Вработените од Управата за јавни приходи, почнувајќи од вчера, секој нареден ден, од 10 до 12 часот, ќе штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место, а доколку надлежните не ги прифатат нивните барања, не се исклучува можноста да стапат и во генерален штрајк. Тие пред три дена одржаа протест пред Министерството за финансии, од каде што побараа потпишување на колективниот договор за покачување на платите за 30 отсто. Оттаму тврдат дека претходно со Министерството бил постигнат договор во кој тие направиле отстапки на определени права, но од непознати причини тој сè уште не е потпишан од министерот Бесими.
Од Министерството за финансии, пак, рекоа дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор, дека во подготовка се нов закон за плати на овие вработени и нов општ колективен договор за нив, кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите. Барањата на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) се токму во согласност со заложбите на министерот за финансии за законско постапување. Оттаму велат дека потребните средства за исплата на платите, во согласност со новиот колективен договор, се обезбедени во буџетот на УЈП за 2023 година.
На предупредувачки протест за денеска најавија дека ќе излезат и вработените во Царинската управа, бидејќи со години не го добиваат она што им следува во согласност со законот и колективниот договор, а тоа е исплата на додаток од 30 отсто од платата. Доколку цариниците не наидат на слух од надлежните институции во врска со нивните барања, тие ќе ги радикализираат протестите, а една од опциите за кои веќе размислуваат е затворање на граничните премини. Е.Р.