Политико

Во екот на десетнеделните протести во Хонгконг, Пекинг почна да бара едно необично место за поддршка, а тоа е Европа. Во изминатите неколку дена, кинеските амбасадори ширум континентот стапија во офанзива да ја придобијат Европа на страната на владата во Хонгконг и да бидат против демонстрантите. Како дел од нивната кампања да ги промовираат ставовите на Пекинг, кинеските амбасадори објавуваат свои колумни во локалните весници и јавно ги критикуваат европските лидери затоа што не успеале да го осудат она што тие сакаат да го окарактеризираат како насилни протести. Храброста на кинеските напори покажува дека во очите на Пекинг, Европа е зрела за нови партнерства.

Има причина зошто Кина смета дека Европа може да се убеди. Додека Кина се обидува да ги шири своите авторитарни вредности во светот, а особено кога се засилува конкуренцијата помеѓу Кина и САД, Европа јасно избегнува да застане на страната на САД во однос на Кина. Европските лидери силно се убедени дека можат да ги зачуваат вредностите и нормите кои ги делат со Вашингтон додека истовремено имаат економска корист од поголема соработка со Кина. Ваквиот став е краткорочен и опасен и ја загрозува дипломатијата.

Кина е близок и важен партнер на Европа. Двете страни имаат трговска размена вредна една милијарда евра дневно, а кинеските странски директни инвестиции во ЕУ изнесуваа 29, 1 и 17, 3 милијарди евра во 2017 и 2018 година соодветно. Економската можност која Кина ја нуди, особено за земјите кои економски заостануваа зад Западна Европа, дава силни причини за да се избегне носењето на одлука. Земјите од Јужна и Источна Европа имаат особена корист од кинеските инвестиции кои се дел од проектот „Појас и пат“ и не сакаат да ги загубат.

На ниво на ЕУ, лидерите не беа во можност да одредат јасен курс во односите со Кина. Точно е дека некои земји како Германија и Франција постигнаа напредок во оваа сфера, поточно на почетокот од годинава, ЕУ го нарече Пекинг „системски ривал“, а Европската комисија воведе нова рамка за обезбедување на подетален надзор на кинеските инвестиции во Европа. Иако заедничките изјави и упатства на ниво на ЕУ се позитивен напредок, спроведувањето на упатствата сепак е оставено на членките на ЕУ, кои имаат различни стратегии за Кина. Како што веќе видовме, некои европски лидери сакаат да ги критикуваат деловните практики на Кина и злоупотребата на човековите права додека, пак, другите молчат. Ваквиот недостиг на кохезија ја спречува Европа ефикасно да се справи со предизвиците кои ги создава подемот на Кина, или од јасното застанување на страната на САД на начин што ќе биде потребен за одбрана на заедничките вредности. Недостигот на обединет, силен пристап на Европа во голема мера потекнува од немањето на широк европски консензус за заканата што Кина ја претставува. За разлика од Русија, која незаконски анектираше украинска територија и постојано се меша во европските демократии, Кина има посуптилен пристап во Европа. Покрај тоа, иако Русија е силно присутна на северот од Европа, Кина е порезервирана и не претставува иста директна воена закана.

Кинеските тактики досега го прикриваа (или олеснија да се занемари) фактот што, како Москва, Пекинг ја гледа либералната демократија како закана по неговиот успех и стабилност, а исто така верува дека со слабеење на демократијата, може да се забрза падот на западното влијание.

САД многу малку направија за да ја придобијат Европа. Наместо тоа, администрацијата на Трамп постојано се дистанцира од континентот. Повлекувањето од Парискиот климатски договор и Иранскиот нуклеарен договор, наметнувањето на царини за челик и алуминиум, како и непријателската настроеност кон најблиските сојузници и воедно нарекувајќи ја Европа непријател, САД стануваат помалку атрактивни од порано. Додека Вашингтон е непријателски настроен, Пекинг внимателно ги одбираше чекорите за да биде на вистинското место во вистинското време. Кинеската комунистичка партија (ККП) зборува за хармонија на цивилизациите, се повикува на „вредностите“ кога се дискутираат европските и кинеските заеднички карактеристики и ги слави вредностите на мултилатерализмот. Поради тоа што Кина и Европа сè почесто се наоѓаат на истата страна од конфликтот со Вашингтон, оваа администрација му го олесни патот на Пекинг да се претстави како доверлив и одговорен светски партнер.

