Сепак, во пресрет на домашните слави и предновогодишните празници, посочува дека сите собирања и дружби во затворено носат високи епидемиолошки ризици
Д-р Даниловски во пресрет на омикрон
Македонија не треба да се изземе од остатокот на Европа и треба да воведе одредени рестрикции на границите по примерот на Грција. Ова е препораката на епидемиологот Драган Даниловски, во пресрет на предновогодишните празници, со оглед на тоа дека сојот омикрон веќе е присутен во соседството, а се очекува и доаѓање на нашите луѓе од дијаспората.
– Треба да бидеме претпазливи за да добиеме на време и да видиме како омикрон ќе се однесува во другите земји, односно да се види каква клиничка слика ќе предизвика кај заразените. За да го добиеме тоа време треба да се преземат одредени мерки на границите, да се бара ПЦР тест за влез во земјата, без разлика дали се вакцинирани или не. Или, пак, тие што нема да имаат тест, да бидат во седумдневен карантин (не 10 или 14-дневен!). Во тој период на чекање и школите треба да ги ставиме во комбиниран модел на настава – посочува Даниловски.
Вели дека за разлика од другите земји во Македонија изминатите денови има стагнација на нови позитивни случаи.
– Имаме права линија, нема ни покачување, ниту симнување на т.н. седумдневни подвижни просеци. Тоа е заканувачки, нѐ очекуваат епидемиолошки ризични настани во предновогодишниот период, доаѓање на нашите луѓе од дијаспората, чука на портите омикрон, затоа треба да бидеме претпазливи – објаснува тој.
Даниловски не смета дека на „прва топка“, веднаш треба да се затворат ноќните клубови.
– Не може тоа туку така да се препорача, треба да се води сметка и за истрошеноста на луѓето, потребен им е издувен вентил. Затоа, тука треба да се тактизира со воведување на нови мерки. Во сегашниот момент можеби треба да се остават луѓето да се „издуваат“ по кафулињата и рестораните – посочува тој.
Сепак, во пресрет на домашните слави и предновогодишните празници, посочува дека сите собирања и дружби во затворено носат високи епидемиолошки ризици.
– Ако останеше делта, ако не ни се закануваше омикрон, ќе беше добро да се мешаат луѓето, да стекнуваат дополнителен имунитет. Короната за нив ќе беше завршена приказна. Но, тоа ќе беше случај ако останевме само со делта сојот. Не можеме да знаеме како сојот омикрон ќе се однесува, треба да видиме како ќе се развива – додава тој.
Во Грција стапи на сила нова мерка според која, за влез во земјата задолжителен е негативен резултат од ПЦР направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето. Мерката важи за патниците кои влегуваат во земјата, меѓу кои и од Македонија, независно од тоа дали се вакцинирани или не или дали прележале ковид-19. Одлуката е со траење до 10 јануари 2022 година.
Холандија воведува божиќен карантин поради загриженоста за ширење на омикрон.
Сите продавници, освен оние за основни намирници, училиштата, баровите, рестораните и другите јавни места ќе бидат затворени најмалку до средината на јануари.
И другите држави низ Европа ги заоструваат мерките поради брзото ширење на новата варијанта.
Германија поради страв од варијантата омикрон, се придружува на Франција и ги затвора своите граници за повеќето патници од Велика Британија.
Повеќето патници од Обединетото Кралство нема да смеат да влезат во земјата, освен германските државјани, но ќе мора да направат негативен тест при преминувањето на границата и да поминат две недели во карантин без разлика дали се вакцинирани.
Покрај Британија, на листата на земји со висок ризик се и Данска, Франција, Норвешка и Либан, а патувањата од овие земји исто така ќе бидат ограничени.