Производството на пченица во криза
Статистичките податоци покажуваат дека во 2000 година се произвеле 300.000 тони, а во 2022 година – 224.632 тони. Најголемиот подем бил во 2004 година со 356.825 тони, додека, пак, во 2017 година има најголем пад во производството – 200.112 тони, при што разликата е 44 отсто
Иако Македонија гласи како земјоделска земја, сепак производството на пченица едвај преживува и драстично се намалува од година на година, а сето ова укажува дека посевите и приносите не ги задоволуваат основните потреби на населението на годишно ниво. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека со години производството не надминува 250.000 тони, а годишните потреби во Македонија налагаат околу 330.000 тони, иако засадените површини со пченица последниве години не се намалуваат и се движат околу 70 илјади хектари. Сепак производството се намалува и остатокот на пченица и на брашно се дополнува преку увоз.
Две клучни причини за континуираниот пад на производството на жито
Според статистичките податоци, во 2000 година се произвеле 300.000 тони, а во 2022 година – 224.632 тони. Најголемиот подем бил во 2004 година со 356.825 тони, додека, пак, во 2017 година има најголем пад во производството – 200.112 тони, при што разликата е 44 отсто.
Кои се причините што никако не можеме да се вратиме како пред 10-15 години, да имаме производство над 300.000 тони, кои чекори треба да ги преземеме се дел од темите за што разговаравме со земјоделски експерти.
– Секоја држава што има добри услови за развој на земјоделството мора да има своја стратегија за развој на овој сектор, наместо тој етапно да се уништува како во земјава. Имаме неискористени природни ресурси, а големи количества се увезуваат. Тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.
Тој посочува дека државата треба да ја изработи стратегијата со која ќе се штити домашното производство, не само на пченицата туку на која било земјоделска култура, појаснувајќи дека таа треба да го стимулира производството, кое ќе обезбеди доволно за домашните потреби, не и за извоз, туку само за покривање на домашните потреби од земјоделски продукти.
– Покривањето на нашите потреби за пченица на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога овие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали, кои можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – смета Станковски, додавајќи дека климатските промени сѐ почесто ќе се манифестираат и поради што мора да се креираат мерките за заштита.
Според земјоделците, и климатските промени си го земаат данокот и се одразуваат и врз земјоделското производство, конкретно и врз производството на пченица.
Експертите очекуваат со секоја климатска промена приносот на пченица да се намалува за околу пет отсто.
– Стратегијата на ЕУ за климатски промени укажува дека климатските промени во земјоделството веќе се чувствуваат. Зачестената појава на екстремни временски услови, како град, суша, поплава, екстремни ветрови, мраз, е резултат на климатските промени и тие ќе се појавуваат сѐ почесто – вели професорот на Земјоделскиот факултет, Ордан Чукалиев.
Кои се другите сугестии на експертите за решавање на проблемот со житото?
Професорот на Земјоделскиот факултет, Ордан Чукалиев, укажува дека најголем ефект за заштита на земјоделците, гледано долгорочно, треба да се бара во техничките мерки за заштита. Според него, треба да се поддржат позасилено инвестициите во заштитни мрежи што штитат и од град, а вршат и засенчувања, кои треба да бидат основен предуслов за подигање долгогодишни насади во земјоделството.
– Сепак, македонскиот земјоделец со приноси што се на работ на исплатливоста и со мали штети од невреме едвај крпи крај со крај, а камоли по силно невреме, така што тешко дека ќе има средства за инвестиции во современа технологија – вели Чукалиев.
Од Националната федерација на фармери велат дека површините со пченица можат да се зголемат доколку имаме добра стратегија и планирање на производството, бидејќи таа е единствениот производ во државата што има стратегиско значење, кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој.
– Прво, треба да се работи на подобрување на квалитетот на пченицата, да се наменат субвенциите за вистинските земјоделци, односно земјоделците што егзистираат од производство на земјоделски култури, да се воведе договорното производство и да се почитува Законот за земјоделство и рурален развој, односно да се спроведе интервентен откуп кога во државата производната цена е повисока од продажната и наедно треба да се складира пченица во соодветни силоси, на сето ова треба стратегиски да се работи – потенцираат од НФФ.