Жителите на Арачиново излегоа пред канцелариите на ЕВН во Скопје во знак на протест откако неколку дена се без електрична енергија. Градоначалникот на Арачиново Ридван Ибрахими и незадоволните жители бараат средба со надлежните на компанијата.
Од ЕВН информираа дека завчера се случил голем дефект поради оптоварување на трафостаниците, при што се проценува дека 80 отсто од домаќинствата во селото немаат струја од пред два дена, како што објавија медиумите.
Народниот правобранител упати апел до надлежните институции да преземат мерки за нормализирање на снабдувањето со електрична енергија во општината.
– Народниот правобранител, во врска со ситуацијата во која се најдоа жителите на општината Арачиново(кои веќе неколку дена немаат електрична енергија) поради, како што соопштуваат од ЕВН Македонија, дефект на трафостаниците, упатува апел до Компанијата и до надлежните институции, пред сѐ до Министерството за внатрешни работи, веднаш да ги преземат сите мерки и да обезбедат предуслови за санирање на дефектот, со што би се нормализирала ситуацијата со снабдувањето со електрична енергија во општината – се вели во соопштението од обдусманот.
Народниот правобранител наведува дека во неговата канцеларија пристигнала претставка од група жители на Арачиново, во која се жалат дека се дискриминирани во овој случај, бидејќи трпат големи материјални штети, иако редовно ги плаќаат сметките за електрична енергија.