Економските аналитичари велат дека проблемот со инфлацијата е многу сериозен и треба да се оди многу внимателно при дизајнирање на политиките, зашто таа удира директно на потрошувачката кошница
Високата инфлација – нов голем предизвик за економијата
Светската економија влегува во 2022 година со висока инфлација, висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување, транзиција кон производство. Нашата држава ќе продолжи да ја дели судбината на светската и особено на европската економија. Македонската економија е мала, отворена и увозно зависна. Секое од глобалните нарушувања, како на пазарот на енергија и храна така и на страната на глобалната ефективна побарувачка за нашите производи и услуги, се одразува на домашната економија.
Европската комисија очекува високата инфлација во еврозоната да потрае. Според економската прогноза што ја претставија властите во Брисел, се очекува цените во еврозоната да пораснат во просек за 4,8 отсто во првите три месеци од годинава, откако во еврозоната беа достигнати рекордни 4,6 отсто во последниот квартал на 2021 година. Поради високите цени на енергентите, ефектите од бранот на омикрон и тесните грла во испораките, Еврокомисијата очекува забележително ублажување на ценовниот притисок за потрошувачите и за компаниите најрано пред крајот на 2022 година.
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека не очекува инфлацијата да се намали за брзо време, затоа што за да се намали многу брзо ќе треба државите да преземат мерки што не се популарни кај граѓаните, додавајќи дека затоа очекува намалувањето да биде подолгорочно за да не предизвика големи потреси во економскиот раст и во стандардот на граѓаните.
– Македонија де факто нема своја сопствена монетарна политика бидејќи курсот на денарот е цврсто врзан за еврото, па така причините, но и последиците од инфлацијата не се разликуваат многу од еврозоната. За нас во овој момент е најважен притисокот за зголемени плати, кој не само што ќе ја одолжува борбата со инфлацијата туку врши и огромен притисок врз буџетот. За жал, нашиот буџет нема многу алтернативи бидејќи огромен дел од истиот тој оди за социјални трансфери. На пример, доплатите во пензискиот фонд заради исплата на пензиите се еднакви на исплатените плати на државната администрација, што значи, Македонија издржува двојна администрација – смета Димитров.
Тој истакнува дека инфлацијата носи одредени негативни ефекти за економијата, особено за идните инвестиции и стабилноста на условите за стопанисување.
– Светот се најде во една многу комплицирана ситуација кога на проблемите што ги донесе ковид-пандемијата се надоврзаа и проблемите што се предизвикани од енергетската криза. Прво, за време на пандемијата, со цел да го ублажат падот на економиите, речиси сите држави исплаќаа плати, субвенции и поддршка на потрошувачката, а во исто време поради кинење на синџирите на снабдување, но и поради намалениот обем на работа немавме адекватен раст на понудата. Луѓето што не одеа на работа ги чуваа парите за моментот кога ќе се подобри ситуацијата. Кога мерките од пандемијата се опуштија, граѓаните навалија на продавниците, но производството уште ги трпеше последиците од пандемијата и не можеше да испорача адекватна понуда. Ова е првата причина за инфлацијата – укажува Димитров.
Втората причина, како што вели тој, е предизвикана од растот на трошоците на енергентите, кој беше предизвикан од желбата за зелена енергија, декарбонизацијата и недоволното производство на електрична енергија произведено од обновливи извори, па компаниите мораа овие зголемени трошоци да ги префрлат на купувачите и да ги зголемат цените.
– Мерките за спречување на растот на цените се познати, но тие не се популарни. Дали некоја влада ќе собере храброст да го ограничи растот на платите, да ги зголеми каматните стапки и да ги ограничи социјалните трансфери е многу тешко прашање. Затоа постепеното ублажување на инфлацијата ќе направи таа да е по безболна ама рокот на ублажување ќе биде подолг. Некои економисти велат дека инфлацијата е „невидлив данок“, други дека инфлацијата „го распределува товарот на сите еднакво“, во секој случај пазарните законитости мораат да најдат начин да се постигне рамнотежа. Позната е изреката дека во економијата не постои бесплатен ручек, сега дојде времето да се плати тоа што го трошевме без покритие во 2020 и 2021 година – нагласува Димитров.
Според професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични.
– Според индексот на цените на мало, инфлацијата веќе достигнува околу 5 отсто. Тоа е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница – посочува Беџети.
Европскиот комесар за економија, Паоло Џентилони, рече дека притисокот на цените веројатно ќе остане силен до лето, по што инфлацијата ќе опадне. Сепак, тој предупреди дека неизвесноста и ризиците се и натаму големи. Затоа, Комисијата за 19-те земји-членки на еврозоната за 2022 г. очекува просечна стапка од 3,5 проценти, што е речиси за еден процент повеќе од минатата година. Во сите 27 земји членки на ЕУ, пак, цените во просек на годишно ниво би требало да пораснат дури за 3,9 отсто.