Неповолните услови за работа предизвикани од воведувањето на неделата како неработен ден, бавното администрирање и ниската реализација на капиталните проекти од само 19,5 отсто од планираните во првите пет месеци, како и драстичниот раст на цените на градежните материјали, кој доведе до речиси економска неисплатливост и откажување на договорите за јавни набавки, се одразија врз градежните компании, но и врз работниците во оваа стопанска гранка
Градежниот сектор најпогоден од повеќеслојната криза
Градежништвото е во криза, во моментов тоа е една од најпогодените гранки во стопанството. За време на ковид-кризата не беше толку засегнато, но градежниците велат дека сега е на прагот на ликвидност. Наедно, тие велат дека голем проблем е и дефицитот од градежен и инженерски кадар, поради одлив на работна сила.
Градежниот сектор во Македонија забележа пад од 17,2 проценти во првите три месеци од 2022 година, кој во согласност со податоците на Народната банка се должи на падот во сегментот високоградба (станбени и деловни објекти), додека кај нискоградбата (инфраструктура) има раст во првото тримесечје. Со тоа се продлабочува падот што започна минатата година, вели Народната банка во последниот квартален извештај од мај, годинава.
– Во четвртиот квартал од 2021 година активноста во градежниот сектор забележа натамошен реален пад на годишна основа. Според расположливите високофреквентни податоци, во четвртото тримесечје од годината се забележува реален годишен пад кај вкупните извршени градежни работи (продлабочување на падот во однос на падот во претходниот квартал), како резултат на високиот пад и негативен придонес и кај нискоградбата, но и кај високоградбата, делумно и како резултат на зголемувањето на цените на влезните компоненти коишто предизвикаа одреден застој на инвестициите во овој сектор од економијата – пишува во извештајот.
Од Народната банка додаваат дека во јануари 2022 година, вредноста на извршените градежни работи забележа натамошен висок реален пад на годишна основа, подлабок во однос на падот во претходниот квартал, како резултат на натамошниот длабок пад и кај високоградбата, но и кај нискоградбата.
– Една од глaвните причини за своевидниот застој во градежништвото е зголемувањето на трошоците за градење. Во првото тримесечје од 2022 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2021 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се повисоки за 7,5 проценти, трошоците за материјали за 10 проценти, а трошоците за вработените за 2,3 проценти. Во првото тримесечје од 2022 година, во споредба со првото тримесечје од 2021 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се повисоки за 23,8 проценти, трошоците за материјали за 29,3 проценти и трошоците за вработените за 12,5 проценти – споменуваат од Народната банка.
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека опаѓачкиот тренд на градежништвото, кој започна претходната година, продолжи и во првиот квартал годинава.
– Во согласност со волуменските индекси кај бруто-домашниот производ според производниот метод, во првиот квартал од 2022 година падот на градежништвото изнесува 17,2 отсто во однос на првиот квартал од 2021 година. Сепак, најалармантен податок е намалениот број на вработените лица во градежништвото, кој во компарираниот период изнесува 14,2 отсто или 7.578 лица. Овие податоци упатуваат дека градежништвото го плати данокот на мултикризата и отсуството на мерки за поддршка на градежните компании – објаснуваат од СКСМ.
Според нив, неповолните услови за работа предизвикани од воведувањето на неделата како неработен ден, бавното администрирање и ниската реализација на капиталните проекти од само 19,5 отсто од планираните во првите пет месеци, како и драстичниот раст на цените на градежните материјали, кој доведе до речиси економска неисплатливост и откажување на договорите за јавни набавки, се одразија врз градежните компании, но и врз работниците во оваа стопанска гранка, па без оглед на растот на платите, бројот на работници опаѓа.
– Последиците од кризата и зголемените трошоци за изведба ги чувствуваат и високоградбата и нискоградбата. Иднината е неизвесна, а градежната индустрија е во незавидна состојба. Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите апелираше дека крајно време е да се дејствува и да се разгледаат доставените предлог-мерки на градежниците од страна на надлежните институции за да се спречи згаснување на оваа стопанска гранка, која изминатите години беше движечка за домашната економија и веќе побара средба со ресорниот министер. Мерките би значеле не само спас на компаниите туку и зачувување на работните места во дејноста – посочуваат од комората.