Ајде да не дозволиме да ни се повтори, да не дозволиме стравот да ни влегува во домовите, да си ја вратиме слободата, да можеме да се ракуваме и прегрнеме, да можеме да дишеме слободно. Да живееме, а не само да преживееме, е новогодишната желба на медицинските работници што го презедоа најголемиот товар од корона-кризата
Медицинарите имаат единствена желба и порака
Борбата со ковид-19 беше најтешка за лекарите, за медицинските сестри, за болничарите. Буквално се претепаа од работа медицинските лица, особено оние во ковид-центрите, кои работеа прекувремено, во смени. Нивната битка сѐ уште трае, а „Нова Македонија“ праша неколкумина, меѓу кои и професорот Никола Пановски, кој во чекор ги следи сите најнови сознанија поврзани со вирусот, што е она што го советуваат населението, а е поврзано со однесувањето на луѓето во претстојната година.
Стојанова Атанасовска: Да внимаваме како се однесуваме
Најлесно и наједноставно ни е да кажеме дека со одминувањето на старата и доаѓањето на новата, 2021 година, ќе замине и вирусот. Дај боже да е тоа така, но навистина не сметам дека е, вели д-р Весна Стојанова Атанасовска, семејна докторка, која работи во ординацијата „Медико-Марија“.
– Ние луѓето треба и понатаму да бидеме свесни за состојбата и да внимаваме како се однесуваме. И понатаму состојбата најмногу зависи од нас како ќе се однесуваме и колку ќе внимаваме. Совет од мене како лекар што секојдневно се бори за животот на пациентите е да бидат внимателни, односно да носат маски, да не се групираат, да избегнуваат поголеми собири. Со еден збор, да бидат совесни, за што побрзо да замине овој вирус. Здравјето е најважно, има време за дружење и продолжување на животот во нормален тек, но само доколку секој во себе има свест за себе и за тој до него. Среќни празници во добро здравје – посакува д-р Стојанова Атанасовска.
Мехмедовиќ: Да си ја вратиме слободата
Додека одбројуваме денови до новата година, треба да се потсетиме на сите лоши работи што доминираа во нашите животи изминатите 12 месеци и на безбројните приказни што ќе ги зачуваме за идните генерации. Тешко беше, нели? Пропативме многу, нели, прашува д-р Злате Мехмедовиќ.
– Тогаш, ајде да не дозволиме да ни се повтори, да не дозволиме стравот да ни влегува во домовите, да си ја вратиме слободата, да можеме да се ракуваме и прегрнеме, да можеме да дишеме слободно. Да живееме, а не само да преживееме. Добар доктор, сестра, болничар е оној што може да го замени стравот од болеста со верба во закрепнувањето. Вашите раце може да направат чуда и молитвите да ги претворат во реалност, и ќе успееме да го пребродиме ова невреме. Бидете силни и останете здрави – вели д-р Мехмедовиќ.
Здравјето, додава тој, не е во работата, шетањето по трговските центри, излегувањето до доцна во ноќта.
– Наместо да ручаме во кафеана, да го направиме тоа дома, да го поминеме попладнето со семејството, да останеме дома. Тоа не е само решение за вирусот, туку е решение за вистинските вредности во нашите животи. Ви посакувам мирна, слободна, здрава, среќна нова, 2021 бесковидна година – додава Мехмедовиќ.
Пановски: Ќе носиме маски и тогаш кога нема да треба
Проф. д-р Никола Пановски, микробиолог од Медицинскиот факултет, кој во чекор ги следи најновите сознанија поврзани со вирусот, лековите и вакцината, смета дека ништо нема да се смени барем во првите шест месеци од новата година и дека сите мерки дотогаш ќе постојат и ќе останат да бидат во сила.
– Кога ќе биде потопло, од април, ќе можеме да седнеме во кафеана, но маските ќе останат како мерка и понатаму. Дури од јуни мислам дека може да се размислува маските да не се задолжителни како сега, во зависност од тоа каква ќе биде ситуацијата. Дури и да се каже да не се носат, луѓето ќе ги носат. Како што ни беше тешко да се навикнеме да ги носиме, така ќе биде тешко и да се одвикнеме од нив – смета професорот Пановски.
Дури и тие што прележале ковид-19, вели Пановски, и кои имаат високи антитела, се плашат и продолжуваат да носат маски насекаде.
– Јас лично познавам такви луѓе во мојата околина. Очекувам дека уште цела година ќе трае оваа ситуација, но ќе биде порелаксирано од пролет. Нема одеднаш сите да влегуваме во маркети и да пазариме без маски. Ништо нема да се промени додека не се намали бројот на новозаразени, односно додека не биде доволно голем бројот на вакцинирани граѓани. Вакцината треба прво да дојде, па луѓето да се вакцинираат, па по две односно три недели следува ревакцина, со што ќе бидат 95 отсто заштитени од ковид-19. Со првата доза пациентот е заштитен 70 отсто, со втората доза – 95 отсто. Ревакцината на „Фајзер“следува по три недели, а на „Модерна“ по две – вели Пановски.
Според него, границите ќе се отворат кога ќе се стабилизира ситуацијата, односно кога ќе се вакцинира поголем дел од населението во државите.