фото: Маја Јаневска - Илиева

Според калкулациите на компаниите што ги доставија своите понуди, цената на струјата ќе се покачи, иако тука не е пресметано ниту ДДВ, кое од 10 се враќа на 18 отсто. Ако се прифатат сите трошоци, вклучувајќи го и враќањето на ДДВ, цената во најцрното сценарио може да се зголеми и до 20 отсто

Регулаторната комисија за енергетика денеска на подготвителна седница ќе ги претстави одлуките за тоа кои од трошоците на домашните компании ќе бидат прифатени од што ќе зависи и висината на новата цена на електричната енергија. По ова се очекува од МЕПСО, „ЕВН хоме“ и „Електродистрибуција“ да достават и забелешки до крајот на неделата, по што РКЕ ќе ја соопшти конечната одлука за цената на струјата. Конечната одлука за новата цена што ќе се применува од 1 јули и ќе важи во следните шест месеци ја носи Регулаторната комисија, каде што треба да се вкалкулираат и барањата за мрежарина од ЕВН, за пренос од МЕПСО и за покривање на загубите на „Електродистрибуција“. Според калкулациите на компаниите што ги доставија своите понуди, цената на струјата ќе се покачи, иако тука не е пресметано ниту ДДВ, кое од 10 се враќа на 18 отсто. Ако се прифатат сите трошоци, вклучувајќи го и враќањето на ДДВ, цената може да се зголеми и до 20 отсто.

Колкаво поскапување нема да предизвика ценовен шок?

Кон крајот на минатата недела АД ЕСМ на универзалниот снабдувач ЕВН му доставил понуда од 53 евра за мегават-час пред одлуката на Регулаторната комисија за енергетика по колкава цена ќе ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи електричната енергија од 1 јули. Оваа цена е за околу 5,35 отсто пониска од претходната, која беше добиена на последниот тендер во јануари-јуни 2023, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 56 евра за мегават-час. Од страна на МЕПСО беше доставено барање до регулаторот за зголемување на делот за пренос на струјата за 50 отсто, а „Електродистрибуција“ побара зголемување на дистрибутивниот дел за 30 отсто. Наспроти овие „фактори“, од Владата и од Регулаторната комисија во изминатиот месец беше истакнуван ставот дека нема да дојде до промена на цената на електричната енергија.
– Јас можам да ги уверам граѓаните дека ценовен шок нема да има и дека цената на струјата ќе остане непроменета. Ние сме обезбедиле финансиски средства од буџетот, за да ја помагаме државната ЕСМ – изјави премиерот Димитар Кoвачевски.
Премиерот вети и пониска цена на струјата и за малите потрошувачи што се снабдуваат на регулираниот пазар. Тој вели дека во буџетот се предвидени пари за субвенционирање на сметките и за над 72 илјади фирми, за да можат да ги одржат бизнисите.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, изјави дека цената на електричната енергија нема да се зголеми од 1 јули годинава. Тој ја даде изјавата еден ден пред да се отвори тендерот со понудата за снабдување со електрична енергија на „ЕВН хоме“. Според Бислимовски, тендерот е клучен за одредување на цената на електричната енергија, но податоците што ги имаат досега покажуваат дека цената не би требало да се зголеми.
Според експертите, едно е сигурно, дека цената на струјата ќе се зголеми за минимум 8 отсто поради враќањето на ДДВ од 10 на 18 отсто од 1 јули.
– Цената на струјата ќе биде зголемена за 8 отсто поради зголемувањето на ДДВ, а дали ќе има дополнително зголемување ќе зависи од понудената цена на ЕСМ. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека нема да дозволат да има зголемување на цената на струјата, но таа е независно тело и не се знае колку ќе може да притисне за да не се зголеми цената, бидејќи сега на берзите е многу пониска од онаа што ја набавуваа во зимата- вели универзитетскиот професор Константин Димитров.

Евтина тарифа нема да има

Иако беше најавувано и се очекуваше од 1 јули да се врати евтината дневна тарифа, сепак нема да се случи тоа. Надлежните ваквата поволност ја најавуваа речиси два месеца, но само една недела пред почетокот прашањето дали и во кои два часа во текот на денот ќе има евтина дневна тарифа остана да виси. Од Регулаторната комисија за енергетика, кој пред неколку дена го најави воведувањето од 1 јули, сега велат дека проблем била промената на броилата, за што им било потребно повеќе време. Тоа нема да се случи до крајот на годината поради проблемот со приспособувањето на броилата, кое треба да го направи „Електродистрибуција“. Најголем проблем се старите броила што немаат далечинска контрола и мора секое броило рачно да се приспособува. Најоптималниот рок за првата фаза од евтината струја е февруари идната година.
Просечната цена на струјата на берзата Хупекс за 23 јуни годинава изнесува 115,35 евра за мегават-час, на МЕМО 73,20 евра за мегават-час. Во согласност со податоците за движењето на цените на берзата Хупекс во Унгарија просечната часовна цена на еден мегават-час електрична енергија (baseload) изнесува 115,35 евра за мегават-час, додека на Македонската берза за електрична енергија цената е 73,20 евра за мегават-час. Цената на електричната енергија во текот на дневните часови (од 9 до 20 часот) (peakload) на Хупекс постигна ниво 117,63 евра за мегават-час, а на MEMO 65,10 евра. Просечната цена на електричната енергија во текот на јуни досега (baseload till date) на Хупекс изнесува 94,71 евра за мегават-час, додека просечната цена за мај на берзата МЕМО изнесува 82,04 евра за мегават-час.
– Имајќи ја предвид актуелната состојба на енергетскиот пазар во Европа и светот, важно е да се издигне свесноста за домаќинско трошење на електричната енергија, како и за редовното намирување на сметките за електрична енергија, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето – посочуваат од ЕДС, компанија што учествува во снабдување со електрична енергија за домашните потрошувачи. М.Ј.