Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку не сте ги следеле цените за конкретни производи во конкретни маркети може и да се збуните дали нешто е поскапено и за колку

И стари и нови цени на основните прехранбени производи, и празни и полни рафтови може да се најдат по македонските маркети. Многи купувачи нема, но во повеќето продавници има многу растрчани вработени кои примаат продукти, ги редат, поставуваат цени. Има и производи за кои се уште не е обележана цената, па не може да се купат.

Доколку не сте ги следеле цените за конкретни производи во конкретни маркети може и да се збуните дали нешто е поскапено и за колку. Така, додека се стави ред, од производите за кои има цена, сончогледовото масло за јадење во поголемите маркети во Скопје се продава од 149 до 189 денари, зависно и од производителот. Цената на белиот леб се движи од околу 35 до 49 денари, пакување шеќер (900 грама) се нуди за 55 до 61 денар, а пастеризираното млекото со 3,2 проценти масленост од различни производители 49 до 65 денари. Едно јајце се продава од 7,9 до 9,2 денари, сол од 19 до 27 денари, ориз од 45 до 55 денари. Кравјото сирење, зависно од производителот се продава од 246 до 329 денари за килограм, кравјиот кашкавал од 330 до 435 денари, а урдата од 117 до 170 денари за килограм.

Прва утринска слика по продавниците: Многу празни рафтови, дел од производите без цена

-Исто како што лудуваат цените, лудува и народот. Мислиш гладен ќе остане, полни корпи, трупа залихи. Ова што беше деновиве по продавници покажува и какви луѓе сме. Има навистина сиромашни за кои може да разберам да прават залихи, но колку се во можност да ги прават. Се надевам дека сега нема да лудуваат трговците па да гледаат да си надокнадат за периодот со замрзнати цени. Јас паметам години на инфлација кога се бараше поевтино, не можеше да се најдат многу работи, но што можеме освен да сме разумни и разбрани – вели 64-годишната Виолета Јакимовска од Скопје.

Од друга страна, на скопските пазари денес состојбата е вообичаена. Пазарџиите велат дека цените за некои производи се и пониски, оти не е пазарен ден.

Од денеска престануваат да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.

Во изминатите три месеци, ДДВ-то за лебот, брашното тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата беше намалено од пет на нула проценти, а на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи.

Фото: Игор Бансколиев / Архива

Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергенсите.

Укинувањето на антикризните мерки се очекува да предизвика пораст на цените на храната и на енергенсите.

Долги колони на бензинските

Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Повисоките цени на горивата вчера направија големи колони возила на бензинските пумпи.

Н.Б.З.