Замрзнувањето на цените не е пазарно решение, смета Зоран Јовановски, потпретседател и советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Македонија за макроекономски прашања и јавни финансии.
Според Јовановски, товарот од кризата не треба да го носи само една индустрија, туку треба да падне врз грбот на сите по малку. Државата, пак, треба да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејства кои би купувале леб по замрзнати цени.
Кога ќе се замрзне цената на лебот, како што напомена Јовановски, се замрзнува за сите во општеството, и за социјално загрозените и за тие што можат да платат пет пати повисока цена од таа. Оттука се поставува прашањето, зошто тој што може да плати пет пати повисока цена да го купува лебот по замрзната цена и зошто тој е субвенциониран.
– Решението е: цената треба да си биде пазарна, тоа што го налагаат понудата и побарувачката, состојбата на пазарот, а државата треба да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејство, не на поединец. Тоа семејство ќе купува леб по замрзната цена, а сите други ќе си плаќаат пазарна цена за лебот. Кога цената е пазарна, и тој што го произведува брашното, и пекарот и трговецот, сите во ланецот, нормално ќе се однесуваат. Дали е обврска на пекарот, млекарот или некој друг од прехранбената индустрија да се грижи за социјалниот статус на граѓаните? Ако сум јас пекар, дали е мое јас да се грижам за социјалниот статус? Дали јас функционирам во пазарна економија? Тоа е клучното прашање. Ако да, зошто тоа да биде само на тие што се во прехранбената индустрија? Зошто таа обврска да не важи и за сосема 16-та индустрија? Ако сме координирана пазарна економија, би седнале, би се договориле и би се организирале во општеството. Да, имаме ковид, енергетска или некоја друга криза, како ние како мала економија тоа се ќе го пребродиме и товарот ќе падне малку на сите, а не притисокот да биде на тие што по некоја случајност произведуваат леб?, истакна потпретседателот на Стопанската комора во месечното обраќање „Каква пазарна економија сакаме?“.
Месечното обраќање на кое Јовановски зборуваше за повеќе актуелни теми, е новина во активностите на Комората. Ќе се одржува редовно, а јавноста ќе може да слушне ставови на врвни бизнисмени и лица со експертиза и висока репутација во општеството, кои доаѓаат од редовите на Комората, но и надвор од неа.