Фото: Игор Бансколиев

Со новиот закон за платежни услуги и платни системи, кој стапи во сила од јануари годинава, се отвора можноста за влез на „нови играчи на пазарот на плаќања“ во Македонија. Со овој закон се отвора пазарот за нови даватели на платежни услуги и се проширува сетот платежни услуги што ќе се нудат на пазарот. Покрај банките, платежни услуги ќе може да даваат и штедилниците, а како нови играчи ќе се јават и специјализирани институции за давање платежни услуги и/или за издавање електронски пари со кои, исто така, би се извршувале плаќања. Така, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или своите уплати/исплати да ги прават во работните простории на давателите…

Освен во банките, граѓаните и фирмите годинава ќе можат да добијат платежни услуги и во други институции

Покрај банките, од јануари годинава, платежни услуги за граѓаните ќе може да вршат нови институции, како и штедилниците. Тие треба да добијат дозвола за давање платежни услуги и/или за издавање електронски пари од Народната банка, за што треба да исполнат соодветни услови што се јасно пропишани со законот и подзаконските акти.
Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство или иницирајќи ги во работните простории на давателите, да користат платежни картички, мобилни телефони и други паметни уреди за да иницираат плаќања на физичките места на продажба или преку интернет, како и да подигнуваат и да внесуваат готови пари на своите платежни сметки користејќи банкомати или на шалтeрите кај даватeлите.

Парите на посебни сметки

– Кај новите даватели на платежни услуги, на сличен начин како и кај банките, граѓаните и фирмите ќе може да отвораат платежни сметки преку кои ќе вршат плаќања за различни потреби користејќи електронско банкарство. Се очекува дека новите даватели на платежни услуги ќе понудат иновативни начини за полесно иницирање на плаќањата и нивно побрзо извршување. Дополнителна придобивка за граѓаните и фирмите ќе биде и можноста плаќањата да се извршат со користење електронски пари што ќе ги издаваат давателите на платежни услуги – вели Емилија Нацевска, вицегувернерката на Народната банка.
Заинтересираните субјекти може да поднесуваат барања и соодветна документација за добивање дозвола за давање платежни услуги, односно за издавање електронски пари до Народната банка. Доколку барателите ги исполнат предвидените регулаторни услови, ќе може да започнат со давањето платежни услуги по добивањето на дозволата од Народната банка.
Паричните средства на граѓаните и компаниите кај платежните институции и институциите за електронски пари се за целите на извршување платежни трансакции и не претставуваат депозити, како што е случајот со средствата што ги чуваат кај банките и штедилниците, кои, во согласност со законските прописи, подлежат на обесштетување од страна на Фондот за осигурување депозити во случај на стечај или ликвидација на депозитната институција. Од овие причини, а заради нивна заштита, платежните институции и институциите за електронски пари во согласност со новата регулаторна рамка ќе бидат должни да го издвојат износот на паричните средства на платежните сметки кај нив, кои граѓаните и фирмите не ги искористиле за извршување плаќања, на посебни сметки и притоа не смеат да ги мешаат со сопствените средства што ги користат за нивното редовно работење.
Давателите на платежни услуги се должни со соодветни докази и документи во законски пропишан рок да ја известат Народната банка при какви било промени во начинот на заштита на паричните средства примени за извршување платежни трансакции, односно користење електронски пари. Во случај на стечај или ликвидација на платежна институција или институција за електронски пари, така издвоените парични средства на граѓаните и фирмите на посебни сметки нема да влезат во стечајната маса на субјектот, односно ќе бидат заштитени и ставени на располагање на сопствениците. Народната банка ќе врши теренски и вонтеренски надзор над работењето на новите даватели на платежни услуги со цел да ја следи нивната усогласеност со важечките прописи.

