Дел од компаниите се враќаат на работа од следната недела. За нив веќе се изготвени протоколи за новиот начин на работење со почитување на мерки за заштита од коронавирусот, а министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека крајот на оваа недела Комисијата за заразни болести ќе ги изготви протоколите за работа на сите компании и институции кои сега се затворени.
– Очигледно е дека бројките на пациенти се намалуваат, епидемијата спласнува и тоа особено не радува и ни дава за право да работиме на олабавување на мерките, постепено да се враќаат на работа субјектите кои се сега затворени. Се изработија протоколи кои се споделија со економски оператори за кои што се наменети. За дел од нив се стигнати и нивните мислења, за другиот дел ги очекуваме овие денови. Верувам дека до крајот на оваа недела веќе сите протоколи ќе бидат завршени врз основа на анализите и дека од почетокот на следната недела тие ќе можат да се применуваат – рече министерот Филипче.
Тој денес уште еднаш објасни дека досега Комисијата за заразни болести не разговарала за можен термин за изборите и нагласи дека одлуките не ги донесува под политички притисок или политички интерес.
– Комисијата ќе препорача дали и кога ќе има услови за избори. Кога и да се одржат ќе мора да бидат според строг протокол од Комисијата. Нема да дозволиме било каква организација која ќе го загрози успешното менаџирање на оваа криза – рече министерот Филипче.