Повод: Предупредувањата на ревизорите за „неизвесна енергетска иднина“
Поблиската сигурна и стабилна иднина на енергетиката во Македонија е во веќе утврдените и потенцијални резерви на јаглен и нивно ефикасно искористување. Но проблемот што го посочуваат енергетичарите и геолозите е дека досегашните влади „незадоволително управувале со искористувањето на новите (и старите) ископи на јаглен, понатаму недоволно односно воопшто не се инвестирало во сопствени производствени енергетски капацитети (и термо и хидропотенцијали), иако тоа било посочувано во изборните програми на сите политички партии во земјава…
Државата располага со ограничени необновливи енергетски ресурси и застарени капацитети, кои не можат да обезбедат стабилност во производството на електрична енергија. Тоа ја прави Македонија увозно зависна, со што е под директно влијание на цените на енергентите и на струјата на отворениот пазар, што особено неповолно се одрази за време на енергетската криза. Активностите што се преземаат од надлежните институции во секторот енергетика не се доволно ефикасни за да овозможат сигурност и одржливост во обезбедувањето електрична енергија на долг рок. Ова се некои од констатациите на Државниот завод за ревизија за енергетскиот систем во земјата, кои се преточени во извештајот насловен „Подготвеноста на енергетскиот систем да се справи со енергетска криза“.
Точна дијагностика, катастрофална терапија
Лани биле произведени 5.634 гигават-часа електрична енергија од домашни производители, 1.471 гигават-час се нето-увоз, а вкупните загуби на струја во електропреносниот систем се 972 гигават-часа. Вкупно потрошената електрична енергија во 2022 година изнесува 7.105 гигават-часа, од кои 20 отсто се обезбедени со набавка. Но како најслаба алка во производството на домашна електрична енергија се споменуваат ограничени ресурси на јаглен, со што по исцрпување на сегашните наоѓалишта, најдоцна за период од 14 години, Македонија ќе мора да ги затвори домашните термоцентрали, кои учествуваат со 70 отсто од производството на домашна електрична енергија. Минатата година дел од потребите беше покриен со увоз на јаглен од Косово. Според податоците на ДЗР, од 2019 до 2022 година се склучени договори за набавка на јаглен, мазут и природен гас во вкупен износ од над 588 милиони евра. Најголемиот дел – 68 проценти се потрошени за снабдување со мазут.
Долги години енергетските експерти предупредуваат на намалување на расположливите наоѓалишта на јаглен, поради недоволното истражување и инвестирање во нови рудници. Од сегашните наоѓалишта се преостанати 69.780 илјади тони јаглен, со ниска калорична вредност, и тоа за околу трипати пониска од максималната пропишана калорична вредност за лигнитот. Резервите на јаглен (лигнит) во нашата земја се ограничени и изнесуваат околу 100 милиони тони во новите рудници и постојано се намалуваат.
Стратегиски може да се констатира дека поблиската сигурна и стабилна иднина на енергетиката во Македонија е во веќе утврдените и потенцијални резерви на јаглен и нивно ефикасно искористување. Но проблемот што го посочуваат енергетичарите и геолозите е дека досегашните влади „незадоволително управувале со искористувањето на новите (и старите) ископи на јаглен, понатаму недоволно односно воопшто не се инвестирало во сопствени производствени енергетски капацитети, иако тоа било посочувано во изборните програми на сите политички партии во земјата“…
Вкупните резерви на јаглен заедно со потенцијалите од Пелагонискиот басен се проценуваат на 2,5 милијарди тони. Македонските јаглени се лигнити со геолошка плиоцентска и миоцентска старост. Јагленот во моментов се експлоатира во два типа рудници. Првиот тип се рудниците што се во состав на термоцентралите за производство на електрична енергија (Суводол, Осломеј), а вториот тип се рудниците што ги задоволуваат потребите на индустријата и широката потрошувачка од јаглен како гориво.
И политиката на одржување на производствените енергетски системи ни е несоодветна, а одржувањето на опремата во термоцентралите е неквалитетно
Базната енергија на електроенергетскиот систем на државата се темели врз јагленовиот потенцијал на Кичевскиот и Пелагонискиот басен со утврдените јагленови наоѓалишта: Суводол, Брод-Гнеотино, Живојно, Осломеј, Поповјани и Страгомиште, кои овозможија отворање на двата наши големи површински копови на јаглен – ПК Осломеј и ПК Суводол.
