Девизните резерви достигнаа историско највисоко ниво и тие треба да послужат, пред се, за одржување на економскиот раст и спречување на инфлаторните притисоци / Фото: ЕПА

Девизните резерви во Македонија достигнаа историско највисоко ниво. На крајот на јуни годинава изнесувале 4.189,7 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 15 милиони евра. Држењето на девизните резерви на оптимално ниво е важно прашање за креаторите на монетарната политика, особено во време на економски кризи. Подобрувањето на монетарната политика и доброто управување на девизните резерви треба да послужат за остварување одредени економски цели на една држава: одржување на економскиот раст, стабилност на цените, спречување на инфлаторните притисоци, зачувување на извозната конкурентност… Дали во нашата држава целисходно се искористи трендот на историски највисокото ниво на девизните резерви?

Девизните резерви предизвик за креаторите на монетарната политика

Девизните резерви на Македонија достигнаа историско највисоко ниво и тие во јуни годинава изнесувале 4,2 милијарди евра. Олку високото ниво на „девизни заштеди“ ѝ овозможува на Народната банка на Македонија, се разбира, доколку правилно ги менаџира, поуспешно да остварува одредени макроекономски цели.
Земјите што располагаат со поголем износ на девизни резерви полесно се соочуваат со надворешните удари во време на економски кризи! Тоа се покажа во периодот на глобалните финансиски и економски кризи од 2008 година и за време на пандемијата на ковид-19, а потоа и со енергетската криза. Подобрувањето на монетарната политика со доброто управување на девизните резерви треба да послужат за остварување одредени економски цели на една држава: одржување на економскиот раст, стабилност на цените, спречување на инфлаторните притисоци, зачувување на извозната конкурентност, преку влијание на девизниот курс на националната валута и редовното покривање на обврските на земјата кон надворешните доверители. Централните банки на малите и отворени економии (како што е македонската), кои имаат поголеми девизни резерви можат поефикасно да ги употребат во услови на внатрешни и надворешни потреси, со што би ја одржале девизната ликвидност на домашните финансиски институции, со цел олеснување на последиците од намалената кредитна активност.

Што претставуваат девизните резерви

Девизните резерви на крајот на јуни годинава изнесувале 4.189,7 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 15 милиони евра, соопшти Народна банка на Македонија. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (65,9 отсто), по што следуваат валутите и депозитите (24,9 отсто) и монетарното злато (9,2 отсто). Девизните резерви, според општоприфатената меѓународна терминологија, која е прифатена и од нашата централна банка, се дефинираат како средства што ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели.
Девизните резерви, како средства со кои располагаат и се контролирани од страна на монетарните власти, се состојат од: монетарно злато, специјални права на влечење (SDR-Special Drawing Rights), резервна позиција кај ММФ и девизни резервни средства. Категоријата „монетарно злато“ го опфаќа златото со кое ракува Народната банка, а кое се состои од монетарно злато што се наоѓа во трезорот на централната банка, златни прачки, монетарно злато депонирано во странски банки и монетарно злато на пат. Депозитите во злато го опфаќаат ороченото злато во странски банки на подолг временски период. Девизни резервни средства, односно депозити кај странски банки: ги опфаќаат девизните средства на тековни сметки кај странски банки и орочените девизни средства во странство. Ефективата во трезорот ја сочинуваат ефективните странски пари што се наоѓаат во трезорот на НБМ, странски чекови во девизи примени во благајната, чекови испратени за наплата во странство

Како се користат девизните резерви

Од почетокот на 2000 година постои глобален тренд на девизните резерви во светот, помал пад е забележан во периодот на глобалната финансиска криза во 2008 година. Благодарение на експанзивната монетарна политика на најразвиените земји, се зголемува приливот на капитал во земјите во транзиција. Освен тоа, ММФ во 2021 година спроведе силна емисија на специјални права на влечења, што влијаеше на порастот на девизни резерви во повеќе земји. Досегашните кризи покажаа дека поголемите резерви на девизни средства влијаат на подобрување на надворешната финансиска стабилност или за нормалните плаќања кон странство.
Економскиот потенцијал на една држава се искажува и преку нивото на девизните резерви и тие имаат конкретна утврдена намена и улога. Девизните резерви не можат да бидат директно искористени и да бидат ставени во функција на поттикнување на економските активности на стопанските субјекти во земјата, велат финансиските експерти.
– Средствата прибрани во девизните резерви на една држава се чуваат во различни форми, а најчесто тие се депонирани во некои странски банки. Тоа се средства со кои државата гарантира дека ќе може редовно да ги исполнува своите обврски кон надворешните кредитори и меѓународни институции и служат за тековно одржување на платниот биланс. Правилното користење на девизните резерви има индиректно влијание на економските текови, преку одржување на девизниот курс на денарот и покривање на трговскиот дефицит и сл. Но иако од државните финансиски институции се фалат дека ни е добро во економијата и со висината на девизните резерви, поважен аспект е од кои извори се пополнуваат девизните резерви на Македонија? Сѐ уште главниот извор на девизните приливи се дознаките на нашите иселеници и работници во странство и од прометот на менувачниците. Добро е што имаме зголемување на девизните резерви, зашто граѓаните и македонското стопанство би биле во поинаква состојба, доколку учеството на девизните резерви во БДП производ би ни бил понизок. Поедноставно кажано, би имале проблеми со набавка на нафтени деривати, енергија и храна, кои се потребни за граѓаните и за компаниите – ни изјави Џевдет Хајредини, финансиски експерт и поранешен министер за финансии.

Улогата на девизните резерви во време на криза

Држењето на девизните резерви на оптимално ниво е важно прашање за креаторите на монетарната политика, особено во време на економски кризи. Постојат повеќе критериуми за одредување на нивото на девизните резерви, но во земјите во кои се користи флексибилен девизен курс, потребни се поголеми девизни резерви, заради одржување на вредноста на националната валута на менувачкиот пазар. Вообичаена монетарна пракса е девизните резерви да го покриваат увозот на стоки и услуги за три месеци. Исто така, добро е девизните резерви да овозможат 100-процентна покриеност на краткорочната надворешна задолженост на земјата.
Поради економската и енергетската криза, Македонија во изминатиот период се соочуваше со предизвиците за одржување на екстерната ликвидност и со спречување на дестабилизирачките притисоци на домашниот девизен пазар. Со интервенцијата на девизниот пазар се одржуваше девизниот курс на денарот и се зачува и стабилноста на финансискиот систем, а се влијаеше и на постепено забавување на инфлацијата.
Во согласност co меѓународните стандарди, нивото на девизните резерви на крајот на мај е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута, се наведува во последниот квартален извештај за оперативната монетарна политика на Народната банка на Македонија.
– Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на мај беа поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, движењата и натаму се поволни, односно трговскиот дефицит засега е понизок од очекувањата за вториот квартал од 2023 година според априлската проекција. Поволни се и остварувањата на менувачкиот пазар, коишто од почетокот на годината, заклучно со мај, упатуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи кај приватните трансфери во однос на проектираните – информираат од НБМ.
Домашната економска активност, во првиот квартал од 2023 година, и реалниот раст на БДП забрзаа достигнувајќи 2,1 отсто на годишна основа. Но високофреквентните податоци за вториот квартал од 2023 година со кои се располага во моментов се недоволни за согледување на состојбите во целина. Засега, податоците за април покажуваат умерени негативни движења кај индустриското производство, наспроти минималниот раст во претходниот квартал, како и реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по растот во претходниот квартал, информираат од Народната банка.
Во Народната банка се следат макроекономските податоци и ризиците и таа е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.
М.Ј.