Почнува четвртата вонредна состојба што претседателот Стево Пендаровски ја прогласи вчера по состанокот на Советот за безбедност.
Вонредната состојба ќе трае 14 дена поради состојбата со коронавирусот.
Пендаровски вчера посочи дека надлежните органи мора да ги санкционираат сите кои не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, бидејќи, на таков начин се остава простор за враќање на кризата. Тој упати апел до Владата, поради зголелемиот број на случаи заразени со коронавирусот да се враќаат рестрикциите во цела држава.
„Оваа битка сигурно ќе ја добиеме. До Владата, негативните трендови забележани во неколку општини не смеат да бидат повод за враќање на рестриктивните мерки во целата држава. Надлежните органи мора да ги санкционираат оние кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, независно од нивната верска и етничка припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и крајно неоправдано, треба сите да ги трпат рестриктивните мерки иако цело време ги почитувале законите и препораките“, рече Пендаровски.
Со новата вонредна состојба, изборните рокови остануваат замрзнати, односно, вонредната состојба ќе трае до 13 јуни. Доколку тогаш, не се донесе одлука за нејзино ново прогласување, тогаш изборните рокови ќе течат, а изборите ќе треба да се одржат на 5 јули.
Пендаровски побара и од лидерите на политичките партии да се договорат за датумот на предвреметните парламентари избори, бидејќи државата не може да функционира само ако има вонредна состојба.
„Државата нема парламент, постои техничка Влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од нив да бидат на историската одговорнсот и да се договорат за датумот на парламентарните избори, за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба“, посочи Пендаровски до политичките лидери.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера по состанокот рече дека институциите мора да превземат одговорност и за парламентарните избори кои треба да се одржат, бидејќи државниот систем треба да биде целосно функционален за да се справува со пандемијата. Според Спасовски, Владата барала нови 14 дена вонредна состојба за да имаат механизми за да го спроведат и третиот пакет економски мерки.
„Во овие моменти кога разговараме, една од причините за нови 14 дена вонредна состојба се темели и на тоа дека треба да носиме одлуки кои ќе значат поддршка на рестартирањето на македонската економија, поддршка на граѓаните, со цел да се надмине ова што ни се случуваше како резултат на здравствената криза“, рече Спасовски.
Според него, граѓаните треба да се свесни и да научат да живеат со пандемијата. Тој кажа дека анализите на експертите и СЗО покажуваат дека коронавирусот ќе има посилен интензитет во текот на есента и зимата, а тогаш, државата не смее да биде оставена без институции кои би функционирале со цел капацитет.
Претседателот на Собрание во заминување, Талат Џафери, посочи дека новите 14 дена вонредна состојба политичките лидери треба да ги искористат за да најдат консензус во однос на датумот за изборите. Тој кажа дека дека ваквата состојба не може да трае до недоглед.
„Општата констатација е дека е потребно дополнително да се продолжи вонредната состојба. Мислам дека ова време за кое што ќе се продолжи вонредната состојба, ќе биде доволно дополнително време лидерите да го искористат за да изнајдат консензус за да одат на предвремени избори. Апелирам до лидерите ова време да го искористат за директна или индиректна комуникаиција, да смогнат сили и во интерес на граѓаните. Според правилата, Собранието може да го врати само граѓанино“, рече Џафери.