Меѓу главните причини за падот на производството на кравјо млеко се неговата сѐ поголема замена со вештачкото млеко во прав и производите од палмина маст. Овие производи, кои немаат име, ја доведуваат во колапс целата индустрија на млеко. Сега е време да се свртиме кон самите себе, за нашите граѓани да не страдаат утре и за млеко, месо, шеќер, како што е сега случајот со маслото за јадење и со брашното. Дел од одговорноста за ваквите состојби треба да се бара и во амбициозноста на трговците, кои трудејќи се да заработат што повеќе, не гледаат на квалитетот и нутритивната вредност на продуктите, тврдат нашите соговорници
ДРАСТИЧНО НАМАЛЕНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА КРАВЈО МЛЕКО КАКО ПОВОД
Производството на кравјо млеко во Македонија е драстично намалено. Пандемијата, зголемените трошоци, но и иселувањето му пресудуваат на фармерството, па имаме сѐ помало производство на домашно кравјо млеко, кое само во текот на минатата година се намалило за речиси 20 проценти во споредба со претходната година. Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека производството на кравјо млеко во 2021 година изнесува 326.523 илјади литри, што е за 19,4 проценти помалку во однос на 2020 година. Сепак, добра вест од извештаите на ДЗС е растот на производството на овчо и на козјо млеко.
– Зголемување на производството во 2021 година е забележано кај овчото млеко за 29,3 отсто и кај козјото млеко за 6,2 проценти во однос на претходната година. Вкупното производство на месо е зголемено за 4,6 отсто. Од другите добиточни производи во 2021, во однос на 2020 година, забележано е зголемено производство на волна и намалено производство на јајца – пишува во извештајот на ДЗС.
Претставниците од фелата велат дека намалувањето на производството на кравјо млеко е резултат на зголемените трошоци, пред сѐ поскапата храна и енергија. Укажуваат оти е неопходна помош за сточарите, но и планови за производство на домашна сточна храна.
– Намалувањето на кравјото млеко се должи на зголемените трошоци за производство, пред сѐ поскапената храна, нафта и електрична енергија. Производната цена расте, а продажната цена со години е иста и се движи 19-21 денари по литар и тука има негативно влијание на производството на млеко. Можеби има зголемување на производството на овчо и на козјо млеко, но за да се види точноста на податокот треба да се направат вкрстени податоци со бројот на грла на овци и на кози, кои се намалени, и производството на сирење, кое е намалено, и претежно сега млекото од овци и од кози им се дава на преработувачките капацитети. Она со што ние сметаме дека во моментот треба да им се помогне на сточарите е да се работи на производство на домашна сточна храна и да не се извезува таа храна надвор, да им се даде земјоделско земјиште на сточарите за производство на храна и сточарите да бидат дел од поддршката од интервентниот фонд – вели Стеванче Јорданоски, производител на кравјо млеко и член на УО на Националната федерација на фармери.
Замена со млеко во прав
Дека трендот на намалување на домашното производство на млеко не е нов укажува и претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски. Тој додава дека трендот на намалување на производството на кравјо млеко, кое всушност го претставува и најголемиот дел од млекопроизводството во Македонија, е присутен повеќе години по ред.
– Главната причина е неговата сѐ поголема замена со вештачкото млеко во прав и со производите од палмина маст т.е. лажното сирење и лажната урда. Овие производи, кои немаат име, се далеку поевтини од вистинското сирење и урда произведени од млеко и со тоа во континуитет го уништуваат млекопроизводството во нашата држава, па и пошироко. Покрај тоа што ја доведуваат во колапс целата индустрија на млеко, а истовремено со
смалување на бројот на крави се смалува и производството на говедско месо, со тоа се губат огромен број работни места на фармите, потоа на полињата за производство на сточна храна и на крајот се загрозува долгорочно здравјето на целата популација која консумира храна без нутритивни вредности – вели Станковски.
Нашиот соговорник укажува дека единствено во производството на свежата програма, јогурт и кисело млеко, не може да се уфрли млеко во прав, бидејќи крајниот производ нема да личи на посакуваниот производи, но и нема да го има истиот вкус. Затоа, Станковски потенцира дека природниот јогурт и кисело млеко изработени од природно кравјо млеко се вкусни и здрави за консумирање.
– Дали има мерки што би помогнале? Во сегашнава ситуација и тенденција за замена на вистинската нутритивно вредна храна, со вештачка и евтина, не гледам излез и спас за нашите граѓани. Вистинска мерка би била забрана за увоз и употреба на вештачки сурогати во млечната индустрија, млеко во прав и палмина маст (и двете се увозни и создаваат зависност за Македонија). Со тој потег, автоматски ќе се зголеми потребата од суровина во млекопроизводството, т.е. млеко, а со тоа и на зголемување на сточниот фонд, што ќе предизвика зголемување на вработеноста, поголем БДП, поголема искористеност на земјоделските површини, за произведување повеќе сточна храна, повторно зголемување на вработеноста во областа на производство на јачмен и пченка, а со тоа и на поголемо производство во млекопреработувачките капацитети. Со зголемување на кравите ќе се зголеми и производството на говедско месо, кое патем речено го увезуваме 95 проценти. Во овие месеци кога започна една војна, која буквално го измени светот и ги збриша глобализацијата и правила на Светската трговска организација, кога секој ден се воведуваат санкции и се уништува пазарната идеологија, време е да се свртиме кон самите себе, за нашите граѓани да не страдаат утре и за млеко, месо, шеќер, како што е сега случајот со маслото за јадење и со брашното. Јас ја лоцирам кривицата во алчноста на трговците, кои трудејќи се да донесат што поевтини производи, не гледајќи на квалитетот, ја урнисаа нашата квалитетна храна – потенцира Станковски.
Набавка на високопедигрирани грла добиток
Деновиве министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски информира дека оваа година се очекува најголема набавка на високопедигрирани грла добиток, со висок генетски потенцијал, преку Програмата за рурален развој. Тој потенцира оти јавниот повик за мерката 121, објавен во јуни минатата година, предизвикал голем интерес кај сточарите. На повикот аплицирале 104 баратели, од кои 103 ќе бидат поддржани со вкупна сума од над 253 милиони денари, а со овие средства, сточарите ќе можат да набават вкупно 3.842 грла високопедигриран добиток, од кои 2.727 јуници, 1.056 овци и 50 кози.
– Со измената на мерката на сточарите им се овозможи прво да потпишат договор за кофинансирање на набавката, а потоа да набават добиток, за разлика од претходните години кога тие од сопствени средства прво набавуваа добиток, а потоа потпишуваа договор, кој е со процент на кофинансирање во вредност од 50-75 проценти. Во 2020 година имаме исплата за 68 корисници, а со последниот повик од 2021 ќе бидат исплатени 103 корисници, што е зголемување за плус 35 нови сточари – кажа Николовски, додавајќи дека од оваа година со новата Програма за директни плаќања за првпат е воведена дополнителна субвенција по квалитет на млеко. Според новата Програма за директни плаќања, производителите на кравјо млеко што произведуваат млеко со екстра класа ќе добиваат 4,5 денари по литар. Поддршката за овчо и за козјо млеко е зголемена на 5,5 денари за литар млеко