Со спроведувањето на Договорот за слободен пристап на пазарот на трудот ќе се олеснат административната процедура за вработување на дефицитарните кадри и побрзото вработување на работниците од Албанија, Србија и од Македонија
Конкретни содржини во напорите за регионална економска соработка
Од 1 јули ќе почне да функционира отворениот пазар на трудот меѓу Србија, Албанија и Македонија, што ќе им овозможи на граѓаните на овие земји слободно да се вработуваат во овие три земји во корист на компаниите и економиите на членките на иницијативата! Марко Чадеж, претседателот на Стопанската комора на Србија, го објави тоа во јавноста.
Анализи за досегашната регионална соработка
Анализите за досегашната примена на одредбите за унапредување на регионалната соработка покажуваат дека во некои случаи, времето на трговска размена на прехранбените производи е намалено за 50 отсто, а директните трошоци и надоместоци се намалени до 80 отсто. Ова придонело за зголемување на обемот на трговската размена меѓу земјите-учеснички за речиси 30 отсто. Стопанските асоцијации од Албанија, Србија и од Македонија даваат поддршка за унапредување на регионалната соработка, која значи слободно движење на производите, луѓето, капиталот и услугите. Тоа ќе овозможи и поголема можност за привлекување странски инвестиции.
Дополнителен импулс во економската размена и развој на регионот ќе има и од спроведувањето на Договорот за слободен пристап на пазарот на трудот, со кој ќе се олеснат административната процедура за вработување на дефицитарните кадри и побрзото вработување на работниците од трите земји.
– Важно е ние да соработуваме во регионот, но и да разговараме многу активно со ЕУ за што поскоро да добиеме влез на единствениот европски пазар и да ги уживаме четирите слободи. Тоа не е само прашање на нашиот економски опстанок туку и европско безбедносно прашање, консолидација на ресурсите, идни иновации – изјави Чадеж.
Аналитичкиот центар „Аналитика“ пред десетина дена ги презентираше наодите од сеопфатното квантитативно истражување за ефектите и задоволството на домашните компании од резултатите што ги дава иницијативата Отворен Балкан. Во истражувањето со наслов „Дали Отворен Балкан ги исполнува очекувањата на домашните компании?“ беа анкетирани 150 извозно ориентирани компании, од кои 100 од преработувачката индустрија и 50 што работат во делот на туризмот.
За развој на земјоделската политика во Македонија, како дел од пошироката регионална соработка, треба да се стави акцент на субвенциите за домашното производство како важна мерка за развој на квалитетно земјоделство. За одржливо и конкурентно земјоделство, компаниите сметаат дека е потребно да се регулира откуп на земјоделските производи, да се стабилизира и да се зголеми домашното производство на храна, при што би се намалил увоз на странски производи. Понатаму, да се обезбедат подобар пласман и сигурен откуп на производите, изјави Тамара Мијовиќ Спасова.
Отстранување на дијагностицираните бариери
Професорот Борче Треновски посочи дека е значајно отстранување на нетарифните трговски бариери, како и на другите видови протекционистички мерки за транспорт и трговија со земјоделски производи помеѓу земјите од Отворен Балкан. Тој рече дека заемно признавање анализи и придружни документи и забрзан транспорт на земјоделски производи без чекање на гранични премини се многу значајни за компаниите, како и креирање заеднички платформи за настап на странски пазари.
– Подобро заедничко планирање на земјоделското производство во земјите што се дел од иницијативата е многу значајно. Со тоа ќе има поголема диверзификација на производи, поголем квалитет и истите тие ќе бидат поконкурентни на другите пазари, пред сѐ во ЕУ. Понатаму, заеднички стратегии за производството и заедничката размена во областа на земјоделството во услови на кризи и природни непогоди може силно да влијае на отпорноста на регионот на глобални и регионални потреси. Формирање посебно тело што ќе биде одговорно за задржување на стандардите на квалитет во производството на земјоделски производи и храна би значело подигање на квалитетот и конкурентноста – изјави Треновски.
Тамара Мијовиќ Спасова се осврна на заклучоците од истражувањето со извозно ориентираните компании од преработувачката индустрија и земјоделството. Генералниот заклучок е дека тие силно ги чувствуваат бенефициите од иницијативата Отворен Балкан и имаат директни придобивки од неа. Најголем дел од компаниите (57 отсто) сметаат дека можностите за трговска размена во рамките на иницијативата Отворен Балкан се идентични или слични со оние на ЕУ. Во просек, повеќе од две третини од анкетираните компании се согласуваат дека Отворен Балкан ја подобрува конкурентноста на македонското земјоделско производство и го подобрува пласманот на македонските производи.
Клучен наод од истражувањето со компаниите во туризмот е дека 58 отсто од компаниите сметаат дека со иницијативата Отворен Балкан ќе дојде до подобрување на туризмот. Бојана Мијовиќ Христовска во својата презентација се осврна на дел од препораките и заклучоците велејќи дека поврзувањето во заеднички регионален туристички пазар значи економски напредок и раст и поставување темели за одржлив развој. Компаниите оценуваат дека Отворен Балкан може да ја унапреди состојбата во туризмот во однос на финансиска поддршка и инвестиција, промоција на туристички дестинации (62 отсто), заеднички настап на трети пазари и отворање нови канали на туристичка промоција.
– Компаниите бараат осмислена креативна туристичка кампања за промоција и креирање препознатлив регионален туристички производ со кој ќе се охрабруваат мултикултурализам и туристичко брендирање како заедничка дестинација, како и градење заеднички платформи за соработка – рече Христовска. М.Ј.