Фото: ЕПА

Што ќе донесе новото проширување на БРИКС

Предвидувањата на некои аналитичари се дека „новиот економски сојуз ќе стане водечка економска сила до 2050 година ако се знаат ресурсите со кои располагаат сегашните и идните членки, во смисла на потенцијалот на куповната моќ и располагањето со природните богатства“. Меѓутоа, проширувањето го отвора и предизвикот за подинамична кохезија и кохеренција на БРИКС, во кој и сегашните членки се разликуваат во политичките системи, економската моќ и во надворешните политики

Самитот на БРИКС што се одржуваше минатата недела во Јоханесбург заврши со покана до шест земји да му се приклучат на блокот од почетокот на претстојната 2024 година. Поканата за придружување на постојните членки Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка беше упатена до Аргентина, Египет, Иран, Етиопија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Претседавачот на самитот, јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, прецизира дека интеграцијата во блокот ќе биде ефективна од 1 јануари 2024 година. По оваа прва фаза од процесот на проширување на БРИКС, ќе следуваат и другите фази.
Проширувањето на групата БРИКС следната година ќе биде второ, бидејќи на блокот, кој беше формиран во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, една година подоцна му се приклучи и Јужна Африка. Повеќе од 40 земји покажаа интерес за приклучување кон БРИКС, а 22 официјално аплицираа за членство. Меѓу главните критериуми за избор бил географскиот фактор. Овој избор беше направен за да се одржи регионалната рамнотежа во рамките на групата.

Што понатаму?

Последниот самит со повеќе од 60 земји учеснички беше најголем откога се одржуваат состаноци под форматот на БРИКС. Според меѓународните аналитичари, ваквиот развој на настаните претставува голема победа на политиката на Пекинг, кој долго настојуваше да се прошири блокот. Додуша, според извештаите, имаше искажано и извесни резерви, кои беа изразени од страна на Индија и Бразил, а се однесуваат на „развлекувањето на БРИКС со проширувањето, а со тоа и ослабувањето на ударната тупаница за реализацијата на главната мисија на блокот“.

Но аналитичарите сметаат дека благодарение на новото проширување, бројот на земји-членки во БРИКС ќе се удвои и на тој начин ќе се прошири неговото глобално влијание, особено на Блискиот Исток.
– Тоа ја прави Кина јасен победник – изјави Сти Цанг, директор на кинескиот институт СОАС на Универзитетот во Лондон.

Првенствено, БРИКС претставува формат на економско поврзување на земјите-членки, кое, според националните перформанси, може сериозно да влијае на глобалниот пазар. Петчлениот економски сојуз настана за да се пронајде начин за реформа на меѓународните финансиски институции како што се ММФ и Светската банка, а намерата беше да се создадат подобри позиции на економиите во развој.

За издвојување е дека земјите на БРИКС во 2014 година ја основаа Новата развојна банка (НБД), со средства од 250 милијарди долари, за да им се овозможи на земјите во развој да дојдат до финансиски средства. Водечките политичари во Бразил и на Русија неодамна предложија да се создаде заедничка валута за блокот БРИКС, за да ѝ се спротивстават на доминацијата на американскиот долар во меѓународната трговија и финансиите. Но прашањето за заедничка валута не беше на дневен ред на самитот во Јоханесбург.

Предвидувањата на некои аналитичари се дека новиот економски сојуз ќе стане водечка економска сила до 2050 година ако се знаат ресурсите со кои располагаат сегашните и идните членки, во смисла на потенцијалот на куповната моќ и располагањето со природните богатства. Моментално, земјите од БРИКС имаат 3,24 милијарди жители, а нивниот збирен национален доход изнесува околу 26 отсто од светскиот БДП.

Кои се перспективите?

Групата формално им наложи на министрите за финансии и гувернерите на централните банки да го разгледаат прашањето за локалните валути, платежни инструменти и платформи и да ги известат лидерите на БРИКС до следното лето.
Претседателот на Кина, Си Џинпинг, пак, рече дека проширувањето на БРИКС е историско и нова почетна точка за соработката со БРИКС. Рускиот претседател Владимир Путин рече дека прашањето за постигнување договор за обединета валута на БРИКС е „предизвикувачка задача“, но инсистираше на тоа дека блокот ќе работи на постигнување резолуција за ова прашање. Ставот на надворешните скептици е дека идејата за заедничката валута, кон која се стреми Бразил, не е реална „сѐ додека економските разлики меѓу одделните земји се толку големи“!

Меѓутоа, со добивањето нови шест членки БРИКС е на пат да ги исполни своите цели, а тоа е преку лабави економски групации да се претвори во геополитичка (економска) противтежа на западните институции, како што е Г7. Проширувањето добива на важност по ескалацијата на ривалството меѓу Кина и САД, како и по промените во меѓународните односи што се случуваат поради последиците од војната во Украина. Понудата од Пекинг за создавање алтернативен светски поредок наидува на одобрување во глобалниот југ, каде што, како што истакнаа многу економски аналитичари на самитот во Јоханесбург,а „многу земји се чувствуваат маргинализирано во меѓународниот систем, во кој доминираат интересите на Вашингтон и неговите пребогати сојузници“!

Професорот по меѓународни студии на универзитетот „Џавархарлал Нехру“ во Њу Делхи, Хепимон Џејкоб, смета дека проширувањето на БРИКС фрла светло на промената на глобалниот политички поредок.
– Тоа што е лидер на незападниот форум и на глобалниот југ, кој е генерално незадоволен од институциите предводени од САД, ќе ѝ помогне на Кина да стане противтежа на САД и светскиот поредок што е предводен од САД – изјави тој.
Меѓутоа, проширувањето со нови земји го отвора и прашањето за кохезија и кохеренција на БРИКС, во кој и сегашните членки се разликуваат во политичките системи, економската моќ и во надворешните политики. Ова се однесува на организациите што се засновани на консензус, како што е и БРИКС, во кој одлуките се донесуваат доколку дадат согласност сите членки. Новите членки на некој начин се со различни интереси. Моментално, Аргентина се наоѓа во тешка економска ситуација и се соочува со висока инфлација и валутна криза. Египет се справува со сопствена економска криза и е втор најголем должник на ММФ. Етиопија, која е втора најмногубројна земја по население во Африка и една од некогаш најбрзорастечките економии на континентот, поминува низ процес на заздравување од граѓанската војна.

Проширувањето на БРИКС ги вклучува и трите најголеми извознички на нафта: Саудиска Арабија, ОАЕ и Иран. Саудиска Арабија и Обединетите Емирати се традиционално блиски сојузници на Америка, а воспоставија поблиски односи и со Кина, која го зголемува своето присуство во регионот. М.Ј.


Земјите од БРИКС, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, често се сметаат за противтежа на светот предводен од Западот. Шесте нови земји, Аргентина, Египет, Иран, Етиопија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), треба да и се приклучат на групата во јануари идната година.
Одлучувајќи во корист на проширувањето, кое е прво во блокот за 13 години, лидерите на БРИКС ја оставија отворена вратата за идно проширување бидејќи уште десетици земји изразија интерес да ѝ се приклучат на групата.