Фото: Игор Бансколиев

Своевремено славниот политичар Ото фон Бизмарк, татко на обединета Германија, прв нејзин канцелар и ненадминат мајстор на политиката и на геополитиката има кажано дека „политиката е уметност на можното“!? Денес во услови на голема економска криза, секојдневен раст на цените, истата реченица може да важи и за економијата и особено за пазарувањето. И за граѓаните и за трговците и за надлежните е умешност на можното да се пронајде соодветниот баланс помеѓу цената на производите, животниот стандард на граѓаните, економската исплатливост и одржливост на стопанските субјекти, казнените одредби, глобалните ценовни влијанија итн.

КРИЗАТА ГИ МЕНУВА НАВИКИТЕ И ТРГОВСКИТЕ СТРАТЕГИИ

Потрагата по поевтини производи станува маратон, а „трката“ особено се засили последниве месеци со поскапувањата на продуктите во малопродажба. Граѓаните збунети од растот на цените, но и од засилените шпекулации и стравот од можен недостиг од одредени продукти секојдневно „трагаат“ низ маркетите за да најдат каде производите се поевтини. По најавата за намалување на ДДВ-то за храна на нула отсто, проследено со обврската трговците да ги продаваат лебот, брашното и маслото за јадење без маржа, или по набавни цени, се создаде некоја чудна и невообичаена ситуација низ маркетите.
Така, некаде има празни рафтови, повлечени производи, забрана за купување над два производа во некои од маркетите, особено од „заштитените продукти“, гратис масло за јадење, но и други „чудни“ појави на кои укажуваат граѓаните при секојдневното пазарување.
– По испразнетите рафтови со овошје во еден од нашите маркети каде што редовно пазарувам, за што ни беше кажано дека веќе нема да носат овошје и зеленчук, бев принудена да пазарувам во неколку маркети за да ги набавам сите потребни намирници. А секако овошјето и зеленчукот се меѓу нужните, ручек без зеленчук нема. Но она што ме збунува дополнително се новите брендови што ги носат. Наместо познатото масло за јадење од домашно производство, кое редовно го набавував, сега во маркетот нудат некое ново, кое изгледа многу разредено. Можеби грешам, веројатно бидејќи ми е непознато имам одбивност кон истото тоа, сепак, општо состојбите многу ме збунуваат – вели педесетгодишната скопјанка Добрила Т.
Граѓаните велат дека поради последниот бран поскапувања се принудени да бараат во кој маркет се нудат производи по пониска цена само за да ги намалат трошоците.
Во исто време се зголемија и поплаките на граѓаните кај Организацијата за заштита на потрошувачите, а се зголемија и апелите од Државниот пазарен инспекторат до граѓаните да ја пријават секоја нерегуларност во инспекторатот.

– Имаме жалби за повлечени резерви, односно за празни полици во објектите, потоа за ограничен број пакувања од некои производи, како и за зголемени цени. Денеска имаме поплаки и за ДДВ. Сите граѓани што ќе забележат нефер однесување на трговците треба да го известат Државниот пазарен инспекторат, кој е должен да направи увид во трговскиот објект и да преземе соодветни мерки, ако пријавата е точна – велат од Организацијата на потрошувачи од каде што им препорачуваат на граѓаните да бидат внимателни при пазарувањето за да знаат дали се почитуваат мерките.
Од друга страна, директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, укажува оти во изминатиов период од почетокот на првите мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, меѓу кои и одлуката за замрзнување на производите, инспекторатот постојано ја следел ситуацијата.
– Од 1 март, откако стапија во сила ограничени маржи за одредени основни производи, но и од 10 март кога стапи во сила најновата одлука со која кај одредени производи се симна маржата на 0 отсто, односно се продаваат по набавна цена – тоа се маслото, лебот, брашното и неколку други производи како оризот, шеќерот, млекото, на кои маржата е ограничена на 3 односно 4 отсто, инспекторите се постојано на терен. Само во петокот и саботата се извршени 190 инспекциски надзори, при што по однос на Законот за трговија, во делот за непочитување на одлуката во однос на маржите на производите, кај 33 субјекти се изречени прекршочни мерки, со издавање прекршочни платни налози, што значи дека безмалку 20 отсто кај извршените надзори се констатирани неправилности. Само во Скопје кај седум субјекти беа изречени прекршочни мерки за непочитување на владината одлука за продавање брашно и леб по набавна цена. Изречените глоби се во висина од 7.000 евра за правното лице и 350 евра во денарска противвредност за одговорното лице. Тоа се субјекти што спаѓаат во категоријата големи трговски друштва и затоа е толкава висината на казната – објаснува Симеска Димоска.

Директорката на ДПИ додава оти инспекторите на терен не забележале ситуации некој од трговците да чува резерви на одредени продукти, како масло за јадење во магацините, а истите тие да ги нема на рафтовите. Сепак, посочи дека забележале намален обем од некои од основните продукти, иако истите тие биле на рафтовите и исто така забележале зголемена побарувачка од граѓаните во маркетите.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, вели дека од ваквите мерки најмногу губи државата бидејќи се зголемува сивата економија.
– За жал, мерките се остварливи и добри на хартија, но во практика се применливи само кај големите трговци, кај малите тешко ќе може да дадат ефект. Малите трговци во вакви услови кога нема да можат да егзистираат поради намалениот приход, посегаат по најразлични варијанти за снаоѓање во ситуацијата. Притоа на располагање им се две опции, да продаваат или да не продаваат. Што значи дека тие ќе треба да ги делат сметките или да не издаваат сметки за она што го продаваат. Тоа значи дека државата ќе губи со тоа што ќе се овозможи пораст на сивата економија – вели Бошков.

Вчера излагање за сериозноста на ситуацијата со основните прехранбени продукти имаше и претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, кој апелираше луѓето и компаниите низ светот да не складираат храна и бензин, објави „Ројтерс“.
Малпас на виртуелен настан организиран од „Вашингтон пост“ рече дека санкциите ќе имаат поголемо влијание врз глобалното економско производство отколку самата војна. Тој посочи дека очекува силен одговор од производителите низ светот за зголемување на резервите и оти не гледа потреба луѓето да имаат дополнителни резерви во нивните кујни или ресторани.
– Во сегашните околности, вистинскиот потег не е да се купуваат брашно и бензин, треба да разбереме дека светот е динамична глобална економија, која ќе одговори (на кризата) – рече првиот човек на Светската банка.