Фото: пиксабеј

Владата донесе одлука со која ги замрзнува цените на јајцата од кокошка и на оризот. Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција посочи дека, според него, тоа е продолжение на сетот мерки со кои во изминатиот период или се намалуваа или се замрзнуваа цени.
– Владата продолжува со трендот да им излезе во пресрет на потребите на граѓаните за справување со последиците од кризата. На седницата донесовме одлука за понатамошно замрзнување на цените на основните прехранбени производи, меѓу кои јајцата од кокошка и оризот, со кои нивните највисоки цени ќе останат на нивото на цените што се применувале на 15 март 2023 година, со важност до 30 април 2023 година. Трговците регистрирани за вршење трговска дејност имаат обврска редовно да продаваат и набавуваат свежи јајца од кокошка во количества што редовно се набавувале во јануари и февруари 2023 година – изјави Ковачевски.
Тој рече дека со ова се спречува зголемување на цените на продуктите пред празниците.
– Во изминатиот период утврдивме значаен пораст на цените на оризот и јајцата како резултат на движењата во однос на увоз и извоз на овие производи. За таа цел, а во пресрет на Велигден и Бајрам, за да се спречи дебаланс на домашниот пазар на јајца од кокошка, производителите најмалку 70 отсто од производство треба да пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да го набавуваат вообичаеното количество што се набавувало во јануари и февруари. Овие мерки не ги носиме произволно, туку се носени врз факти и анализи – додаде тој.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека најскапото јајце може да се продава по цена од 9,8 денари со одлуката за замрзнување на цената. Според него, мерката е креирана со компаниите што произведуваат јајца. Тој рече дека „цените што биле на 15 март – ќе останат исти“. Е.Р.


Реакција на бизнис-заедницата

„Не е потребно замрзнување на цените на производите, туку треба да се најдат алтернативи и да се активираат државните резерви“, изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Менди Ќура. Како што додаде тој, тие се за помош за граѓаните, кои се најпогодени од оваа криза, но тоа треба да се направи на друг начин.
– Инсистираме да се престане со замрзнување на цените, туку да се најде нова алтернатива за тие цени. Односно, да се интервенира со државните резерви, да се намалат даноците, ДДВ – рече Ќура.
Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Зоран Јовановски, изјави дека кога цената е пазарна, и тој што го произведува брашното и пекарот и трговецот, сите ќе се однесуваат нормално…
– Цената треба да си биде пазарна. Тоа што го налагаат понудата, побарувачката, состојбата на пазарот, а државата треба да даде таргетирана финансиска помош на ниво на семејство и тоа ќе купува леб по замрзната цена – изјави Јовановски.