На општиот пораст на цените најголемо влијание имаше зголемувањето на цените на храната, бидејќи нејзиното учество во инфлацијата во земјите од регионот е во просек околу 42 отсто, додека во ЕУ е околу 20 отсто, а во САД 13,5 отсто. Во интересна анализа на Миладин Ковачевиќ и на Катарина Станчиќ, под наслов „Специфични причини за јазот меѓу инфлацијата во еврозоната и Западен Балкан“, публикувана во „Месечни анализи и трендови“ има интересна аргументација за која вреди да се дебатира
Специфични причини за јазот меѓу инфлацијата во Еврозоната и на Балканот
Месечните стапки на раст на инфлацијата во Соединетите Американски Држави и во Европската Унија укажуваат на нејзино смирување, но не и на Западен Балкан. Очигледно е дека, покрај надворешните шокови, дејствуваат и внатрешни фактори, како и индивидуалните карактеристики на овие економии, кои веќе имаат вкоренето искуство со висока инфлација, наведуваат Миладин Ковачевиќ и Катарина Станчиќ во својата анализа насловена „Специфични причини за јазот меѓу инфлацијата во еврозоната и Западен Балкан“.
Западен Балкан во однос на инфлацијата се соочува со многу посилни ризици и предизвици отколку што е случајот во развиените економии
Во 2022 година, просечната инфлација во САД изнесувала осум, а во ЕУ 8,4 отсто. Во земјите од Западен Балкан, таа се движеше од 6,7 во Албанија до 14 проценти во Босна и Херцеговина, додека во Србија, Македонија и Црна Гора достигна 11,9, 12,6 и 13 проценти, соодветно. Слични стапки на раст на цените – повисоки од просекот во ЕУ – беа забележани и во растечките економии на ЕУ (Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска и Романија). Овој инфлаторен бран, кој започна во 2021 година, во сите земји беше предизвикан од растот на цените на храната и енергијата, прекините во синџирите на снабдување и, воопшто, закрепнувањето на побарувачката по епидемијата. Но зошто постои таков јаз меѓу одредени земји од Западен Балкан и ЕУ? Со оваа појава се занимаваше и ММФ.
Авторите наведуваат дека, како и сите растечки економии, и Западен Балкан во однос на инфлацијата се соочува со многу посилни ризици и предизвици отколку што е случајот во развиените економии. Покрај инфлаторните очекувања, опасност претставуваат и глобалните финансиски мерки – зголемувањето на каматните стапки, но и домашниот монетарен систем, кој е принуден на болни потези во вид на монетарни ограничувања, за да се спречи колапс на целиот систем.
Нервозата на финансиските пазари предизвикува чести одливи на капитал, создава притисоци за намалување на вредноста на домашната валута и општа нестабилност, со истовремено зголемување на домашниот јавен долг и дефицит. Монетарните власти неколкупати ги зголемуваа референтните каматни стапки, а беа преземени мерки за заштита на најранливите категории население (регулирани и усогласени тарифите за електрична енергија, намален е ДДВ за одредени категории храна и горива, воведени се квоти за извоз на одредени производи). Сепак, цените на нафтата се смируваат со месеци, како и цените на другите берзански производи, а развиените економии почнуваат да ги одразуваат овие, како и ефектите од монетарното стегање, додека тоа не е случај во балканските земји.
Големото учество на цените на храната и енергијата во инфлацијата
Авторите на анализата забележуваат дека причината за поголемата инфлација е големото учество на цените на храната и енергијата во инфлацијата, односно тие имале најголемо влијание врз општиот пораст на цените. Учеството на храната во инфлацијата во земјите од Западен Балкан е во просек околу 42 отсто, додека во ЕУ е околу 20 отсто и во САД 13,5 отсто. Високиот удел во расходите за храна е карактеристика на земјите со низок животен стандард, додека во напредните економии, расходите за услуги имаат поголем и доминантен удел во потрошувачката кошница. Учеството на енергетските производи е слично во Западен Балкан и во ЕУ и во просек изнесува околу 16 проценти. Истовремено, во последните две години Западен Балкан бележи значително поголем пораст на цените на храната отколку во ЕУ и помал пораст на цените на енергенсите отколку во ЕУ. Поточно, на крајот на 2022 година растот на цените на храната во ЕУ беше околу 10 отсто, а во земјите од Западен Балкан од 15 на 20 отсто, додека цените на енергентите во истиот период во ЕУ пораснаа за речиси 30 отсто, а на Западен Балкан во просек по околу 17 проценти.
Според ММФ, постојат три главни причини за ваквиот развој на настаните. Основните прехранбени производи, кои претрпеа најголем ценовен шок на меѓународниот пазар поради геополитичката ситуација, проблемите со снабдувањето и минатогодишната суша, кои имаат најголемо учество во категоријата храна на земјите од Западен Балкан, имаа посилно влијание на локалните пазари во земјите од Западен Балкан отколку ЕУ. Неизвесноста, шпекулациите на страната на понудата, зголемената побарувачка и намалената понуда влијаеја на пропорционално поголем пораст на цените на храната во однос на другите категории на потрошувачката. Следната причина се државната регулатива и контролата на цените на храната и земјоделските производи, кои се послаби во земјите од Западен Балкан отколку во ЕУ, поради што пазарните механизми посилно реагираа на недостигот и зголемената побарувачка. Дополнителна причина е најголемата суша во 2022 година на Балканот (пред сѐ во БиХ и Србија), која значително придонесе за растот на цените на земјоделските култури и храната на локалните пазари.
Клучно е потпирање на своите домашни извори на енергија
Што се однесува до пониската инфлација на изворите на енергија, според анализата, земјите од Западен Балкан главно се потпираат на домашното производство на енергија (особено Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија). Природниот гас, кој поскапе најмногу во последната година, има релативно помал удел во потрошувачката на енергија отколку во ЕУ. Најголемо влијание и најсилно прелевање од глобалниот пазар имаше кај цените на бензините, што резултира со зголемување на цените на транспортот во Западен Балкан, слично како и во ЕУ.
Во врска со ова, и наши соговорници, економисти и професори апсолутно потврдуваат дека е потребно е да се создаде силен и независен домашен енергетски систем, кој ќе произведува електрична енергија по пониска цена за домашната индустрија.
Во истиот контекст, тие го нагласуваат што подоброто искористување на природните ресурси, кои сега, со влегувањето на странските компании, се извезуваат како суровина, без да се преработуваат во домашни преработувачки капацитети.
Истото тоа се однесува и на развојот на земјоделското производство, преку заокружување на целиот производствен процес, производство на наша, домашна храна на сите нивоа, од одгледување до преработка во готов производ за странските пазари. Р.Н.М.