Сегашниот притисок во Бугарија да брза со обезбедување долгорочен договор за енергетска стабилност во пресрет на зимата се спротивставува на идејата за заедничка набавка на гас од ЕУ. Според политички и енергетски експерти, тоа исто така може да го промени балансот на моќта на Балканот. Самиот почеток на преговорите (Софија – „Газпром“) може длабоко да ги поткопа европската солидарност и единство
ЕУ вџашена: Новата преодна влада во Софија ќе ги продолжи преговорите со руски „Газпром“?
Поминаа повеќе од три месеци откако „Газпром“ еднострано го прекина снабдувањето со гас за Бугарија и за Полска – првите земји-членки на ЕУ што останаа без гас од Русија. Бугарија го издржува летото покривајќи ги потребите за гас од алтернативни извори. Но по падот на Владата во Бугарија, новата преодна влада сега се навраќа кон преговорите со „Газпром“.
На овој чекор на преодната влада во Софија му претходеа два настана.
Прво, бугарскиот гасен оператор „Булгаргаз“ почна сѐ погласно да алармира за недостиг од гас, а националниот регулатор јавно повика „брзо да се обезбеди долгорочен договор за да се обезбеди сигурност за снабдувањето оваа зима“.
И второ, во изјавата на рускиот амбасадор во Софија се порача дека „Русија е подготвена да продолжи со продажбата на гас за Бугарија – во рамките на исполнување на обврските од долгорочниот взаемен договор што требаше да истече наесен“.
Сегашниот притисок во Бугарија да брза со обезбедување долгорочен договор за енергетска стабилност во пресрет на зимата се спротивставува на идејата за заедничка набавка на гас од ЕУ. Според политички и енергетски експерти, тоа исто така може да го промени балансот на моќта на Балканот. Самиот почеток на преговорите (Софија – „Газпром“) може длабоко да ги поткопа европската солидарност и единство.
Со евентуална одлука на бугарската влада би биле препознатливи можни „две оски на соработка“, чиј отклон е во две дијаметрално спротивни насоки.
Прво, оската на соработка Атина – Софија – Букурешт ќе поддржи силна про ЕУ, енергетска независност и висок удел на обновливите извори на енергија. Меѓутоа, ако Софија, под сегашната техничка влада, се преориентира кон соработка (Анкара) – Софија – Белград – Будимпешта, ова може да ги намали или да забави многу од предложените мерки од ЕУ и да ја повлече Бугарија во прегратките на Русија (анти ЕУ), што ја загрозува европската енергетска безбедност како целина.
Во моментов, Бугарија се потпира на „Турскиот тек“ како единствена маршрута за снабдување со гас, бидејќи протокот преку Украина е прекинат. Новиот гасен интерконектор со Грција може да го диверзифицира изборот на доставувачи и маршрути за Бугарија оваа зима надвор од „Турскиот тек“, а со тоа Бугарија да ја намали зависноста од Русија, а со тоа и ранливоста на ЕУ. Н.М.