Нема да дозволам името на Гоце Делчев да биде цел на пазарење во рацете на бесрамните политички трговци во Скопје, пишува на социјалните мрежи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски по повод одбележувањето на 120 годишнината од смртта на револуционерот Гоце Делчев.
120 години бесмртност! На 4 мај 1903 година, во битката за селото Баница, кон бесмртноста на големиот син на Бугарија, Георги Николов Делчев, пишува Џамбаски.
– Нема да дозволам името на Гоце Делчев да биде цел на пазарење во рацете на бесрамните политички трговци во Скопје, кои сакаат да ја оправдаат својата антибугарска политика – дополнува во напишаното.
Не треба да заборавиме, додава бугарскиот европратеник во напишаното, дека посмртните останки на големиот бугарски револуционер, бугарските комунисти-предавници им ги предадоа на југословенските бугаромразители по болшевичкиот пуч на 09.09.1944 година.
– Таму Гоце беше одвлечен, затворен, оставен во Скопје. Таму каде што денес има злоба и омраза кон македонските Бугари, кон Бугарите воопшто, кон Бугарија. Време е Гоце да го најде својот вечен мир со семејството. Во спомен обележјето во Благоевград, каде почиваат неговите најблиски роднини – пишува Џамбаски.