Новите барања на синдикатот за покачување на 18.000 денари ќе ја подигнат минималната плата на 62 отсто во однос на просечната и такво ниво нема ниту една европска држава, тврдат работодавците. И Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата во 2021 година предупредува дека континуираниот раст на платите останува предизвик за надворешната конкурентност, со оглед на негативниот развој на продуктивноста на трудот во последните години во Македонија
НАЈАВИТЕ ЗА ВЕШТАЧКО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НОВ ПРОБЛЕМ СРЕДЕ КРИЗА
Владата најавува раст на минималната плата и на пензиите, но колку овие потези се реално остварливи и економски одржливи во ситуација кога клучен предизвик останува справувањето со енергетската криза, растот на цените и пандемијата. Синдикатот инсистира на итно зголемување на минималната плата на 18 илјади денари, Владата ветува, но стопанствениците излегоа со свои аргументи. Стопанските комори и бизнис-асоцијациите веќе предупредија дека се против какви било наметнати решенија. Тие реагираат дека секое вештачко неусогласено зголемување само ќе ја наруши рамнотежата во стопанството и економијата.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, реалноста е дека животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите, треба да биде заштитен, за што законодавецот предвидел автоматски механизми.
– Кај минималната плата тоа е усогласувањето со растот на цените, просечната плата и БДП секој март, а кај пензиите тоа е усогласувањето со цените двапати годишно. Значи, тие механизми треба да ги компензираат особено ценовните движења, кои беа тема во втората половина од 2021 и сѐ уште се актуелни. Но дебатата што се води излегува од рамките на законското усогласување. Таа е легитимна, бидејќи нормално е работниците и синдикатите да бараат повисока минимална плата, а пензионерите повисока пензија. Секако, наодите одат во прилог на тоа дека тоа позитивно се рефлектира на нивниот животен стандард. Меѓутоа, реалноста не е така правонасочна. Во поглед на минималната плата, барањето за пораст на 18.000 денари, односно близу 20 отсто, би било реално ако продуктивноста на трудот пораснала за тој процент – објаснува Петрески.
Тој укажува дека реалноста е дека продуктивноста на трудот стагнира и не произлегува од платите, туку од вештините на работниците дефинирани со нивното искуство и образование, технологијата што ја користи фирмата и како таа технологија се комбинира со трудот, општата ефикасност во работењето итн.
– Дополнително, бизнис-секторот сѐ уште е притиснат од кризата, пандемиската криза, која продолжи во енергетска криза, што наметна трошоците за енергија енормно да се зголемат за купувачите што ја набавуваат на отворен пазар. Ова имплицира дека зголемување на минималната плата на 18.000 денари ќе предизвика еден од двата, или комбинација од неповолни ефекти – прецизира Петрески.
Првиот негативен ефект, како што додава професорот, е што Владата може да додели субвенција за пораст на минималната плата, меѓутоа ставката за субвенционирање на платите во буџетот е веќе 40 милиона евра годишно и е втора по големина субвенција, по земјоделските субвенции.
– Ако и сега се определи субвенција, на пример на придонесите што би се платиле на износот на зголемувањето на минималната плата во износ од 20 евра по работник месечно, тоа ќе биде еднакво на триесетина милиони евра субвенција годишно, што е баснословен износ. Ние мора да престанеме да размислуваме за субвенционирање на сѐ и сешто, затоа што така опасно ја загрозуваме фискалната одржливост, расте јавниот долг и идните генерации само ги натоваруваме со обврски за отплата – нагласува Петрески.
Според него, вториот неповолен ефект што може да настане, особено ако порастот не биде субвенциониран, е втурнување значаен контингент од примателите на минимална плата во сивата економија.
– Да илустрирам дека во време на пандемијата од 2020-та, уделот на работници во сива економија се намали за речиси четири процентни поени, што е значајно постигнување, пред сѐ водено од пријавувањето на работниците за да се искористат владините антиковид-мерки. Деформализацијата може многу лесно да се случи, а формализацијата е тешка. Притоа, да имаме предвид дека имаме многу форми на полудеформализација, на пример осигурување на работниците на четири часа дневно, де факто работа на 8 часа, и исплата на дел од платата во плик, за да се избегне исплата на целата минимална плата. Порано многу зачестени беа и барањата да се враќа дел од платата како готовина; секако не сакаме таа практика повторно да се интензивира – вели Петрески.
Тој смета дека решението е да се води интензивен социјален дијалог, кој значајно се подобри во земјава во последниве години, и преку него да се дојде до решение што ќе биде прифатливо за сите страни и кое нема да ги донесе на површина овие проблеми.
– Во однос на пензиите, задршката ми е во слична насока. Секое ад хок зголемување на пензиите над законското усогласување со цените ја враќа на сцена темата за одржливоста на ФПИОМ, која се подобри по реформата за пораст на стапката на социјални придонеси од 2019 година. Со ад хок зголемување, ризикот таа релативна стабилност да се наруши се зголемува. Наспроти ваквиот тип потези, може да се разговара за формулата за усогласување, како и за аспекти на одредени зголемувања кај најниските пензии – додава професорот.
Според претседателот на собранието на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров, минималната плата има две димензии, едната е социјалната, а другата е економската.
– Не случајно земјите-членки на Меѓународната организација на трудот при усвојувањето на Конвенцијата за одредување на минималната плата решиле дека при договарањето на висината на минималната плата треба да се земат потребите на работниците и нивните семејства од една страна и потребите на економскиот развој, нивото на продуктивноста и одржувањето на нивото на вработување – потенцира Димитров.
Тој вели дека Македонија кога првпат донесе Закон за минимална плата, во јануари 2012 година, ја утврди висината како процент од просечната плата и изнесуваше 39,6 отсто од неа. Но потоа следуваа уште две номинални покачувања на минималната плата, најпрвин во септември 2017 на 12.000 денари, потоа во декември 2019 на 14.500 денари.
– На овој начин минималната плата достигна ниво од 52 отсто од просечната плата во земјата. Ова е едно од највисоките нивоа на минимална плата во Европа. Многу високото ниво на минимална плата споредено со просечната плата и со продуктивноста во земјата води кон компресија на платите со смалување на разликите помеѓу подобро рангираните работници и работниците со минимална плата. Ова води до демотивираност на добрите и повисоко платените работници – укажува Димитров.
Како што споменува тој, зголемените трошоци за плати ги тераат работодавците да ги компензираат или со намалување на платите на подобрите работници или се обидуваат да ги зголемат цените на своите производи. Ако тоа не е можно, се одлучуваат да ги отпуштат работниците што земаат минимална плата.
– Факт е дека покачувањето на минималната плата од 10.000 на 12.000 денари не доведе до намалување на бројот на работници, но тоа покачување беше од 44 отсто на 50 отсто во однос на просечната плата. Новите барања на синдикатот за покачување на 18.000 денари ќе ја подигнат минималната плата на 62 отсто во однос на просечната и такво ниво нема ниту една европска држава – смета Димитров.
Дополнителен проблем, како што потенцира тој, е што тоа се случува во услови кога сѐ уште постојат економски проблеми предизвикани од ковид-кризата, а особено од енергетската криза.
– Владата мора да биде многу внимателна ако овој пораст се обиде да го компензира со владини субвенции. И Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата во 2021 година ја предупредува Владата дека континуираниот раст на платите, потпомогнат со владините субвенции за плати дадени поради кризата, останува предизвик за надворешната конкурентност, со оглед на негативниот развој на продуктивноста на трудот во последните години – појаснува претседателот на собранието на ОРМ.