Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски објави дека вчера инспекторите казниле и затвориле повеќе ланци на големи маркети во скопските населби Чаир, Тафталиџе, Кисела Вода и Бутел, како и во Струга. Овие супермаркети не ја почитувале владината одлука за намалување на цените на основните прехранбени производи.
Државниот пазарен инспекторат уште од средата ги проверува маркетите дали ја почитуваат одлуката на Владата за поевтинување на 25 категории основни прехранбени производи, кои треба да се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние на 1 август годинава.
– Апелирам, до сите трговци, дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните – напиша на својот Фејсбук профил директорот на Државниот пазарен инспекторат.
Тој повторува дека секој мора да ги почитува законите и владините одлуки и додава дека нема да дозволи никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните – потрошувачите.