Нуклеарната енергија и енергетската иднина на Македонија
Зголемените трошоци за гас и струја, по појавувањето на енергетската криза во изминатите две години, принудиja многу земји од Европа на одложување на нивните планови за затворање на термоцентралите и нуклеарните централи. Некои од стручњаците тврдат дека нуклеарната енергија, поради кризата, треба да остане дел од светскиот енергетски пазар, бидејќи слободно, по повеќе параметри, таа енергија може да се вклопи во „зелената транзиција“, до одреден период во енергетската иднина…
Растечката побарувачка за електрична енергија во наредните децении и неизвесноста од снабдувањето со фосилни горива, како континуираното намалување на природните резерви, принудиja многу влади да размислуваат за развој и за искористување на нуклеарната енергија. Зголемените трошоци за гас и струја, по појавувањето на енергетската криза во изминатите две години, принудиja многу земји од Европа на одложување на нивните планови за затворање na термоцентралите и нуклеарните централи. Некои од стручњаците тврдат дека нуклеарната енергија, поради кризата, треба да остане дел од светскиот енергетски пазар.
И Германија, најголемата европска економија, која се потпираше врз нуклеарната енергија, минатата година го одложи затворањето на последните три нуклеарки. Со одлука на германската влада, во март годинава, требаше да бидат исклучени од мрежата за снабдување со електрична енергија последните реактори на нуклеарните централи. Но, група германски научници ја повикаа владата во Берлин да го пролонгира затворањето на нуклеарните централи поради очигледната енергетска криза со која се соочуваат Германија и Европа. Пораката на научниците, а меѓу нив има и нобеловци, е дека нуклеарните централи треба да се задржат поради „очигледните предности на процесот на климатски промени“.
Развиените земји не се откажуваат од нуклеарната енергија, а помалите фаќаат приклучок
Силни дебати за (не)користењето на нуклеарната енергија се водат и во другите високоразвиени земји, како што се Јапонија, Франција, Белгија… Како што расте потребата за електрична енергија, неколку земји изразија желба за развој на нуклеарна инфраструктура, вклучувајќи ја и Кина, која веќе има најголем број реактори, но и Чешка, Индија и Полска.
Додека нуклеарната енергија, која во моментот се користи во 32 земји, обезбедува 10 отсто од светското производство на електрична енергија, Меѓународната агенција за атомска енергија ги зголеми своите проекции за зголемување на инсталираниот капацитет до 2050 година. Во оваа насока се и последните информации за проширување на нуклеарните капацитети во нашето поблиско опкружување.
Имено, деновиве беше најавено дека Италија планира да гради нуклеарна електроцентрала во Албанија со моќност од 1.500 мегавати, е договорот предвидува инвестиција од четири милијарди евра. Во исто време Бугарија се обидува да го проширува капацитетот во НЕ „Козлодуј“ и за тоа бара партнери од Словенија и Грција. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган годинава објави дека првата турска централа „Акују“ официјално доби статус на нуклеарна постројка. Во Србија, во која постои мораториум за изградба на атомска централа, не ја исклучуваат целосно опцијата за користење на можностите за нуклеарна централа. Тамошниот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија е заинтересирана да учествува со 10-15 отсто од инвестицијата за изградбата на два нови блока во унгарската нуклеарна централа „Пакш“.
Македонија пред енергетски предизвик, ќе се разгледува ли соинвеститорство за нуклеарка?
Македонија, како целиот свет, се соочува со глобалните енергетски предизвици, а главниот енергетски капацитет за производство на струја е токму на јаглен. Проблем е што во земјава се намалуваат резервите на јаглен, а увозот од соседството станува сè поскап. Во минатото постоеше идеја за изработка на проект за изградба на нуклеарна централа во Мариово, но тие планови пропаднаа поради скапата инвестиција и неможноста од доволно водни капацитети потребни за ладење на реакторите.
Пореалната варијанта беше да се учествува во бугарската нуклеарна централа „Белене“, но таа идеја не се оствари, бидејќи Бугарија го прекина овој проект под притисок на САД. Домашните експерти сметаат дека е нереално да се очекува Македонија да изгради нуклеарна централа, но предлагаат да се искористат можностите за соинвеститорство во некои од поблиските нуклеарни електроцентрали во регионот.