Плаќањата за основни функции

Една од новините во законот е тоа што на граѓаните како можност им се нуди платежна сметка со основни функции. Сметката со основни функции може да биде само во денари и, слично како и другите платежни сметки, може да ја користат за плаќање сметки за комунални и други услуги, јавни давачки, разни други плаќања и преноси на парични средства, внесување и повлекување готовина или за купување на физичките места на продажба или преку интернет со дебитни платежни картички. Разликата во однос на другите платежни сметки е што преку овие сметки граѓаните ќе може да извршуваат плаќања само во рамките на средствата со кои располагаат на сметката, односно нема да можат да користат договорно пречекорување и да навлегуваат во т.н. „минусно салдо“ за да вршат плаќања.
Токму поради ваквото ограничување, банката или штедилницата за услугите со платежната сметка со основни функции може да пресмета и да наплати вкупен месечен надоместок само до разумна висина, кој не смее да биде повисок од 0,1 отсто од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци. Во согласност со објавите од страна на Државниот завод за статистика, вака пресметаниот месечен надоместок тековно би изнесувал околу 31 денар.
Овој надоместок вклучува месечно одржување на сметката, неограничен број платежни трансакции за внесување или повлекување готови пари непосредно на шалтерите во работните простории на давателот или преку неговата мрежа на банкомати, неограничен број платежни трансакции со дебитни картички и извршување минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер, вклучувајќи и траен налог, или со директно задолжување со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истиот давател на платежни услуги. За потрошувачите што ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права, како што се на пример издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете, стипендија или слично, а што произлегува врз основа на закон, за користењето на наведените платежни услуги преку платежната сметка со основни функции, банката или штедилницата не е дозволено да пресметува и да наплатува надоместок.

Заштитата на правата на потрошувачите

Граѓаните што сакаат да користат платежна сметка со основни функции ќе може да имаат само една платежна сметка во денари кај сите банки и штедилници. Оттука, доколку граѓаните тековно имаат повеќе платежни (трансакциски) сметки во денари, ќе треба да ги затворат, а ќе може една од нив да ја трансформираат во платежна сметка со основни функции. Доколку граѓаните сакаат да отворат платежна сметка со основни функции кај банка или штедилница кај која тековно немаат платежна (трансакциска) сметка, тогаш ќе треба да ги затворат сите платежни (трансакциски) сметки во денари кај другите банки и штедилници што ги отвориле во минатото. Од друга страна, кај истата банка или штедилница граѓаните ќе може да користат кредитна картичка за што ќе мора да склучат одделен договор, како и да имаат неограничен број платежни сметки во странска валута.
Новата регулаторна рамка сосема јасно ги уредува обврските на давателите на платежни услуги во сегментот на заштитата на правата на потрошувачите што произлегуваат од користењето на платежните услуги. Поконкретно, новата регулаторна рамка пропишува јасна обврска за давателот на платежни услуги да го информира потрошувачот за условите под кои може да ги користи неговите платежни услуги и да му даде информативен документ за надоместоците за најчесто користените, односно најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка, уште пред да го склучи рамковниот договор, со што на транспарентен и унифициран начин се обезбедува соодветна информираност на потрошувачите при носењето на одлуките. Исто така, преку законската обврска на давателот за доставување извештај за надоместоците до потрошувачот, најмалку еднаш годишно.
Заштитата на потрошувачите се отсликува и во прецизно дефинираните одговорности на давателите и на корисниците на платежни услуги во случај на неавторизирани платежни трансакции. Во одредбите на новиот закон, од аспект на одговорностите на давателите на платежните услуги е уредено дека во случај да извршил платежна трансакција што не ја авторизирал имателот на сметката, е должен да ја врати состојбата на сметката во истата состојба во која би била доколку не е извршена неавторизираната платежна трансакција и притоа датумот на одобрување не може да биде подоцна од датумот на кој сметката била задолжена за износот на трансакцијата. Во случај кога се извршени неавторизирани платежни трансакции поради тоа што имателот на сметката го изгубил или му е украден платниот инструмент (на пример, платежна картичка), законски се ограничува износот до кој може граѓанинот да ги преземе загубите и тој е утврден на најмногу 1.200 денари.
Доколку граѓанинот не ја користел платежната сметка подолго од две години или не остварил комуникација со давателот на платежни услуги во врска со платежната сметка во тој период, таа ќе добие статус на неактивна платежна сметка. Имајќи предвид дека средствата на депозитните сметки се орочуваат на подолг период, активноста на депозитна сметка се следи во период од 10 години, по што доколку граѓанинот не остварил комуникација со давателот на платежни услуги во тој период, истата таа ќе добие статус на неактивна сметка. Во таков случај, се ограничува наплатата на надоместоци за одржувањето неактивни сметки од страна на давателите, а тие треба да продолжат со пресметување камата на позитивното салдо на паричните средства на неактивната сметка во согласност со склучениот договор со потрошувачот. М.Ј.