За да се обезбедат стопанството и граѓаните, итна е потребата од решителни проактивни повеќеслојни мерки
Трет чекор, но не најмалку важен, се инвестициите во енергетската инфраструктура! А, според енергетичарите, инвестициите во домашната енергетска инфраструктура се, всушност, главниот чекор за економско закрепнување, но и за економски развој и одржливост. Според соговорниците, Македонија се најде во ваква ситуација бидејќи повеќе од триесет години нема инвестиција во никаков енергетски капацитет! Во сегашниве услови, повеќе од јасно е дека неинвестирањето во енергетската инфраструктура се покажа како наша стратегиска грешка од осамостојувањето, токму за економскиот развој и одржливост. Сега, во овие услови, државата сфаќа дека е енергетски зависна и дека токму таа зависност може да биде погубна и за стопанството и за граѓаните
Во пресрет на проектираниот и веќе препознатлив претстоен тежок кризен удар пред зимскиот период, со ребалансот на буџетот, Владата со сите сили се напрега да им помогне на стопанството и на граѓаните. Дилемата е дали тоа ќе биде доволно. Имено, Владата го прави тоа на повеќе полиња и во различни форми, а особено по однос на прашањето за електричната енергија. Според изјавите на надлежните министри, во игра се антикризни мерки што ќе важат за повеќе категории бизнис и за различни ранливи категории граѓани. Меѓутоа, јавноста сѐ уште не може да ги препознае планираните мерки, бидејќи изостануваат деталите при експликацијата на министрите. А чувството дека се потребни итни, неодложни и промислени мерки за бизнисот и граѓаните е сѐ посилно.
Дијагностицирана повеќеслојна инфлација
Според докторот по економски науки Стефан Вељановски, Македонија се соочува со три главни форми на инфлација: инфлација на побарувачката, инфлација на трошоците и структурна инфлација.
– Инфлација на побарувачката се случува кога зголемувањето на цените е предизвикано од зголемената побарувачка за производи и услуги. Како последица, цените растат кога има недостиг од добра или услуги – вели д-р Вељановски.
Следствено на тоа, Вељановски тврди дека токму кога споменатата инфлација на побарувачката е висока, се случува вториот вид на инфлација, односно инфлација на трошоците.
– Без оглед на побарувачката, зголемените материјални трошоци за претпријатијата резултираат со зголемени цени. Тоа резултира со испорачаното барање на вработените за повисоки плати – вели тој, додавајќи дека во случај работодавците да не се согласат со испорачаните барања на вработените за повисоки плати, работниците можат да ги напуштат своите работни места и да дојде до недостиг од работна сила.
Тој нагласува дека „доколку се случи тоа, ние се соочуваме со структурна инфлација, а бизнисите се обидуваат да ги задржат профитните маржи со зголемување на цените!“
Исклучително интересна констатација во јавноста презентира Вељановски со тврдењето дека поголем дел од инфлацијата не може да им се припише на надворешни фактори, туку е внатрешна! Тој вели дека во последно време, во македонската економија фокусот е ставен на базичната инфлација (инфлација без храна и енергија).
– Можеме да заклучиме дека поголем дел од инфлацијата не може да им се припише на надворешни фактори, туку е внатрешна, бидејќи базичната инфлација почнува да личи на последното ниво на хармонизирана (ХИПЦ) инфлација од 16,7 отсто – вели Вељановски.
Некои експертски размислувања за чекорите на Народната банка
и на Владата
Според ставот на повеќе соговорници, во врска со потезите што ги направи Народната банка за да ја помогне економијата, тие мислат дека споменатата институција не направила доволно ефикасни потези што би биле почувствувани во контекст на сузбивање на инфлацијата, дури и што се однесува во делот за зголемување на каматните стапки.
На прашањето кои се формите што на Народната банка и на Владата им се на располагање за да го амортизираат кризниот удар на стопанството, соговорниците се осврнуваат на неколку што би можеле да се активираат. Иако наизглед противречни кога е во прашање стопанството наспроти граѓаните (ако мерката за граѓаните е во ред, за стопанството не би била идеална, и обратно), некои мерки на подолг рок, според соговорниците, би можеле да интерферираат, односно да бидат усогласени и за стопанството и за граѓаните.
