Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) пресметал дека доколку сега би се зголемила, минималната плата би изнесувала 20.107 денари, бидејќи, како што велат, трошоците за живот и порастот на просечната плата согласно последните податоци изнесуваат вкупно 24,6 отсто, кои според Законот за минимална плата во новата пресметка се земаат 50 проценти од тоа или 12,3 отсто.
– Усогласување на минималната плата според Законот за минимална плата од оваа година се врши од 50 отсто од порастот на просечната плата која според нашите пресметки од јануари до ноември е зголемена за 10,3 проценти, па 50 отсто од порастот на просечната плата изнесува 5,15 проценти, како и 50 отсто на пораст на трошоци на живот кои спред последна објавена информација од НБРМ до минатиот месец изнесува 14,3 проценти или 50 отсто од порастот на трошоците за живот изнесуваат 7,15 проценти. Податоците се преземени од Државниот завод за статистика и НБРМ – информираат од ССМ.
Според Сојузот на синдикати, во бруто плата од 26.422 денари плус 3.250 денари, минималната бруто плата од март наредната година ќе изнесува 29.672 денари или во нето плата 18.000 денари плус 2.107 денари, би се дошло до сума за минималната плата од 20.107 денари.
ССМ посочува дека „преку работничка борба и притисок, преку протести и социјален дијалог, иако сите беа против“, обезбедил зголемување на минималната плата од 15.196 денари на 18.000 денари, како и нов законски модел на пресметка во корист на работниците, без притоа да имаат можност да влијаат ниту владините претставници ниту газдите.
Истовремено, ССМ поосчува дека заедно со УПОЗ преку последните измени на Законот за административни службеници обезбеди основната компонента на плата да биде составена и од минималната плата, а со тоа околу 13.000 работници кои примаат плата според овој закон веднаш ќе добијат линеарно услгласување на нивните плати за износот за кој ќе се зголеми минималната плата односно за 2.107,00 денари, а истото ќе се случи и за околу 40.000 други вработени во јавен сектор чии работодавачи го користат моделот од овој закон за пресметка на платите на вработените.