Фото: Игор Бансколиев

Од денеска стапува на сила владината одлука со која се скратува полицискиот час. Тој ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 5 часот наутро, а за време на викендите – од сабота во 15 часот до понеделник во 5 часот.

Секој работен ден, од понеделник до петок, ќе им биде дозволено движењето на граѓаните од 5 часот наутро до 19 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 5 часот наутро.

За лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 5 часот наутро до 12 напладне.

Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот.

Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15 часот в сабота, а ќе трае до понеделник до 5 часот наутро.

В сабота за лицата над 67-годишна возраст ќе биде дозволено движење од 5 часот наутро до 11 часот наутро. В сабота младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12 до 15 часот.

Сите граѓани при пазарење во маркети, одење во банки или на отворени простори, како зелените пазари, од денеска ќе мора да носат заштитна опрема.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера побара и натаму да се почитуваат донесените мерки за социјална дистанца и носење заштитна опрема, која е задолжителна во затворени простории, но и во одредени случаи на отворени места.

– Меките мерки предвидуваат зајакната индивидуална одговорност. Тоа е мерката за држење растојание од 2 метра. Значаен процент од заболените со коронавирус е асимптоматски, тоа значи дека лицето што стои пред вас може да е заболено и да не знае, а само два метра можат да ве заштитат. Следна мерка е носењето заштитна опрема, свилена марама, респираторна опрема, шал, медицинска маска. Тоа ќе овозможи прекин на ширењето на вирусот бидејќи повеќето заболуваат преку кашлање. Оваа мерка ќе важи на територијата на целата држава. Заштитната опрема мора да се носи во маркети, продавници, банки, а на отворените места мора да се носи на зелените пазари и на други места каде што не можете да одржите дистанца од два метра – посочи Спасовски.