Германската канцеларка, Ангела Меркел, предупреди дека бројот на заболени со коронавирус во Германија мора да се намали во следните неколку недели и предупреди дека земјата влегува во најопасната фаза од пандемијата.
Таа вели дека постои ризик од нови, мутирани соеви на коронавирус кои ќе бидат отпорни на вакцините.
Меркел најави дека мора да се воведе ноќен полициски час во сите делови на Германија со голем број нови случаи на коронавирус.
– Влеговме во најопасната фаза на пандемијата. Во следните неколку недели ќе биде разјаснето дали можеме да ја одржиме пандемијата под контрола – рече Меркел, пренесува „Ројтерс“.
Шефот на штабот на германската канцеларка, Хелгe Браун, за германските медиуми потврди дека земјата влегува во најопасната фаза на пандемијата.
– Доколку повторно имаме брзо зголемување на бројот на новоинфицирани, постои голема опасност вирусот да мутира и да стане отпорен на вакцините. Тогаш ќе ни треба нова вакцина и вакцинацијата ќе треба да започне од почеток – предупреди тој.