Фото: Архива

Со скратени непродуктивни трошоци, но со поголем кусок, предлогот за ребаланс на годинешниот буџет дојде во Собранието.
Од пратениците ќе се бара виза за прекроениот буџет со приходи од околу четири милијарди евра, кои се за 6,9 милијарди денари поголеми од претходно, расходи од 4,6 милијарди евра, кои се за околу 16 милијарди денари над планираните со иницијалниот буџет, како и со дефицит од 42,7 милијарди денари, што е еднакво на 5,3 проценти од БДП.
Овој ребаланс што го скрои Владата, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е одговор на кризата, која не можеше да се предвиди во периодот кога се подготвуваше буџетот за 2022, па во него, освен кратења, има и додавања, но и реприоретизирање на средствата.
– Со ребалансот се дава одговор на кризата. Мерките што се најавени, се гледаат. Зошто одиме со овој ребаланс и што сакаме да постигнеме? Требаше да се адресираат сите потребни прашања, меѓу кои и дополнителни средства за кризата за мерки за ранливите категории, кои ќе бидат привремени зависно од потребите, но и да се одржат политиките што ќе значат зачувување на растот, бидејќи трошоците значително се зголемија и дефицитот се зголемува за 150 милиони евра. Притоа, со ребалансот има и околу 13,4 милијарди денари кратења, но во исто време има и додавања – појаснува министерот.
Тој потенцира дека тоа што е ставено во предлог-ребалансот на буџетот се очекува и да се реализира. Вели дека како што е договорено во Владата, со ребалансот се кратат по 10 проценти од сите институции. Се крати на неприоритетните трошоци, како на пример оние за стоки, услуги, ситен инвентар, мебел, возила… Од друга страна, се менуваат приоритетите на проектите во зависност од степенот на нивната реализација. Зголемување на трошоците, пак, како што објаснува, има во ресорите труд и социјална политика и земјоделство. Исто така, предвидени се и 76 милиони евра за реализација на антикризни мерки.

Со ребалансот, Владата планира даночни приходи од 143,2 милијарди денари, или за пет проценти повеќе од планираните во иницијалниот буџет. Притоа се очекува најиздашен извор да биде данокот на додадена вредност, додека, пак, намалување од 6,5 проценти се планира кај акцизата, од која треба да се соберат 26,9 милијарди денари.
Од прекроената државна каса, за исплата на плати се предвидени 33,2 милијарди денари, расходите за стоки и услуги се планирани на околу 23 милијарди денари и тие се наменети за редовно сервисирање на обврските на буџетските корисници, во кои се вклучени ефектите од зголемените цени за енергенсите. Капиталните расходи се кратат за околу шест милијарди денари и се на ниво од 32,2 милијарди денари. Но кај тековните трансфери има зголемување од околу 19 милијарди денари, со образложение дека се однесуваат, пред сè, на економските мерки за поддршка на граѓаните и на економијата.

Како ќе се полни зголемената буџетска дупка сѐ уште нема конечен одговор. Преговорите со Меѓународниот монетарен фонд за заем, кој според неофицијални информации би изнесувал 900 милиони евра, завршија, но министерот Бесими сè уште нема одговор колку ќе земеме од таа меѓународна финансиска институција, со која се преговараше за таканаречениот заем за претпазливост, кој го добиваат само земји со здрави економски фундаменти. Според Бесими, конечниот документ за финансирање ќе го имаме наредните недели.
– Планирано е делумно финансирање од ММФ, делумно финансирање за проектите од меѓународните финансиски институции, како и делумно од ЕУ преку ИПА-програмите или Рамката за Западен Балкан. Делумно ќе се финансира со задолжување во земјата и на странските пазари. Имаме околу 200 милиони евра отплата на претходен долг – појасни министерот.
Придонесите, како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување, со ребалансот се планирани на 78,6 милијарди денари, што е за 5,7 отсто над претходниот план. Е.Р.