Истражување за енергетската диверзификација на ЕУ
Војната во Украина ги принуди Европејците да го сменат однесувањето во врска со енергијата. Преку усвојување на многу сериозен стратегиски пристап кон нивната енергетска безбедност ги идентификуваат и ги предвидуваат решенијата за предизвиците што претстојат. Опсерваторот и анализаторот на енергетски зделки (Energy Deals Tracker) на порталот ЕЦФР го следеше процесот на енергетската диверзификација на ЕУ – и ги идентификува предизвиците што претстојат
На безброј начини, војната во Украина ги принуди Европејците да ја преиспитаат геополитиката – пред сѐ енергетската политика како една од најтрансформираните области. Од февруари 2022 година, тие бараат алтернативни снабдувачи на енергија за да ја пополнат празнината што ја остави Русија. Но Европејците мора да се грижат да го продолжат овој процес на диверзификација заедно со постратегиски пристап кон енергијата.
Од јануари 2022 година, т.н. Следач на енергетски зделки (Energy Deals Tracker) на порталот ЕЦФР ги означува главните енергетски зделки за кои Европската Унија и нејзините земји-членки преговарале со партнери низ светот. Следачот на енергетски зделки фрли светлина врз три клучни стратегиски предизвици за енергетската политика на блокот. Тие ја вклучуваат потребата за: – градење поразновидни и поотпорни енергетски односи; – зајакнување на партнерствата со блиските соседи; и – да се усогласи ова со климатските приоритети на ЕУ.
Што се однесува до диверзификацијата, земјите-членки на ЕУ, според анализата, успеаја да ги прошират своите можности, иако тоа ги соочи со незгодни прашања за тоа кога и како да работат со земји што тие самите, односно Западот ги квалификува како „автократии“.
Понатаму, Европејците ја зајакнаа соработката со северноафриканските држави, иако, според претставници од Унијата, има уште многу да се направи во овој поглед. И за усогласување на енергетската безбедност со климатските активности, Следачот на енергетски зделки (на порталот ЕЦФР) откри оскудна координација меѓу земјите-членки на ЕУ и релативно мал број договори, кои ја имаат за приоритет чистата енергија. Има напори да се поправи ова, но сепак треба да покажат резултати.
Разбиена дилемата „да се соработува со други земји, оквалификувани од Западот како автократии“?
Следачот на енергетски зделки го документира растечкото потпирање на ЕУ на блиски сојузници, како Норвешка и Соединетите Американски Држави. Сепак, земајќи ја предвид само побарувачката за енергија на ЕУ, таа не може да си дозволи да купува енергија само од земји со, според нив, „силни досиеја за демократија и човекови права“. Навистина, од 122 договори идентификувани од Следачот на енергетски зделки, 37 се однесуваат на земји што од Западот се сметаат за „неслободни“.
Затоа, предизвикот за Европејците е да разберат кога можат да инвестираат во енергетски партнерства со авторитарни земји – како Катар, Саудиска Арабија или Азербејџан – и како да го направат тоа, како што велат, „без да се откажат од одбраната на човековите права“. Како се гледа од ЕУ на тие предизвици? Имено, според Следачот на енергетски зделки, еден начин да се избегне врзување на сопствените раце кога се работи со автократии е „да се диверзифицираат партнерите; од оваа перспектива, охрабрувачки е да се види дека ЕУ повеќе не ги става сите свои јајца во една кошница“. Друг начин е „да се изградат повеќе меѓузависни партнерства, обезбедувајќи ѝ на Европа доволно простор за да остане гласна за досиејата за човековите права на нејзините партнери“. И на крајот, „овие партнерства треба да се засноваат не само на економски туку и на заеднички надворешнополитички интереси“.
Клучното значење – Северна Африка
Второ, ЕУ не може да избега од својата географија. Затоа треба да го разбере клучното значење што еден одреден регион – Северна Африка – го има за неговите пошироки геополитички интереси. Мароко, Алжир, Тунис, Либија и Египет, во различен степен, веќе играат клучна улога во снабдувањето на земјите на ЕУ со нафта и гас. Следачот на енергетски зделки потврдува дека 17 од 122 зделки се со северноафрикански земји. Но голем дел од Европа треба да се откаже од навиката да ја идентификува Северна Африка само со снабдување со фосилни горива и миграција.
Во иднина, овие држави би можеле да станат главни снабдувачи на Европа со чиста енергија и електрична енергија. Ова бара градење стабилни партнерства – а со тоа и убедување на северноафриканските земји дека е во нивен интерес да ги зајакнат нивните врски со Европа, а не, на пример, со Кина.
За да успее, ЕУ ќе треба да гледа подалеку од енергетската соработка и да понуди посеопфатни партнерства со своите соседи. Но иако зеленото партнерство ЕУ – Мароко е ветувачки чекор во таа насока, сличен договор со Алжир сè уште не е реализиран. ЕУ и нејзините земји-членки треба да ја насочат својата енергија на интензивирање на нивните односи во овој регион.
Клима на акција: учење да се изградат „вистински пријателства“
Конечно, светот посветува големо внимание на тоа што значат новите енергетски договори на ЕУ за климатската агенда на блокот. Од 122 договори идентификувани во Следачот на енергетски зделки на ЕЦФР, 61 се посветени на природен гас – но само 17 од нив вклучуваат компонента за чиста енергија. Без доволен приоритет даден на чистата иднина во новите енергетски договори на ЕУ, Европејците ризикуваат да се обврзат на увоз на валкани горива некомпатибилни со нивните зелени амбиции.
Во усогласувањето на енергетската безбедност со климатските цели, ЕУ се соочува со тешки прашања, како на пример дали вреди да се инвестира во удвојување на капацитетот на гасоводот што носи природен гас од Азербејџан; дали треба да планира толку многу терминали за ЛНГ; или дали навистина треба многу да се обложи на недокажаната водородна технологија, за која се планира да се пренамени дел од инфраструктурата.
Но ЕУ треба да бара партнерства што ќе им служат на двете цели – на пример, со разделување области на соработка за климата со земјите од Заливот и со другите енергетски партнери. На крајот на краиштата, европските партнери често имаат свои климатски амбиции и би можеле да станат не само „пријатели на Европа во потреба“, снабдувајќи ја со фосилни горива – туку и нејзини „навистина пријатели“, споделувајќи слични цели поврзани со климата. Ова ќе обезбеди терен за стабилни и реципрочни зелени партнерства.
За да се случи ова, еден од главните предизвици (со кој ЕУ почнува да се справува, на пример, преку заеднички набавки на гас) е координацијата. Двете цели на климатските цели и енергетската безбедност би можеле да се здружат во идејата за „одржлива енергетска безбедност“ на европско ниво. Но во моментов, практиката е често расфрлана и кратковидна – исто така прикажана во следачот преку мноштво различни европски играчи, кои бараат договори со исти надворешни партнери, како што се Катар или Обединетите Арапски Емирати.
Разбудени од шокот од војната во Украина, Европејците бараат нови партнери и подобри партнерства. Но – гледајќи ги само нивните нови зделки за енергија – има уште многу учење (и одучување) пред нив.