Според мислењето на д-р Стефан Вељановски, како прв чекор, Народната банка треба постепено да ги зголемува каматните стапки на нивоа блиску до 10 отсто. Како резултат на тоа, граѓаните би добиле заштита на нивните заштеди од загуби предизвикани од прекумерната инфлација. За жал, повисоките каматни стапки ќе ја забават економијата и ќе им наштетат на фирмите на краток рок. Од друга страна, со стабилизацијата на цените им се помага на фирмите, бидејќи овозможува подобро планирање и предвидливи профитни маржи. Според него, изборот на помалото од двете зла станува неопходен во оваа ситуација!
Според повеќето економски аналитичари, намалувањето на даноците на стоки и услуги е друга форма за ефикасна амортизација на кризата. На тој начин одредени есенцијално потребни стоки и услуги би биле намалени на нивоа што би биле прифатливи за македонските потрошувачи. Тоа мора да го иницира (и направи) токму Владата за своите граѓани, за кои веќе има релевантни истражувања дека се во дефицит до пристапот до основните продукти.
Инвестициите во домашната енергетска инфраструктура се најглавниот чекор за економско закрепнување, но и за економски развој и одржливост
Трето, но не најмалку важно, се инвестициите во енергетската инфраструктура! Според енергетичарите и економистите, инвестициите во домашната енергетска инфраструктура се, всушност, главниот чекор за економско закрепнување, но и за економски развој и одржливост. А според соговорниците, Македонија се најде во ваква ситуација бидејќи повеќе од триесет години нема инвестиција во никаков енергетски капацитет!
– Последната наша електроцентрала во РЕК е пуштена во 1988 година. И од тој момент рудникот се експлоатира 100 отсто, без да потрошиме еден денар за набавка на суровина. Од тоа производство, нормално е дека имавме добивка, но таа добивка требаше да се реинвестира. Се направи Козјак, кој чинеше 150 милиони евра, но, ете, произведува незначително количество електрична енергија. За Чебрен и Галиште се зборува 30 години, а нема ништо од нив – вели Димитар Хаџимишев, поранешен директор на скопска „Топлификација“.
Според универзитетскиот професор од областа на енергетиката Константин Димитров, контроверзно е да се знае дека немаме доволно капацитети за производство на домашна електрична енергија, а да не се презема ништо.
– Проблемот е што ние подолго време знаеме дека не произведуваме доволно количество сопствена електрична енергија, но не преземаме ништо. Не произведуваме ништо дополнително, а сето тоа го знаеме. Се гледа дека редовно увезуваме два-два и пол гигават-часа електрична енергија. Нагло се влоши состојбата, бидејќи за десет пати се покачи вредноста на тие два гигават-часови увезена струја. Сега, паралелно со тоа, имаме и финансиска и стопанска криза, а немаме пари да купиме струја за да опстанеме! Па, што ќе правиме ако стопанството не може да ги плати и ако ги затвориме компаниите?! Тие што се таму вработени, како ќе платат во своите домаќинства? Ќе излезат пред Владата за социјална помош? Кој ќе им ја даде? Ако компаниите затворат, ќе нема пари и за буџетот, ако и буџетот отиде надолу, не се полни, утре државата нема да може да позајми пари ако не е солвентна. Суштината е дека паралелно мора да се мисли и на стопанството и на домаќинствата. Тоа ја држи државата – вели универзитетскиот професор од областа на енергетиката Константин Димитров.
Според соговорниците, заклучокот е дека повеќе од јасно е оти неинвестирањето во енергетската инфраструктура се покажа како наша стратегиска грешка од осамостојувањето. Сега, во овие услови, државата сфаќа дека е енергетски зависна и дека токму таа зависност може да биде погубна и за стопанството и за граѓаните. Е.Р.