозицијата бил нападнат од непознат маж и повреден на левата страна на вратот додека одговарал на новинарски прашања по посетата на градилиштето на новиот аеродром во Бусан на островот Гадок.
Напаѓачот, кој се преправал дека е еден од поддржувачите на Ли и носел хартиена круна на која пишувало „Јас сум Ли Џа Мјунг“, му пришол на политичарот барајќи автограм, а потоа го нападнал со неидентификувано оружје долго меѓу 20 и 30 сантиметри.
Ли паднал на земја, каде што едно лице притиснало шамиче на вратот во обид да го запре крварењето.
Видеата кои кружат на социјалните мрежи покажуваат како неколку луѓе го бркаат и фаќаат осомничениот, на возраст меѓу 50 и 60 години, кој бил уапсен веднаш по нападот.
Собирот го обезбедувале повеќе од 20 полицајци.
За време на испрашувањето, осомничениот одбил да се легитимира или да го каже мотивот зад нападот на опозицискиот јужнокорејски лидер.
Демократската партија го нарече инцидентот „терористички напад врз Ли и сериозна закана за демократијата“ и ја повика полицијата да спроведе целосна и брза истрага за нападот.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол изрази длабока загриженост за безбедноста на Ли и им нареди на полицијата и релевантните власти брзо да ги утврдат фактите и да вложат максимални напори за брзо транспортирање на Ли во болница и да му обезбедат соодветен третман.
Јун исто така нагласи дека ваквото насилство никогаш не треба да се толерира под никакви околности.