Пролетни проекции на Народната банка на Македонија
Во најновите пролетни макроекономски проекции на Народната банка на Македонија, кои беа усвоени на Советот на НБ, се вели дека макроекономската слика за македонската економија не е значително променета во споредба со претходните оцени, а најновите квартални проекции се дека и понатаму се очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата. Во надворешниот сектор, Народната банка на Македонија истакнува дека притисоците врз дефицитот во тековната сметка се помали, поради пониските цени на примарните производи во моментов, дека девизните резерви и на краток и на среден рок се во сигурната зона, но ризиците околу проекциите и понатаму постојат, а главно се поврзани со надворешното опкружување.
– Проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1 отсто, што е помалку во однос на основното сценарио, но во средината на интервалот од двете сценарија од октомвриската проекција. Овие проекции се направени врз основа на претпоставките за домашното и надворешното окружување и земајќи ги предвид најновите достапни информации околу најавените инфраструктурни проекти. За 2024 и 2025 година, проекциите за БДП се непроменети, односно се очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6 отсто и 4 отсто, соодветно, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност, а особено активноста на нашите најзначајни трговски партнери. Во поглед на структурата на растот во периодот 2023 ‒ 2024 година, се очекува дека растот и во тековните проекции ќе произлегува од домашната побарувачка, а нето-извозот ќе има мал негативен придонес – изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.
Непроменети очекувања за движењето на инфлацијата
Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции на Народната банка на Македонија упатуваат на непроменети очекувања за движењето на инфлацијата, односно ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9 отсто во 2023 година.
– Енергетската компонента во значителна мера би придонела за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната. На среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3 отсто, близу историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат, се наведува во проекциите на НБРМ.
Како НБРМ планира да ја постави монетарната политика?
– Поставеноста на монетарната политика зависи од два клучни пункта. Првиот е инфлацијата, засега инфлациските движења и во линија на нашите очекувања. Кај инфлацијата е присутен надолен тренд и тој ќе продолжи. Вториот клучен пункт се тековното ниво на девизните резерви и нивите среднорочни проекции. Во екстерниот сектор состојбите се подобри и резултираа со раст на девизните резерви. Каква ќе биде нашата монетарна поставеност ќе зависи од сите натамошни движења. Доколку продолжат сегашните тенденции, тоа ќе остави простор за поголема флексибилност во монетарната политика – изјави Ангеловска-Бежоска, на прашањето на новинарите дали ќе следува олабавување на монетарната политика, која беше рестриктивна во минатиот период и влијаеше на зголемувањето на основната каматна стапка на 5,75 отсто.
Проекции за тоа како ќе се движат цените на енергијата, храната, нивото на СДИ, девизните резерви, кредитната активност на банкарскиот сектор…
Од Народната банка очекуваат надолна корекција на берзанските цени на енергијата и храната. Сега се очекува значително понизок дефицит на тековната сметка во 2023 година, во споредба со октомвриската проекција, односно стеснување на дефицитот на 3,6 отсто од БДП во 2023 година. Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Најголемиот дел од финансирањето би се остварил преку странските директни инвестиции, како и долгорочното задолжување на државата. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на ниво соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс. Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор посочуваат на поумерен раст во однос на октомвриските проекции. На крајот на 2023 година, кредитниот раст би забавил сведувајќи се на 5,7 отсто на годишна основа, при што одреден придонес за ваквите движења имаат и донесените монетарни и макропрудентни мерки. Од аспект на изворите на финансирање се очекува дека кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, кој би изнесувал 6,9 отсто во 2023 година. Девизните дознаки имаа високи стапки на раст и лани надминаа 2,4 милијарди евра, на највисоко историско ниво. Следува послаба динамика на раст од три до четири отсто. Странските директни инвестиции беа под два отсто во 2020, а лани се значително над очекувања со стапка од 5,7 отсто од БДП, во номинален износ од 670 милиони евра. Во следниот период се проектирани на 3,7 отсто од БДП.
Со прогнози за економските индикатори за Македонија излезе и Европската
комисија (ЕК)
Неделава со прогнози за економските индикатори за Македонија излезе и Европската комисија, која проценува раст на БДП од два отсто, а во наредната година од три отсто. Според извештајот, домашната потрошувачка, иако помала отколку во текот на минатата година, останува клучниот двигател на растот. Наедно, се предвидува дополнително зголемување на постојните инвестиции, со што растот во тој сегмент би останал стабилен.
Негативните надворешни влијанија се очекува да се намалат, во согласност со зголемената странска побарувачка и понискиот раст на увозот. Дефицитот на тековната сметка лани значително се зголемил поради наглиот раст на цените на енергијата и зависноста од увоз.
Македонија годинава ќе има раст на БДП од два отсто, а во наредната од три проценти, се наведува во најновата прогноза на Европската банка за обнова и развој за регионалните економски перспективи. Во прогнозите на ЕБОР се предвидува целиот регион на Западен Балкан во 2023 да забележи раст од 2,2, а в година од 3,4 отсто. Албанската економија годинава ќе има раст од 2,5 отсто, а следната од 3,3 проценти, Босна и Херцеговина (2,0 отсто и 3 отсто), Косово (3,5 отсто и 4,0 отсто), Црна Гора (3,3 отсто и 3,7 отсто) и Србија (2,2 отсто и 3,4 отсто). М.Ј.