Конфликтот во Црвено Море загрозува еден од најважните трговски патишта во светот, што потенцијално ќе влијае на повеќе од 40 отсто од трговијата меѓу Азија и Европа. Зголемувањето, пак, на цените на енергијата и нарушувањата во синџирот на снабдување со голем степен на веројатност ќе ги дополнат тековните економски грижи на европските земји. Тоа значи дека тензиите во Црвено Море може да донесат сериозни последици за Европа, а и за светот воопшто!
Конфликтот во Црвено Море и неговото влијание на европското економско закрепнување
Како што Британија и САД нишанат кон локациите на јеменските Хути на Блискиот Исток, така се зголемуваат тензиите во Црвено Море и доведуваат до можност за целосна криза што може да го загрози глобалното економско закрепнување. Во такво сценарио, Европа и нејзиното население може да очекуваат да се соочат со:
– повисоки трошоци за енергија,
– одложени испораки и прекини на синџирот на снабдување,
– враќање на инфлацијата, што ќе резултира со повисоки и подолготрајни каматни стапки.
Сите овие случувања се закануваат да предизвикаат повеќе проблеми за просечниот потрошувач, но и генерално за економијата, трговијата и за бизнисите.
Краток пресек за тоа што актуелно се случува во Црвено Море
Проблемите започнаа кога јеменската група Хути почна да напаѓа комерцијални бродови како резултат на тековните тензии на Блискиот Исток меѓу Палестинците и Израел. Досега, Хутите извршија 27 напади врз бродови што минуваат низ важната меѓународна поморска маршрута. Британија и САД започнаа воздушна офанзива како реципрочен потег. Имено, американскиот претседател Бајден нареди напади и рече дека тоа е „директен одговор на невидените напади на Хутите против меѓународните поморски бродови во Црвено Море“. Според официјалните извештаи, коалициските западни сили нападнаа повеќе од 16 места и погодија 60 цели.
Вклучувањето на силите на САД, Обединетото Кралство и коалициските сили полека го претвори она што беше регионална криза во – глобална. САД го обвинија Иран за давање поддршка на Хутите. Ако овој развој дополнително ескалира, тогаш глобалната економија, вклучувајќи ја и онаа на ЕУ, ќе претрпи значителни загуби.
Расте веројатноста Европа да биде погодена со повисоки цени на енергијата
Цените на нафтата веќе пораснаа како резултат на тензијата, при што брент ја достигна психолошки важната граница од 80 долари (73,12 евра).
Црвено Море сочинува 12 отсто од глобалната трговија со нафта преку море и 8 отсто од течен природен гас (ЛНГ).
Количеството сурова нафта што минува низ Суецкиот Канал е зголемено за 60 отсто од 2020 година, според официјалните бројки, бидејќи Европа регистрираше пораст на побарувачката по рекордните минимуми предизвикани од пандемијата. Исто така, важно е да се напомене дека Европа увезува нафта од блискоисточните производители преку Суецкиот Канал откако ЕУ воведе санкции кон Русија поради конфликтот во Украина.
Го издвојуваме заклучокот на аналитичарот за товарни податоци „Вортекс“ дека „заобиколен пат како резултат на прекините на Црвено Море може да доведе до зголемување од 58 отсто до 129 отсто во должината на времето што вообичаено им е потребно на танкерите со нафта да патуваат низ главните светски маршрути, вклучувајќи ги Индија до Европа и Блискиот Исток до Европа“. Исто така на ова се додава и заклучокот дека „моментот за ова не може да биде полош, особено кога зимата почнува да владее во Европа, со потенцијално нарушување во снабдувањето со енергија, што може директно да влијае на домаќинствата“.
Прекини во синџирот на снабдување
Повеќе од 15 отсто од глобалниот транспортен сообраќај минува низ Црвено Море, што го прави еден од најважните стратегиски водни патишта во светот. Околу 123,5 милиони метрички тони стоки биле разменети преку Црвено Море, а повеќе од 22.000 брода го поминале во 2022 година, покажуваат најновите податоци. Севкупно, 12 отсто од обемот на глобалната трговија го користи твој трговски пат.
Сепак, поради нарушувањето, светските бродски бизниси, глобалните бродски контејнери ја користат подолгата маршрута, избегнувајќи го Црвено Море и заобиколувајќи го ’Ртот на Добрата Надеж. Тоа резултира со пораст на цените за испорака бидејќи цената на контејнер се зголеми за 5.000 долари (4.570 евра) и 8.000 долари (7.312 евра), што е помеѓу два и пет пати повеќе од нормалната цена за овој период од годината. Дополнително, заобиколувањето додава околу 10 дена или 3.500 наутички милји на вообичаеното растојание, што придонесе за зголемени премии за осигурување. Според „Ксенета“, во товарните стапки меѓу Далечниот Исток и Северна Европа има зголемување од 124 отсто.
Како резултат на тоа, сите стоки што патуваат со контејнери не само што доцна ќе стигнат до својата дестинација туку ќе порасне и цената и ќе се одрази на зголемување на вкупните трошоци. Тоа ќе значи повисоки цени на повеќето, ако не и на сите производи во малопродажбата, односно ќе доведе до целокупно зголемување на инфлацијата.
Инфлација и продолжување на високите каматни стапки
Според „Алијанц трејд“, нарушувањата би можеле да резултираат со зголемување на инфлацијата за 0,7 отсто за Европа, што дополнително може да го одложи враќањето од сериозното економско забавување во регионот. Тоа, исто така, би можело да ја принуди Европската централна банка (ЕЦБ) да ги задржи каматните стапки повисоки подолго време, за да не го изгубат ефектот нејзините досегашни напори за борба против инфлацијата. ЕЦБ ги зголеми стапките 10 пати во последователни зголемувања.
Повисоките каматни стапки можат да извршат надолни притисоци врз бизнисите и исто така да ја обесхрабрат понатамошната економска активност – нешто што веќе беше придушено во текот на 2023 година, како што е наведено од ПМИ на еврозоната, кој изнесува 43,8, што укажува на пад на производството осум последователни месеци.
Изгледите за европската инфлација неодамна се подобрија, но има уште долг пат да се помине.
Во Германија инфлацијата на потрошувачките цени (ЦПИ) се зголеми за 3,8 отсто во декември, повисока од 2,3 отсто во ноември.
Франција исто така забележа пораст на ЦПИ, кој во декември изнесуваше 4,1 отсто наспроти ноемвриската бројка од 3,9 отсто.
Зголемувањето на цените на енергијата и нарушувањата во синџирот на снабдување веројатно ќе ги дополнат тековните економски грижи за европските земји. Тоа значи дека тензиите во Црвено Море може да донесат сериозни последици особено за Европа, а и за светот воопшто. Е.Р.