Поскапувањето на туристичките аранжмани на регионалниот туристички пазар (во околината на Македонија) може да претставува добра можност за Македонија, за враќање на туристичкиот промет од пред периодот на коронавирусот. Информациите што доаѓаат од Црна Гора и од Хрватска велат дека овие дестинации годинава ќе бидат прескапи за многу граѓани од европските земји, кои поради високите трошоци и намалениот стандард ќе бараат нови и поевтини дестинации…
Има сигнали за успешна туристичка година во Македонија
Иако цените на туристичките аранжмани за претстојната летна сезона и кај нас се зголемени за триесетина проценти, тоа не е причина за домашните хотелиери да не очекуваат добра посетеност за време на летната сезона. Особено што ваквото зголемување на цените на туристичките аранжмани во регионов, во соседни туристички дестинации надвор од Македонија, е уште поголемо во споредба со домашните.
Добрата исполнетост на хотелските објекти во Охридско-струшкиот Регион за велигденските празници, на околу шеесет отсто од вкупните сместувачки капацитети, се добар сигнал за успешна туристичка година.
Поголемото поскапување на туристичките аранжмани на регионалниот
туристички пазар е добра можност за Македонија
Нашиот најпознат туристички центар Охрид, изминатиот празничен викенд беше интересна дестинација за многубројните туристи и за верниците од земјата, од соседните држави, но и за странските гости преку кружните тури низ овој дел на Балканот. Поскапувањето на туристичките аранжмани на регионалниот туристички пазар може да претставува добра можност за Македонија, за враќање на туристичкиот промет од пред периодот на коронавирусот. Информациите што доаѓаат од Црна Гора и од Хрватска велат дека овие дестинации годинава ќе бидат прескапи за многу граѓани од европските земји, кои поради високите трошоци и намалениот стандард ќе бараат нови и поевтини дестинации. Добар индикатор е тоа што и за првомајските празници има зголемен број резервации. Покрај редовните наши гости од Србија, Црна Гора и од Турција, за оваа година некои од охридските хотели имаат и резервации од гости од Хрватска.
– Пополнетоста на хотелските објекти за време на велигденските празници беше според нашите очекувања, а исполнетоста на капацитетите беше околу 60 отсто. Зголемувањата на цените на нашите услуги нема да влијае на посетеноста од гостите за главната туристичка сезона, затоа што на регионално ниво, исто така има пораст на цените на хотелското сместување. Ако се споредуваме со цените од земјите од регионот, Македонија сѐ уште е поконкурентна од Црна Гора, Хрватска, Грција и од Албанија. Ова се однесува за цените на аранжманите во хотелските објекти од три или четири ѕвезди. Цените за изнајмување хотелска соба зависат од годишните трошоци за работењето на еден хотелски објект, кои се зголемени во последната година на глобалниот пазар. Што се однесува до домашните гости, нам ни се познати нивните интереси, а тие се насочени кон приморските дестинации. Тие што сакаат одмор на езеро, сигурно ќе одлучат одморот да го поминат во Охридскиот и Струшкиот Регион. Треба да се сфати дека времето кога во туристичките места се пиеше евтино кафе за едно евро е поминато – ни изјави Крсте Блажевски од ХОТАМ.
Проблем: Недостиг од сезонски работници во туристичките места
Според Блажевски, главниот проблем за туристичките компании во регионот не се повисоките цени на аранжманите, туку недостигот од сезонски работници во туристичките места.
– Условите што се нудат за работниците во туристичкиот сектор во другите земји од регионот се попримамливи за нашите граѓани. Опцијата за пополнувањето на недостигот со ангажирање на странски работници засега е неизвесна, поради целиот процес на обезбедување работни визи, кој е премногу тежок. Проблемите се најразлични, дали тоа е постапката за добивање согласност од МВР или од агенциите за вработување. Со некои од земјите од каде што се обидуваме да обезбедиме сезонски работници немаме дипломатски претставништва, па добивањето визи треба да се реализира во друга поблиска земја, што ја отежнува целата постапка. Можеме да се доведеме во состојба кога ќе имаме добра посетеност за туристичката сезона, да не можеме да ги задоволиме потребите на гостите, а со тоа да изгубат и домашните хотелиери, но и државата преку намален девизен приход или поради помала уплата на даноци – вели Блажевски.
Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија посочуваат дека целите за 2023 година во туристичката индустрија се надминување на бројката од 3,2 милиони ноќевања, со раст меѓу 20 и 40 отсто на примарните и секундарните пазари. На закрепнувањето на туристичката индустрија укажуваат факторите како што се зголемениот интерес на туроператорите за Македонија како дестинација, воведувањето нови дополнителни авионски линии кон земјата и Охрид, како и очекувањата за зголемен број гости преку кружни патувања во рамките на Отворен Балкан.
Што откриваат бројките на Државниот завод за статистика (ДСЗ)
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во февруари 2023 година изнесува 40.973, од кои 40,2 отсто се домашни туристи, а 59,8 отсто се странски туристи.
Бројот на ноќевањата во февруари 2023 година изнесува 82.942, од кои 42,7 отсто се од домашните туристи, а 57,3 отсто од странските туристи.
Во периодот јануари – февруари 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 12,5 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 6,2 отсто, а кај странските има зголемување за 31,2 отсто. Во периодот јануари – февруари 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 4,8 отсто, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 5,5 отсто, а кај странските има зголемување за 15,8 отсто. М.Ј.