Неопходно е во конечното обликување на законот да учествуваат сите заинтересирани страни за да се донесе закон што ќе ги оствари посакуваните цели. Се разбира дека и овој закон нема да ги исполни сите очекувања, ако не се направи напор да се зголемат производството и понудата на овие производи
Се продолжи мерката „гарантирани цени“ до крајот на јануари, што потоа?
Се продолжи мерката „гарантирани цени“ до крајот на јануари следната година. Беше предвидено мерката да заврши со крајот на 2023 година, но министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека замрзнатите цени ќе се практикуваат сѐ додека не биде донесен законот за нефер трговски практики. Но прашањата што се поставуваат се до кога може да се продолжува оваа мерка, дали долгорочното важење може да предизвика контраефект, дали законот за нефер трговски практики ќе има поголем ефект врз граѓаните и ќе ги ублажи последиците?
Мерката ќе продолжи „најмалку за еден месец“!
Министерот Бектеши нагласи дека ќе продолжи мерката најмалку за еден месец бидејќи нема да може законот за нефер трговски практики да започне да се применува на почетокот на следната година.
– Тоа значи дека во јануари ќе важат мерките за „гарантирана цена“ и да се надеваме дека Собранието ќе го усвои законот за тој да почне да се применува од почетокот на 1 февруари – истакна министерот Бектеши, додавајќи дека законот ќе има голем ефект кај граѓаните.
Претходно министерот појасни дека податоците на терен покажуваат дека има простор мерката за намалување на цените на основните прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ да важи до крајот на годината.
– Во однос на втората одлука во согласност со сите анализи и разговори со Државниот пазарен инспекторат, со Секторот трговија во Министерството за економија, а имајќи предвид дека е подготвен финалниот текст на законот за нефер трговски практики, кој треба за кратко време да биде доставен во Собранието, а очекуваме да биде изгласан од пратениците, одлучивме мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, како и знакот „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември да важи до крајот на годината. И тоа ќе значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени од евентуално повторно зголемување на цените – вели министерот Бектеши.
Од Стопанската комора на Македонија истакнаа дека се очекува законот да воспостави ред на пазарот со земјоделски и со прехранбени производи. Главната забелешка што ја дале во предлог-законот за спречување нефер трговски практики е дека производителите имаат вртоглави трошоци, а едвај успеваат да заработат 3 отсто. Во исто време трговците што ги откупуваат производите и ги препродаваат на пазарите имаат профит и до 30 отсто. Според комората, овој длабок јаз се очекува да се нормализира токму преку овој закон, и тоа преку воведување максимална стапка на профит од 10 отсто за секој од актерите во синџирот на слободниот пазар.
Субвенциите од социјална помош да прераснат во вистински стимул на
земјоделците за поголемо производство
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, смета дека е добро да се донесе еден пропис во оваа област, затоа што е многу важна за населението.
– Македонија е мала држава со недоволно развиен пазар на стоки и услуги и честопати се јавуваат случаи кога одредени производители или трговци ја користат својата монополска положба. Но овој пат проблемите произлегоа од недоволната понуда на прехранбени производи и во услови на растечка инфлација цените на овие производи навистина пораснаа многу повеќе од просечната инфлација во земјата. Владата со замрзнувањето на цените на некои прехранбени производи влијаеше позитивно на запирање на тој раст, но оваа мерка не може да трае вечно. Долгорочното важење ќе предизвика демотивација на производителите и трговците на овие производи и покрај намалување на квалитетот може да дојде и до недостиг од овие производи – посочува Димитров.
Според него, законот за нефер практики е подобра опција од замрзнувањето на цените и може исто така да даде позитивни резултати во надминувањето на монополската положба на некои компании.
– Затоа е неопходно во конечното обликување на законот да учествуваат сите заинтересирани страни за да се донесе закон што ќе ги оствари посакуваните цели. Се разбира дека и овој закон нема да ги исполни сите очекувања, ако не се направи напор да се зголемат производството и понудата на овие производи. Сведоци сме дека долгогодишната политика на субвенции во земјоделството по хектар, а не по произведено и предадено количество не даваат резултати – вели Димитров.
Тој додава дека Владата мора да го продолжи процесот на реформирање на овие субвенции за да можат од еден вид социјална помош да прераснат во вистински стимул на земјоделците за поголемо производство. Само на тој начин ќе можеме долгорочно да влијаеме со пазарни мерки да го ограничиме растот на цените.