Министерот за здравство, Венко Филипче, во денешното гостување во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5 Телевизија потенцираше дека не постои ниту еден единствен податок дека некој човек се заразил ако ги почитувал мерките.
 
– Не постои ниту еден единствен податок, ниту еден анкетен епидемиолошки лист којшто укажува на тоа дека човек се заразил ако ги почитувал мерките. Правевме анализа и направивме увид, или не се носеле маски или имало голем собир со огромен број на луѓе на мала дистанца, или дистанцата не се почитувала во рамките на малите семејни настани. Ова е уште еден показател дека единствен начин да се заштитиме е почитувањето на овие мерките – рече Филипче.
 
Одговарајќи на новинарско прашање за зголемениот број на новодијагностицираните случаи, Филипче објасни дека во изминатиот период се прави интензивно тестирање на контакти, пред се на оние кои се во висок ризик.  
 

– Здравствениот систем навреме регираше на коронавирусот, со пристап кој значи интензивна анализа и тестирање на сите контакти на новозаразените, пред се оние кои се со визок ризик. Тоа не доведе во ситуација да имаме навистина голем број на детектирани случаи. Под 15 отсто е бројот на дијагностицирани лица кои се наоѓаат на болничко лекување, додека останатите се со полесни симптоми и се наоѓаат на домашно лекување или се целосно асимтоматски случаи.

Асимптоматската трансмисија е една од најголемите слабости насекаде во светот во детектирањето на ширење на вирусот. Затоа заземавме став да имаме вака агресивна стратегија. Идентификување на сите контакти кои имале претходно физички контакт со заболените лица со цел навреме да бидат ставени во изолација, да го пресечеме ланецот на пренос на инфекцијата – изјави министерот Филипче и образложи дека во последните денови, секаде во регионот има пораст за заразни со ковид-19, но не можат да се споредуваат само бројките на нови случаи, без притоа да се земе предвид структурата на здравствениот ситем, стратегијата и пристапот во тестирањето на секоја од земјите.