– Во светот, па и во нашата земја, постои поделено мислење околу изградбата на нуклеарни електроцентрали. Тоа се виде и во случајот со Германија, која се обидува да се откаже целосно од искористувањето на фосилните горива. Истата дебата се води и во Јапонија по последната хаварија на нуклеарката „Фукушима“. Нуклеарните електроцентрали немаат влијание врз климатските промени, но проблемот е со складирањето на нуклеарниот отпад. Според мое мислење, на Македонија не ѝ е потребна нуклеарна електроцентрала со капацитет од 1.000 мегавати од повеќе причини: економска исплатливост на инвестицијата, технолошките и финансиски можности и слично… Поволна опција би било да учествуваме во соинвеститорство во нуклеарни блокови во соседството. Такви иницијативи имаше и за НЕ „Белене“ во Бугарија, но тоа не се реализираше од политички мотиви. Сега се појавува опцијата со Албанија. Не можам да кажам која опција е најдобра за нашата земја, за тоа се потребни сериозни анализи од поширок стручен тим, од енергетиката, економијата, еколошката средина – ни изјави Ристо Цицонков, универзитетски професор и експерт за енергетика.
Искуствата од некои други држави што користат еден вид нуклеарни мини-централи за производство на струја е една од опциите за подобра енергетска иднина на Македонија. Во нив се поставени мали реактори, идентични на оние што се монтираат во нуклеарните подморници и бродови, а со кои може да се произведува електрична енергија што може да задоволи одредени потреби.
Но, како што вели нашиот соговорник, прашањето на искористување на мини-реактори во Македонија се однесува на тоа што тие се користат во одредени намени. Нејасно е како би можело за се вгради тоа во нашиот енергетски систем, ако се знае со каков финансиски и кадровски потенцијал располагаат нашите енергетски компании. Како главен фактор што се јавува за мини-нуклеарките е каде ќе се депонира нуклеарниот отпад во мала земја како што е Македонија. Тука е и проблемот со несигурноста при набавката на енергетската суровина за нуклеарните централи, за што постои голема конкуренција меѓу поголемите „нуклеарните“ земји. М. Ј.
Бугарија ѝ нуди на Словенија нов проект за нуклеарна централа
Бугарија ѝ понуди на Словенија да се приклучи на проектот за новите реактори во нуклеарната централа „Козлодуј“ како купувач на енергија или како инвеститор. Бугарија е подготвена да ѝ помогне на Словенија и за обука на специјалисти за нуклеарна енергија. Словенија се подготвува да го зголеми својот капацитет за нуклеарна енергија и е подготвена да учи од Бугарија, која планира проширување на нуклеарната централа „Козлодуј“ со два нови американски реактори.
– Проектот го поврзуваме со долгорочна прогноза за побарувачка на енергија што го опфаќа периодот најмалку до 2050 година. Тоа покажува дека двата нови реактори, во комбинација со продолжување на векот на постојните, ќе бидат доволни за да обезбедат основна моќност додека не одлучиме како ќе ја развиваме нашата енергија по средината на векот – објасни бугарскиот премиер Николај Денков.
На почетокот од годинава бугарската влада ѝ понуди и на Грција да се приклучи на проектот за нуклеарната централа „Козлодуј“. Во јули годинава Грција го потврди својот интерес за инвестирање во изградба на новите реактори, а алтернативната опција е склучување 20-годишен договор за откуп на произведената електрична енергија.
Италија ќе гради нуклеарка во Албанија
Изградба на нуклеарна централа, со моќност од 1.500 мегавати, е договорот што Италија го постигна со Албанија со инвестиција од четири милијарди евра. Според медиумите во Италија, италијански компании што ќе обезбедат вештини, компетентност и консултантски услуги се ЕНИ (италијанска мултинационална енергетска компанија), ЕНЕЛ (италијанска мултинационална компанија за дистрибуција на електрична енергија и гас), ЕДИСОН (една од најстарите италијански компании во областа на енергија и дистрибутер на природен гас).
Претходно албанските медиуми јавија дека италијанската премиерка Џорџа Мелони, која беше на неколкудневен одмор во Валона, по покана на премиерот Еди Рама, имала неформална средба на која разговарале за изградба на нуклеарна централа во Албанија, бидејќи „на Италија ѝ е потребно снабдување со енергија“.
– Ова не е изненадувачка идеја, зашто Албанија е земја блиска до Италија и земја во која може да се изгради нуклеарна централа без да има политичка и медиумска тензија и со фактот дека може да направи голема инвестиција во земја како Албанија – објавија медиумите.