Чад Стахелски, режисерот на франшизата „Џон Вик“, најави можност за воведување нова категорија на церемонијата за доделување на „оскарите“ – за најдобра каскадерска изведба. Стахелски во интервју за „Комикбук.ком“ потврди дека е во преговори со раководството на Американската филмска академија.
– Се сретнавме со членовите на Академијата и имавме такви разговори и, искрено, беше конструктивно и едукативно. Мислам дека го направивме првиот чекор за да се случи тоа. Можеби на следната церемонија или потоа, најдоцна во следните три-четири години – изјави режисерот, кој кариерата ја започна како каскадер.
Тој го замени трагично починатиот Брендон Ли во филмот „Врана“, а потоа благодарение на неговото познанство со Кијану Ривс стана негов каскадер во филмот „Матрикс“. Со Ривс повторно соработуваше во 2014 година, но овој пат како режисер на првиот „Џон Вик“.
Стахелски истакна дека сѐ уште не е јасно формулирано кој од каскадерскиот тим би бил награден и за кои конкретни заслуги. Следната церемонија на „оскар“ е закажана за 10 март 2024 година.
Четвртиот дел од серијалот „Џон Вик“ ја имаше својата премиера на крајот на март и успеа да заработи 430 милиони долари на светските киноблагајни. Студиото „Лајонсгејт“ официјално започна со работа на петтиот дел од франшизата.