Фото: Маја Јаневска-Илиева

Отсуството на глобална стратегија за развој на домашната економија е главната причина поради која Македонија од земја со константен вишок на образовани работници се најде во ситуација, како една од последиците, да нема доволно работници и за домашните компании. Наместо да се занимаваме со последиците, Владата треба да се насочи во детектирање на причината за низата проблеми што се јавуваат во стопанството, стопанскиот раст, реалната економија и создавањето БДП, а само една од последиците е сега актуелното прашање во врска со намалување на понудата на пазарот на трудот, сметаат економистите

Недостигот од длабоки економски реформски зафати продуцира низа системски слабости

Со отворањето на прашањето за либерализација на пазарот на трудот во Македонија беа изнесени на виделина на јавноста „разликите во ставовите за надминување на недостигот од домашни работници и потребата за увозот на работа на странски работници“.
И додека Владата се обидува преку ад хок решенија да покрива уште еден од низата проблеми во стопанството, како што е кусокот од квалификувана работна сила, преку ангажирање работници од странство, од бизнис-секторот инсистираат да се воспостават сериозни сеопфатни и интегрални реформски механизми! Тие, меѓу другото, ќе го спречат и феноменот на одлив на работници, кој се јавува и како последица на анемичниот приод кон толку потребните сериозни реформски зафати во стопанството.

Отсуство на длабока сеопфатна стратегија за развој на домашната економија

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е гласноговорникот на Владата за отворање на пазарот за странски работници, минатата недела го повтори ставот дека на „пазарот на трудот има недостиг од работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст“! Неговиот став се однесува на тоа дека во земјава има над 113 илјади активни невработени, но дека тие невработени не одговараат на потребите во некои сектори што бараат специфични квалификации. Ова, пред сѐ, се однесува на градежниот сектор, во кој недостигаат работници од различни занаетчиски професии.
Отсуството на длабока сеопфатна стратегија за развој на домашната економија е главната причина поради која Македонија од земја со константен вишок на образовани работници се најде во ситуација да нема доволно работници и за домашните компании. Наместо да се решаваат последиците, Владата треба да се насочи во детектирање на причината за намалување на понудата на пазарот на трудот, сметаат економистите. Во сите претходни години, домашните компании беа оставени самите на себе, во развојот на производните програми, и без сериозна логистичка и финансиска поддршка од државата, тие не можеа да инвестираат во подобрување на сопствената конкурентност во однос на странските пазари и да изградат поширока економска база, во која би ги апсорбирале новите генерации квалификувани работници и стручен високообразован кадар. Наместо тоа, досегашните власти се насочија првенствено кон привлекување странски инвестиции, кои беа недоволни да ги привлечат слободните работници, кои својата егзистенција ја побараа во високоразвиените земји во Европа.
– Македонските компании треба да добијат шанса за инвестирање со тоа што целокупниот државен апарат ќе ги обезбеди потребните инфраструктурни и процедурални услови, а постапките ќе ги направи брзи и ефикасни. Домашната економија треба да ја изградиме на завидно ниво, а нејзин стожер и носител треба да бидат домашните компании. Во одреден временски период поради желбата да се привлечат странски инвестиции за да се намали стапката на невработеност, која беше многу висока, домашните компании тотално се запоставија дури се случи и процес во кој тие се затвораа, иако создаваа одлични производи и имаа добра поставеност, а се носеа странски компании што добиваа екстра субвенции. Државните институции на централно и на локално ниво, преку политиките што ги креираат, практично треба да создадат услови за да дојде до промена на оваа стратегија и поставување на домашните компании како главен елемент на растот и развојот на економија. Странските инвестиции треба да бидат некој вид засилување, да го дополнат тоа што е потребно или преку нив да се развиваат одредени помалку развиени региони – вели Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Реформите во образованието и наставните програми сѐ уште не го следат пулсот на стопанството

Заради задоволување на потребите на стопанството, потребна е поголема ангажираност на надлежните институции околу мотивирањето на невработените лица за преквалификации и дообуки. Иако од бизнис-секторот континуирано се потсетува на зголемување на бројот на учениците во стручните средни училишта, досега не беше спроведена стратегиска промена на севкупниот образовен систем. Реформите во образованието и наставните програми не ги следеа потребите на стопанството и адекватно на тоа да се насочува и идниот кадар што треба да биде активен на пазарот на трудот. Едно од можните решенија е воведување на дуалниот систем на средното стручно образование или учење преку работа со системска поддршка и субвенции за учениците што би се определиле за таков вид образование, посочуваат од бизнис-заедницата.
За компанијата да биде попродуктивна и попрофитабилна, покрај технолошката конкурентност, важен сегмент се токму вработените квалитетни кадри, понатаму нивна мотивација и поттик за понатамошна едукација, специјализација за проширување на постојното и стекнување ново знаење со цел што е можно повеќе да придонесат за остварување на организациските цели. Токму затоа е забелешката на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, дека увозот на работна сила не подразбира само увоз на дреари, тесари, заварувачи туку и на ангажирање странски менаџери, кои со своето знаење би ги зголемиле продуктивноста и конкурентноста на домашните компании.
За тоа колкава би била годишната квота за увоз на странски работници дополнително ќе се направат процени од македонската влада со консултација со домашните компании. Според расположивите податоци за првите шест месеци од 2022 година, до Агенцијата за вработување пристигнале над 2.000 барања од странски државјани за работа во Македонија. Агенцијата за наведениот период дала зелено светло за 1.718 странски државјани да работат во земјава. Странските работници претежно се од Турција, како и од соседните земји, Србија, Косово и Албанија.
Во 2021 година, агенцијата доделила вкупно 4.700 позитивни мислења до МВР за работа на странски државјани, од кои 799 биле за управители, потоа речиси 300 за општи работници тесари, 268 за армирачи, 93 за менаџери, 78 фудбалери итн.

М.Ј.