По прогласената кризна состојба, надлежните уверуваат дека во следниот период ќе ги утврдат приоритетите што ќе го диктираат носењето уредби со кои треба да се амортизира ударот од енергетската криза. Првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Трајан Ангелоски, бара од државата да им помогне на компаниите со субвенционирање на сметките за струја, во спротивно, на компаниите им се закануваат економски колапс и банкрот
ВЛАДАТА, СТОПАНСТВОТО И ГРАЃАНИТЕ ВО ТРКА СО ВРЕМЕТО ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА
Како што беше очекувано, Владата во четвртокот попладне, на 74-та седница, донесе одлуки за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на градот Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, кои ќе стапат во сила од 1 септември, со траење од 30 дена.
– Со денот на почнувањето на примена на овие одлуки, Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија и за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија постојано ја следи, анализира и проценува состојба на пазарите на електрична и топлинска енергија и предлага мерки во согласност со уредбите што ги регулираат критериумите и условите за прогласување кризна состојба – се вели во владиното соопштение.
Единствено е извесно дека од 1 септември се воведува кризна состојба во енергетскиот сектор, што ќе значи директна буџетска финансиска помош за државните енергетски компании во обезбедувањето непречена работа за испорака на топлинска и електрична енергија до граѓаните и компаниите.
Надлежните додаваат дека во следниот период ќе ги утврдат приоритетите што ќе го диктираат носењето уредби со кои треба да се амортизира евентуалниот удар од енергетската криза.
Првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Трајан Ангелоски, побара од државата да им помогне на компаниите со субвенционирање на сметките за струја.
– Цената на струјата мора да се ограничи и компаниите да ја плаќаат до одредено ниво, а над одредено што ќе го дефинира државата од своите фондови да му излезе во пресрет на стопанството – предложи Ангелоски.
Тој предупреди дека превисоките цени на струјата едноставно ќе доведат до колапс на економијата и банкрот на компаниите.
– Во овој момент на македонската економија ѝ се заканува енергетско цунами, од кое постои опасност да ја уништи. Енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола, не постои услуга или производ што може да поднесе цена на енергентите од 600 до 700 евра по мегават-час – појаснува Ангелоски.
Првиот човек на ССК смета дека ЕЛЕМ мора да обезбеди дополнителни количества енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. Притоа, Ангелоски побара и да не се дискриминираат компаниите што се наоѓаат на слободниот пазар во однос на оние на регулираниот.
– ЕЛЕМ мора да го зголеми производството, во овој момент не сме убедени дека го има достигнато максимумот, и да почне да продава струја на пазарот што позитивно ќе дејствува за намалување на цената – рече Ангелоски.
И тој, како и енергетските експерти, побара од надлежните да овозможат побрзи процедури за поставување фотоволтаици, односно ЕВН да дава енергетска согласност во рок од седум до десет дена, а преостанатата документација да се обезбедува во период од 120 дена.
Оцена на ССК е дека енергетската криза ќе потрае подолго, па затоа сметаат дека државата треба да се задолжи за да им помогне компаниите, а тие подоцна ќе го вратат тоа.
Владата веќе ги објави и трите тендери за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија во Скопје.
Компаниите што сакаат да оперираат со парното во Скопје не треба да имаат дозвола за производство, дистрибуција или снабдување за топлинска енергија, но затоа, пак, треба да понудат најголема вкупна инсталирана моќност на постројките за производство на топлинска енергија за да ја добијат работата. Компанијата што ќе ја добие работата ќе треба да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за соодветните дозволи.
На огласот може да се пријават еден оператор и група понудувачи, а нивната дејност треба да биде производство, дистрибуција или снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Посебен услов е да има кумулативен приход од две милијарди денари во последните три години. Доколку понудувачот ја врши дејноста во период помал од три години, минимален услов за утврдување на економската и финансиската состојба е понудувачот да го остварил условот – приходот во годините за кои постојат податоци.
Еден од критериумите да се добие работата е компанијата или компаниите што ќе конкурираат на огласот да имаат обезбедено алтернативно гориво за период од 15 дена работа со максималните капацитети во грејната сезона.
Краен рок за доставување на понудите е до 7.9.2022 година.
Е.Р.