Со оглед на поскапувањето на електричната енергија оваа зима, се наметнува прашањето дали ќе се сменат ставовите на европските лидери и ќе се дозволи нуклеарната енергија и гасот да се означат како зелени енергенти. Домашните експерти објаснуваат дека енергетиката како значаен сегмент за развојот на државите истовремено се користи и за геополитички стратегиски превирања

Се менуваат ли ставовите во Европа, ќе добијат ли гасот и нуклеарните централи зелена етикета. Растот на цените на електричната енергија изминативе месеци предизвика значителна бура на Стариот Континент, каде што недостигот од енергија предизвика значителен пораст на електричната енергија и на гасот. Наспроти намерите на Европската Унија да се ориентира кон зелена енергија, односно добивање електрична енергија пред сѐ од обновливи извори на енергија, деновиве пристигнуваат нови вибрации.
Комесарот за внатрешниот пазар на Унијата, Тиери Бретон, во интервју за „Журнал ди диманш“ посочи дека ЕУ до 2050 година ќе треба да инвестира 500 милијарди евра во нуклеарни централи од следната генерација.
– Само на постојните нуклеарни централи до 2030 година ќе им требаат 50 милијарди евра инвестиции. А на новите генерации ќе им требаат 500 милијарди – изјави Бретон, кој тврди дека планот на ЕУ енергијата од нуклеарките и природниот гас да се означи како „зелен“ извор е важен чекор кон привлекување капитал.
Како што пишуваат европските медиуми, ЕУ се консултира со земјите-членки за овој предлог, каде што има внатрешни несогласувања за тоа дали овие извори на енергија навистина може да се квалификуваат како одржливи опции. Франција ја предводи одбраната на нуклеарната енергија, која е нејзин главен извор на енергија, наспроти силното противење од Германија, која е во процес на затворање на сите свои нуклеарни електроцентрали.
Медиумите пренесуваат дека Европската комисија „верува дека природниот гас и нуклеарната енергија можат да играат улога во олеснувањето на патот кон иднината, кој главно се заснова на обновливи извори на енергија“. Во предлогот се наведува и дека за нуклеарната енергија треба да се воведат соодветни мерки за управување и отстранување на радиоактивниот отпад. Се бара изградбата на нови нуклеарни централи да биде условена со издадени дозволи до 2045 година, додека работата за проширување на постојните електроцентрали треба да биде одобрена до 2040 година. Денес ЕУ добива 26 отсто од својата енергија од нуклеарни електроцентрали, но Бретон посочува дека до 2050 година тоа ќе се намали на околу 15 отсто.
Со оглед на поскапувањето на електричната енергија оваа зима, се наметнува прашањето дали ќе се променат ставовите на европските лидери и ќе се дозволи нуклеарната енергија и гасот да се означат како зелени енергенти. Домашните експерти објаснуваат дека енергетиката како значаен сегмент за развојот на државите истовремено се користи и за геополитички стратегиски превирања.

– Проблемот поврзан со нуклеарната и обновливите типови на енергија е многу поголем и поширок. Прво, развојот на нуклеарната технологија никогаш не бил толку напреден како во денешницата, особено кон подобрување на безбедносниот аспект. Во последните пет години САД развија таканаречени мали нуклеарни реактори, кои може лесно да се транспортираат и монтираат и за чие функционирање нудат помош во инсталација. Со нив може да се замени една термоцентрала, а доколку некаде е потребно поголемо количество енергија, може да се монтираат неколку такви реактори еден до друг или на различни локации. Дури и повеќе земји во светот веќе потпишуваат договори за нивна примена. САД бараат од ЕУ да ги означи нуклеарките како незагадувачки, бидејќи и отпадот од нив тие си го транспортираат назад и потоа повторно го користат за производство на енергија. Со нивното означување како зелени, нема да треба да се плаќа данок за испуштање јаглерод диоксид. Од друга страна, кај гасот, кој исто така важи за енергент што помалку загадува од јагленот, дополнително и кај комбинираните постројки, емисиите на јаглерод диоксид се уште помали. Затоа се бара и овој тип да влезе во зелените, за исто така да нема даноци за загадување на околината – објаснува професорот Константин Димитров.
Димитров исто така укажува дека Франција ја поддржува оваа тенденција за нуклеарните централи да се означат како зелени, бидејќи и самата голем дел од енергијата добива од нив и додава дека Германија, која веќе затвора нуклеарни централи, е против таквиот предлог. Тој објаснува дека во светот енергентите се користат и како метод за политички превирања, но и дека стратегиските политики на големите играчи се одразуваат и врз малите земји како нашата.