Од вкупно утврдените 664 милиони тони геолошки резерви на јаглен во Македонија, се проценува дека 38 отсто можат да се експлоатираат со површинско откопување, а остатокот со јамско-подземна технологија. Јамската експлоатација на јагленот на нашите простори сѐ уште не е застапена. Геолозите како потенцијални локалитети за експлоатација на јаглен ги посочуваат: Брод Гнеотино, (РЕК Битола) -132 милиони тони и транспортна лента од 10 км; Живојно – 100 милиони тони; Лавци, Ресен -27 милиони тони; Звегор Стеамер, Делчевско – 30 милиони тони; Панчерево – 22 милиони тони; Поповјани, Кичево – 9 милиони тони.
– Во енергетиката постојат различни класификации за проценување на резервите за јаглен во една земја, односно колку од тие се во експлоатација, колку се во фаза на истражување или воопшто не се истражени. За Македонија е важно колку од нив се во отворен коп и колку новите наоѓалишта можат брзо да бидат ставени во експлоатациска фаза. Во овој дел стоиме слабо и речиси се пред целосно исцрпување на јагленот. Веќе десет години слушаме дека ќе пристапиме кон ископување на јагленот од локалитетот Живојно, но досега не е направено ништо. Проблемот е во тоа што се потребни поголеми ископи на земјен слој, за да се дојде до слоевите на јаглен. Имаше идеја да се набави опрема за површински коп, но тоа не е направено. Втората алтернатива, увозот на јаглен од соседните земји, досега се правеше инцидентно и без долгорочни договори за испорака, што ќе гарантира поредовно и посигурно снабдување со увозен јаглен во смисла на количество, рокови и поволна цена за домашните термоцентрали – ни изјави енергетскиот експерт Константин Димитров.
Користењето увозен јаглен за домашните капацитети може да ја подобри енергетската иднина на Македонија, но тоа бара и посериозен пристап во обезбедување подолгорочни резерви на јаглен. Како најповолно решение, според Димитров, е и увозот на поквалитетниот јаглен од Албанија, кој има поголема енергетска вредност, но тој ќе мора да се меша и со нашиот домашен јаглен, кој е со послаб квалитет, за да се избегнат технолошките проблеми што ни се јавуваат со напластување на пепелот или загревање на преносните системи во битолските термоцентрали. Како опција за продолжување на експлоатацискиот период на битолските термоцентрали е и јагленот од Грција, кој има слични карактеристики со македонскиот јаглен што му припаѓа на пелагонискиот рударски појас.
Производствените капацитети што користат јаглен и мазут, РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино, се постари од 40 години, па чести се дефектите, кои рефлектираат со намалено производство на електрична енергија.
Ова ни покажува дека одржувањето на опремата во термоцентралите е неквалитетно. Политиката на одржување на производствените енергетски системи е несоодветна. Но со предвремено преземање на сите технолошки подготовки и замена на деловите ќе се обезбеди и подобро искористување на постојните капацитети.
Целиот енергетски расположлив енергетски систем не се користи рационално
Нашиот соговорник, енергетскиот експерт Константин Димитров со полна одговорност нуди аргументи дека „целиот расположив енергетски систем не се користи рационално“.
– Целиот енергетски расположив енергетски систем не се користи рационално. Овде мислам и на хидропотенцијалот, кој се користи ненаменски и тоа треба да биде само кога треба да се балансира потрошувачката на електрична енергија. Сѐ уште не сме го искористиле хидроенергетскиот потенцијал, а десет години немаме изградено нова хидроцентрала. Такви можности постојат на реката Вардар, со изградба на десетина мали електроцентрали, или на Црна Река. Тука е и изградбата на трите гасни електроцентрали, кои, ако ги направевме навремено, можеа да ни помогнат многу но надминувањето на енергетската криза – вели Димитров.
Од анализата на ревизорите произлегла констатацијата дека лани Блокот 3 на РЕК Битола бил во дефект 365 дена, односно во погон функционирал само еден час, ТЕЦ Осломеј функционирал како резерва 168 дена, додека ТЕЦ Неготино во периодот на енергетската криза во најголем дел работел со еден котел. Пресметано е дека поради застојот на Блок 3, за околу 1.621 илјада мегават-часа е произведено помало количество електрична енергија, која во моменти кога државата се справува со енергетска криза се од големо значење. Ревизорите истакнуваат дека наведените состојби го доведуваат во прашање сигурното, безбедно и ефикасно работење на централите, како и континуираната испорака на струја до корисниците. М.Ј.