Неподготвеноста на Европа целосно да застане на страната на САД ја загрозува либералната демократија. Колку Европа станува поблиска со Кина, толку помал отпор ќе има Кина во нејзините напори да ги трансформира нормите во однос на прашањата за информациите и приватноста, слободата на Интернет, вештачката интелигенција и владеењето. За да ги зачуваат нивните заеднички вредности, САД и Европа истовремено со заеднички сили мора да се борат против неправедните трговски и инвестициски практики, сериозната злоупотреба на човекови права и антидемократски норми и практики кои Кина сака да ги наметне. Ако Европа не сака да одбере страна, тогаш токму тоа е целта на Пекинг. Пекинг одамна сфати дека неговото зголемено економско влијание ќе натера други држави да ја одржуваат рамнотежата со него. Во обидот да се ослаби западното противење на нејзините национални интереси, Кина презеде чекори за да го наруши единството на Европа со САД.

Ако одбере да застане на страната на САД, Европа не значи дека треба да ги изгуби сите трговски и економски врски со Кина. Но ако Европа ги унапредува своите економски врски со Кина, таа мора да биде свесна за ризиците што произлегуваат од нив. Пекинг очекува дека неговото економско влијание ќе се претвори во трајно дипломатско влијание во Европа. Тој ќе ги искористи неговите инвестиции за обезбеди поддршка или барем да ја спречи ЕУ да заземе едногласен став против злоупотребата на човековите права во Тибет, масовното притворање на Ујгурите во камповите за „реедукација“ во Ксинџијанг и геополитичките прашања како што е Тајван и милитаризацијата во Јужното Кинеско Море.

Кина веќе ги користи своите економски врски за да врши притисок врз Европа за да ги прифати нејзините напори за неутрализација на демократијата и заштитата на човековите права. На пример во 2017 година, Грција блокираше изјава на ЕУ во ООН, во која се критикуваше Кина како постапува со човековите права. Ова речиси се должеше на зголемените кинески инвестиции во државата. Сè додека Европа не реши на чија страна ќе застане, во иднина ќе продолжат да се случуваат вакви нешта.
Што ќе се случи ако Европа не реши да заземе страна? Главна тема во дебатата е 5Г-мрежата. Европа треба да го следи примерот на Јапонија, Австралија и на Нов Зеланд и да забрани високо-ризичните фирми како „Хуавеј“ да градат своја 5Г-инфраструктура. Да ѝ се дозволи на Кина, која има долга историја со кражби на интелектуална сопственост, сајбер-шпионажа и немање на независно судство кое ѝ остава простор на ККП да ги искористува кинеските компании за политички придобивки, да игра главна улога во идната 5Г-мрежа во Европа што само ќе помогне во кинеската шпионажа, ќе го загрози американско-европското разменување на разузнавачки материјал и ќе предизвика нови закани од упади во или искористување на податоците. И покрај ризиците, „Хуавеј“ продолжува да се шири во 5Г-мрежата на Европа. Државите како Обединетото Кралство и Холандија дозволуваат употреба на опрема од „Хуавеј“ за дополнителните делови од нивните мрежи.

Европа исто така би требало да соработува со САД за да развијат заеднички одговор на кинеската иницијатива „Појас и пат“ која служи како канал за наметнување на кинеското влијание и тактики. Во оваа сфера, Европа и САД би можеле да развијат заеднички транспарентни, еколошки и општествени стандарди и да ги здружат финансиските ресурси за заеднички да инвестираат во оние држави каде што најмногу се загрозени нивните интереси. Слично на тоа, Европа би можела да соработува со Вашингтон за подобро да ги заштити синџирите на испорака од кинеското влијание. Исто така, Европа и САД би можеле да развијат збир на заеднички правила за заштита на податоци и вештачка интелигенција и остро да ја критикуваат Кина за сериозна злоупотреба на човековите права. Добредојден би бил напредок во која било од овие сфери. Но во суштината на проблемот, Европа мора јасно да му порача на Пекинг дека категорично ќе застане на страната на Америка во одбрана на демократските норми и стандарди.

Дефинитивно има промена во европските ставови за Кина. Европејците се посвесни и загрижени за предизвиците кои ги претставува Кина и презедоа вистински чекори за да се спротивстават. Но пораката што ја испраќа Европа сигнализира дека постои аверзија кон конечното заземање на страна, односно дали тоа ќе биде САД или Кина. Европа мора да реши кои ќе бидат нејзините долгорочни интереси и да не дозволи оваа администрација или привлечноста на економските придобивки да ја спречат да го направи вистинскиот избор, затоа што од тоа зависи опстанокот на либералната демократија.

Подготвила: Билјана Здравковска