Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека останува на ставот дека поскапувањето на струјата ќе биде најмногу до 10 отсто. Тој прецизра дека првично не кажал 10 проценти, туку, вели, најмногу до 10 проценти, а тоа може да биде и нула, и еден и два, па до 9,99 отсто.
-Јас останувам на тоа што сум го кажал и ќе чекаме до крајот на месецот да видиме каква ќе биде одлуката на Регулаторна комисија за енергетика. Ние сме ги направиле сите анализи, и не само јас како министер за економија и другите институции биле вклучени – енергетските компании како што се ЕСМ, ЕВН, МЕПСО и согласно нашите анализи останувам на ставот што сум го кажал. Нема да има зголемување повеќе од 10 отсто – рече Бектеши во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата по завршната конференција „15 години ја олеснуваме трговијата“ по повод едногодишното претсеадвање на земјата со ЦЕФТА.
Дополнително на тоа, за граѓаните, појасни дека веќе почнале да се изработуваат нови модели во делот на одредување на цена на електрична енергија со моделот на блок тарифи каде што, како што рече ќе ги поттикнеме граѓаните да заштедат електрична енергија.
-Тие што се најранливи можеби ќе имаат и намалување во делот на електричната енергија од јуни наредната година, а тие што прават потрошувачка над еден мегават и повеќе од еден мегават што е многу, и тие најверојатно се многу богати семејства што трошат толку многу електрична енергија, за нив ќе се зголеми дополнително цената. Ова го зборувам за јуни имајќи во предвид дека двапати годишно ние носиме одлуки за утврдување на цената на електрична енергија – вели Бектеши.
Тој посочи дека секои шест месеци Електродистрибуција, ЕВН Хоум, ЕСМ и МЕПСО доставуваат барања во делот на покривање на трошоци и во делот на маржите до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и согласно тие барања одлуката ја носи РКЕ каде што ги прифаќа трошоците кои се оправдани.
-Секако дека нивно право е тие не само 100 отсто може да бараат и 2.000 отсто зголемување, но колку ќе се прифати тоа ќе видиме во наредниот период. Јас во однос на зголемување на цената на електрична енергија за првите шест месеци од 2022 година веќе сум дал изјава и стојам целосно зад тоа што сум го кажал – повтори Бектеши.