– Со недостигот од ветер во Европа, се почувствува голем недостиг и од енергија, која им создава нелагодност на тамошните државници. САД и Русија тераат стратегиска војна преку енергентите. САД испорачуваат полутечен гас во Европа, а се противат на пуштањето на „Северен тек 2“. Ваквите стратегиски „војни“ се одразуваат и на малите држави како нашата, која сега мора да плаќа гас што е пет пати поскап од претходно. За разлика од нас, Србија, која не е членка на НАТО, доби гас по иста цена како и во летото, за првите шест месеци од годинава. Исто така, додека ние инвестираме во централа во туѓа земја, а не вложуваме во домашни капацитети, ќе плаќаме скапи енергенти. Не гледам дека добивме нешто од членството во НАТО, освен обврските да плаќаме солидни финансии, а дополнително и стратегиски губиме многу, за разлика од нашиот сосед Србија, која соработува и со Истокот и со Западот. Но кога немаме правилна национална политика за стратегиските прашања, сега ќе се чудиме како ќе плаќаме за затоплување на домовите – потенцира Димитров.
Професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии објаснува оти за да се овозможи сигурно снабдување со електрична енергија со постигнување на целите на енергетската заедница за декарбонизација на енергетскиот сектор, нуклеарните енергетски производствени постројки со технологиите на обновливи извори на енергија се опциите за енергетскиот развој до 2050 година.
– Транзицискиот период ќе биде покриен и со гасните електрични централи, кои по единица произведена енергија емитираат трипати помалку јаглероден диоксид во споредба со термоцентралите на јаглен. Во овој период до 2050 година со високи цени на емисиите на јаглерод, ќе се настојува да се затворат постојните термоцентрали на јаглен и постепено да се заменуваат со гасни електрични централи и со нуклеарни централи. Секако дека нуклеарните централи се највисокоинвестициски енергетски производствени капацитети, меѓутоа на подолг рок од 60 години и со вакви високи цени на пазарот на електрична енергија од над 100 евра по мегават-час, секако, се економски исплатливи. Во Франција веќе е дадено зелено светло за почнување градба на шест нови нуклеарни централи и како лидер во нуклеарната технологија, која има околу 55 нуклеарни централи, ќе го продолжи трендот на изградба на нуклеарните постројки. Германија, од друга страна, под силно влијание на зелената опција, нуклеарните централи со кои располагаа (вкупно 19) во последните десетина години постепено ги затвори, така што една од причините за ваквата висока цена на електричната енергија е недостигот од базна енергија, во кој голем удел имаа нуклеарните централи – објаснува Чаушевски.
Професорот посочува дека без разлика на застојот на градба на нуклеарни централи во последните 20 години во Европа и Америка, источноазиските земји како Кореја, Кина и Индија континуирано градат нуклеарни централи и развојот на оваа технологија е непрекинат.

– Во последните години, покрај големите нуклеарни реактори, се развиваат и технологии на мали модуларни реактори (SMR – Small Modular Reactors), кои би биле реална опција за земји со помали финансиски можности и, секако, со мали електроенергетски системи како Македонија. Без разлика каква технологија на нуклеарна централа би се одбрала, подготовката за градба (избор на локација, подготовка на кадар, оформување нуклеарно регулациско тело, законска регулатива и др.) трае околу пет до десет години и бара големи финансиски средства. Затоа нуклеарната опција е реална за Македонија по 2030 година, при што се очекува интензивна градба на нуклеарни енергетски постројки во Европа и пошироко. Во тој период, по 2030 година, постојните термоцентрали на јаглен би биле затворени, така што гасните термоцентрали најпрво, а потоа нуклеарна опција би биле алтернатива за покривање на базните потреби од енергија. Не смее да се заборави дека континуирано треба да продолжи градбата на другите технологии од обновлива природа, како големите и малите хидроцентрали, фотоволтаиците, ветерните централи и централите на биомаса, секако според локалните и метеоролошките состојби и во согласност со изграденоста на конвенционалните извори како термоцентралите – објаснува професорот Чаушевски


Хрватска и Шпанија ќе развиваат значаен проект од нуклеарната програма на ЕУ

Европските нуклеарни физичари го насочуваат своето внимание кон шпанската провинција Гранада, каде што оваа година започнува изградбата на ДОНЕС (DONES – DEMO Oriented Neutron Source), клучен уред за фузија. Проектот е вреден околу 690 милиони евра, втор по големина во нуклеарната програма на ЕУ. Овој проект бил прогласен за стратегиски во 2018 година и е прв меѓународен проект на ниво на ЕУ во кој Хрватска и Шпанија учествуваат како стратегиски партнери.
– Според предлогот, направен од институтот „Руѓер Бошковиќ“ и институтот ЦИЕМАТ во Мадрид, ДОНЕС започнува да живее со формирање управен комитет. Во 2022 година ќе биде потпишан меморандум за разбирање помеѓу Европската комисија и Владата на Шпанија, со кој се овластува Шпанија да ги координира изградбата и работата во име на ЕУ. Посебен меморандум за разбирање ќе биде потпишан и од Хрватска и Шпанија како земји иницијатори, со што ќе се дефинираат статутот на овој проект и учеството на Хрватска. Уделот на Шпанија би бил 50 отсто, уделот на ЕУ 25 отсто, додека очекуваниот удел на Хрватска е пет отсто – објасни Тончи Тадиќ, нуклеарен физичар од институтот „Руѓер Бошковиќ“ и претседател на советот на проектот.
Тој посочува дека уредот ДОНЕС е неопходен за тестирање на отпорноста на радијација на сите материјали за демонстративната централа за фузија (ДЕМО), која би била изградена по 2035 година.
– ДОНЕС е всушност технолошки центар, бидејќи има многу нови технологии: забрзувач со голема моќност, течен литиумски водопад, напредни системи за далечинско управување, електроника и детектори отпорни на интензивно зрачење итн. Хрватска ќе донира опрема дизајнирана тука, од наши експерти, ќе се произведува во хрватски компании, вредна 30 милиони евра или пет отсто од вредноста на уредот – рече Тадиќ.