На регионалната конферецијата „Можности за инвестиции во ОИЕ на Западен Балкан“ разговаравме за регионален пристап во справувањето со енергетската криза и обезбедување енергетска трансформација и енергетска сигурност на секоја од државите, но и на регионот во целина, изјави во Белград ексклузивно за МИА премиерот Димитар Ковачевски по завршување на конференцијата, каде заедно учествуваше со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите Еди Рама од Албанија, Дритан Абазовиќ од Црна Гора, Зоран Тегелтија од БИХ и инвеститори од Норвешка со претставник на норвешката Влада, јави дописникот на МИА од Белград.
– Разговаравме за регионален пристап во справувањето со енергетската криза, меѓутоа и чекор подалеку, а тоа е него да обезбедиме енергетска трансформација и енергетска сигурност на секоја од државите, но и на регионот во целина. Енергетските проекти што треба да се прават, а што се однесуваат на нови гасоводи за снабдување со гас, на нови енергетски постројки заради изградба на нови централи, било да се од обновливи извори на енергија или гасни централи, сепак тоа се огромни проекти што една држава не може да ги финансира заради фискалните ограничувања коишто ги има секој од нив поединечно. Меѓутоа, со регионален пристап и со привлекување на инвеститори од странство, тогаш тоа се би било многу поизводливо. Ние сме во моментов и тука беше кажано, лидер во регионот во однос на инсталирање нови капацитети од обновливи и извори на енергија, пред се тука мислејќи на фотоволтаични централи и на ветерни централи. Така и ќе продолжиме. Кај нас веќе има проекти што се подготвени за инвестирање било да се во рамки на ЕСМ, било да се како проекти коишто се работат со странски инвеститори. И покрај тоа што можевме тоа да го споделиме со нашите колеги од регионот, исто така беше интересно и за инвеститорите од Норвешка – рече Ковачевски.
Околу оценката на Вучиќ дека е неопходно да се почне со формирање регионален пазар на извори на енергија, за да можат земјите од Балканот да си помагаат меѓусебно, имајќи предвид дека сите имаат различни можности и капацитети во тоа област, како и за можностите за договор меѓу Северна Македонија и Србија за гасната централа ТЕ-ТО, Ковачевски посочи дека работите се придвижуваат.
– Ако го погледнеме регионот од временска перспектива, денес и од пред пет години регионот е многу поразличен. Прво затоа што сите отворени прашања што постоеја помеѓу државите особено што се однесуваат на нашата држава, се решени со соседите. Второ што се наоѓаме во најголемата енергетска криза и се потврди во текот на минатата зима, и во целиот период до денес дека низ соработка со соседните земји можат да се решат проблемите во однос на снабдувањето со енергија и пред се во снабдувањето со храна, на што може да бидат сведоци сите граѓани во текот на изминатата зима – рече тој.
Ковачевски потсети дека уште пред два месеци со Вучиќ, започнале разговори во однос на тоа, како што рече, дека тие имаат поголеми количини на гас, со оглед на тоа дека располагаат со складишта со гас што ние историски немаме располагано, а додека на наша територија се наоѓа когенеративна централа која работи на гас во Скопје ТЕ-ТО и разговорите беа во насока Србија да обезбеди гас што би бил по подобра цена од онаа што ја има на светските берзи за купување на гас, а за возврат на тоа со тој гас да биде произведувана електрична енергија која што подоцна би се поделила на двете земји за да можат да ги задоволат енергетските потреби.
– Нашата интенција низ разговорите со Стопанската комора, тие произведени количини на електрична енергија коишто би требало да се произведат по цени пониски од берзанските цени на електрична енергија, да ги понудиме на стопанството, а додека во исто време Србија би задоволила дел од своите недостатоци коишто се однесуваат на делот на јужна Србија односно на пчињскиот округ. Во моментов ситуацијата со таа соработка е на многу подобро да кажеме со подобри очекувања отколку што беше претходно – изјави премиерот.
Тој посочи дека ова е прв ваков состанок и во март ќе следува уште еден којшто ќе биде на многу подетално ниво и на којшто можат да бидат и компании коишто се од енергетскиот сектор.