Дали нашиот досегашен економски развој, ваков каков што е, нединамичен, тромав, неодржлив, всушност, е последица на погрешниот избор на нашиот економски модел? Дали можеби требаше да биде посилно влијанието на државата во деловните текови, ако ништо друго барем во планирањето и синхронизацијата на елементите што го чинат економскиот модел? Постои фундаментален расчекор помеѓу очекувањата на економските субјекти за тоа што треба да добијат од државата и отсуството на материјална основа на државата да ги задоволи тие очекувања….
Дали изборот на економскиот модел го детерминира развојот на Македонија
Од осамостојувањето на државата, македонската економија не успеа значително да се доближи до динамиката на раст на брзорастечките економии. Бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија, просечно годишно растеше со 2,1 отсто (или 3,3 проценти во периодот 2000 – 2018 година). Развојниот модел што се базира на привлекување странски директни инвестиции, евтина работна сила и одржувањето на ценовната стабилност и фиксираниот курс на денарот за еврото воопшто не беа доволни за забрзување на економскиот раст (и за намалување на јазот на економскиот раст и животниот стандард во однос на високоразвиените земји), а особено во однос на земјите од ЕУ. БДП по жител во Македонија е шест пати понизок во однос на просечниот БДП по жител во Европа, со тенденција разликата да се зголемува во корист на ЕУ. Веќе пишувавме дека без двоцифрен економски раст, Македонија ниту теоретски нема да може да се приближи на европскиот раст, стандард и БДП. Но како да се избере економски модел што ќе придонесе за динамичен економски раст? Ова прашање беше и повод за одржување на јавната дебата на темата: „Каква пазарна економија сакаме?“ во организација на Стопанската комора на Македонија.
Либерален модел на пазарна економија или координирана (договорна) економија?
Дилемата што беше поставена беше дали повеќе ни одговара либералниот модел на пазарна економија на САД или координирана пазарна економија на Германија!
– Кај нас, 32 години се случува нејасна трансформација на македонската економија, која економски е неодржлива на долг рок, а сето тоа има потенцијал на долг рок да креира сериозни последици. Никој не го отвора прашањето за моделот на пазарната економија. Популизмот е роден, а бизнис-секторот на крајот го плаќа. Постои фундаментален расчекор помеѓу очекувањата на економските субјекти за тоа што треба да добијат од државата и отсуството на материјална основа на државата да ги задоволи тие очекувања. Има две можни решенија: редуцирање на очекувањата, односно приспособување кон постојните можности или, пак, координирање за подобра материјална основа за исполнување на очекувањата – вели Зоран Јовановски, потпретседател и советник во кабинетот на претседателот на Комората за макроекономски прашања и јавни финансии.
Според него, изборот е меѓу либерална пазарна економија, но во тој случај ќе има промена кај очекувањата на граѓаните и тоа значи дека државата ќе обезбеди бесплатно основно и средно образование и делумно бесплатно здравствено образование, а сѐ понатаму секој сам ќе си плаќа, и координирана економија, која, според мислењето на Јовановски, е подобар избор во услови на сегашната наша сиромаштија.
– Тогаш промената се случува на двете страни. И кај очекувањата и кај желбите на граѓаните, ама се случува и на другата страна, ќе се координираме за да создадеме поголема материјална основа за поголема благосостојба на граѓаните. Тоа ќе значи, од една страна зголемен влог на бизнис-заедницата и најбогатиот слој во општеството за зачувување на иднината на земјата и на сопствениот бизнис во тој процес. А од друга страна, драматично зголемување на одговорноста кај државниот апарат! Отсуството на решение околу изборот на модел на економија на долг рок креира сериозни последици што ги загрозуваат бизнис-амбиентот во земјата и иднината на бизнисите – истакна Јовановски.
Пред сѐ и над сѐ, неопходно е воспоставување функционални државни институции
За навремен поефикасен избор на економски модел се залага и финансиската консултантка и економска експертка Верица Хаџи Василева Марковска. Но таа истакнува дека пред тоа треба да се воспостават функционални државни институции.
– Во досегашниот економски развој на Македонија малку е разговарано за пазарниот модел и што ни се случува?! Кога не знаеме каде одиме не ни е ни важно каде ќе стигнеме!? Ние имаме добро поставени закони и тие се преземени од Европската Унија. Но нашиот проблем е – во нивната имплементација! Нашите очекувања се во формирањето функционални институции што ќе овозможат пазарни односи и кои ќе оневозможат економијата да ни се одвива во пазар во кој се воспоставуваат олигополски или партиски односи во одредени дејности – вели Хаџи Василева Марковска.
Во пошироката економска анализа „Големата слика: Македонската економија на среден и долг рок“, економистите Драган Тевдовски и Глигор Бишев, даваат појасен преглед на функционирањето на основните модели на пазарна економија во современиот капитализам. Првата се нарекува либерална пазарна економија и нејзин главен претставник е САД. Другата, пак, се нарекува координирана (пазарна) економија и нејзин главен претставник е Германија. Во третата варијација на капитализмот е зависната пазарна економија, каде што влегуваат поранешните социјалистички земји од Централна и Источна Европа.
Во либералната пазарна економија, фирмите ја остваруваат координацијата преку пазарите во контекст на конкуренција и со помош на формални договори. На нив како одговор на ценовните сигнали, различните актери ги приспособуваат понудата и побарувачката за добра и услуги, и тоа често водејќи се од маргиналните пресметки како што го претпоставува тоа неокласичната економија.
Во координираната пазарна економија, пак, фирмите често ги координираат своите активности преку непазарни односи. Тоа се мрежи и асоцијации помеѓу фирмите што се базираат на соработка (на пример, со синдикатите), а не на конкуренција, што е во суштината на либералниот модел.
Во зависната пазарна економија, координацијата на активностите во фирмите се остварува преку одлуките внатре во транснационалната компанија.
Примарен извор на инвестиции во либералната пазарна економија се домашните и странските пазари на капитал, додека во координираната пазарна економија тоа е кредитирањето од страна на домашни банки или интерно генерирани фондови во рамките на бизнис-мрежи или асоцијации. Разликите помеѓу овие два извора се што кај првиот тоа целосно зависи од пазарните резултати на фирмите, додека во вториот фирмите можат да обезбедат финансирање што не зависи од нивните остварени резултати и објавени финансиски податоци. Спротивно на овие два модела, зависната пазарна економија финансирањето главно го обезбедува преку одлуките на централите на транснационалните компании или на странските банки, кои се надвор од границите на националната економија. Затоа таа зависи од странските директни инвестиции или кредитирањето на странските банки.